Сите знаеме дека читањето го подобрува вокабуларот, ја проширува нашата перспектива, нѐ запознава со нови идеи и ја зајакнува самодовербата. Тоа е навика која е добро да ја усвоите и да продолжите да ја применувате цел живот. Се смета за клуч за успехот и, според невронаучните истражувања, не само што го исполнува нашиот мозок со информации туку и го подобрува и може да го промени начинот на кој нашиот мозок размислува и ги обработува податоците.
Зошто треба да читате секој ден?
Кога сме деца, поактивно сме вклучени во читањето и учењето нови работи за светот околу нас. Но, штом ќе го завршиме образованието и ќе продолжиме да ги постигнуваме целите во кариерата, стануваме попасивни и навиката за читање опаѓа, а во многу случаи речиси престанува.
Читањето е задолжително за луѓе од сите возрасти, па дури и 30 минути читање за работи што ве интересираат се доволни за да ги почувствувате придобивките. Станува збор за ментален тренинг кој е исто толку важен колку и физичкиот тренинг.
Фото: Freepik
На кој начин читањето влијае врз мозокот?
Иако се потребни многу повеќе истражувања во оваа област, експертите се согласуваат дека читањето е всушност вежба за емпатија. Тоа ни помага да ја разбереме перспективата на другите што е сосема поинаква од нашата и затоа го зголемува нашиот коефициент на емоционална интелигенција.
Во студиите спроведени за да се разберат придобивките од читањето истражувачите можеа да ги видат ефектите. Ако ликот од книгата вежба, делови од мозокот ќе ви се активираат како да се потите во важбалница. Друга студија посочува дека книгите што ве тераат да го преиспитате животот ви помагаат да се фокусирате и полесно да ги сфатите сложените идеи.
Оваа активност ја зајакнува вашата способност да замислувате алтернативни патишта, да помните детали, сцени и да размислувате за сложени проблеми. Тоа ве прави поупатени, попаметни и ве носи чекор поблиску до успехот.
Што се случува кога не читате доволно?
Прво, ако не читате, нема да стекнете никакво знаење, вашиот вокабулар ќе биде ограничен, а вашата способност за расудување, исто така, ќе се намали. Покрај тоа, вашата способност да се концентрирате и да сочувствувате со луѓето ќе страда со текот на времето.
Второ, ако не читате, значи дека нема да имате ментална вежба и тоа ќе ве направи склони кон ментални проблеми во староста. Истражувачите постојано докажуваат дека читањето и игрите за решавање проблеми можат да помогнат да се спречи губењето на меморијата, да се намали ризикот од стрес и да се спречат различни видови деменција кај постарите лица.
Фото: Freepik