X
 06.03.2020 Забава

Како евтин маркетинг-трик стана еден од најголемите успеси на Ричард Бренсон

Ричард Бренсон е познат по своите ексцентрични појавувања во јавноста. Во минатото тој се облекувал како жена, а се обидел и да го помине светот со балон. Тој несомнено е мајстор кога станува збор за промовирањето на својот бизнис на креативен начин. Но, како што покажува еден неодамнешен напис на неговиот блог, не треба да летате со балон за да ѝ го привлечете вниманието на јавноста. Понекогаш е доволно само да сте креативни.

Укради го ова пенкало

Во написот се зборува за една од првите компании на Бренсон, студиото „Манор“. Бренсон успеал да претвори стара куќа во Оксфордшир во центар за рок-музичари, но тој имал тешкотии со промоцијата на почетокот. Како го промовирал новото студио?


Фото: virgin.com

Бренсон знаел дека рок-ѕвездите сакаат да ги кршат правилата и дека ја ценат креативноста. Така, неговиот план за промоција се состоел од купување пенкала. Потоа тој испечатил една реченица на секое од пенкалата - „Украдено од Манор“ и ги оставил на разни места. Трикот функционирал и луѓето ги земале пенкалата и ги споделувале. Во студиото почнале да доаѓаат клиенти кои ги наоѓале пенкалата.

Брендираните пенкала не се целосно нова идеја, но иновацијата на Бренсон е додавањето малку хумор, што се покажало како ефективно за привлекување рок-музичари. Според Бренсон, ова направило огромно влијание врз работата на студиото, кое потоа станало многу успешно.


Фото: virgin.com

Трикот бил повторен и за друга компанија на Бренсон, „Вирџин Атлантик“. Тој направил соларници на кои пишувало „Украдено од Вирџин Атлантик“. Луѓето почнале да „ги крадат“ и да ги оставаат на масите, што поттикнувало разговор за компанијата помеѓу луѓето што биле присутни.

Лекцијата е очигледна - најдобриот маркетинг не треба да биде и најскап и најкомплициран. За да се промовирате, не треба да трошите многу, туку само треба да го разберете вашиот потрошувач.

Автор: Џесика Стилман
Извор: Inc.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава