Бројот на заболени од морбили во светот порасна во првите три месеци од 2019 година за 300 отсто во споредба со истиот период од минатата година, објавува Светската здравствена организација.
Во првото тримесечје од оваа година 170 земји пријавиле 112.000 заразени во споредба со 28.000, колку што биле регистрирани во првите три месеци од 2018 година.
Од СЗО проценуваат дека вистинската бројка на заболени е десетпати поголема бидејќи само дел од заболените уредно се пријавуваат.
Заразата од морбили е во пораст трета година по ред поради падот на бројот на вакцинирано население. Експертите истакнуваат дека болеста може успешно да се запре ако се вакцинирани 95 отсто од населението, но податоците покажуваат дека глобалното вакцинирање со првата доза од вакцината против морбили во последната година падна на 85 отсто, додека другата доза ја примиле 67 отсто од населението.
Речиси третина од заболените од морбили се хоспитализирани поради компликации што можат да доведат до инвалидитет, оштетување на мозокот, слепило и губење на слухот.
Најголема стапка на заболени има во Мадагаскар (70.000 луѓе), Украина (49.000 луѓе), Филипини (8.800 луѓе) и Венецуела (5.700 луѓе). Но, и неколку земји од Југоисточна Европа како Албанија, Србија и Црна Гора спаѓаат меѓу земјите со најмногу заразени, со 300 до 470 заболени на 100.000 жители.
Бројот на
заболени порасна и во некои богати земји со висока стапка на вакцинирано население, како САД и Израел.
СЗО наведува дека во 2017 година 110.000 луѓе починале од морбили.