На почетокот ја интересираше инженерството, потоа ликовната уметност и поезијата, а сега подготвува докторат на тема „Расизам и антирасизам на културната сцена во Берлин“, инспирирана од непријатно искуство за време на театарска претстава во која се случило насилство врз Роми
Евгенија Филова од Гевгелија е доказ колку можат да бидат успешни Македонците во странство на образовно и истражувачко поле. Родена е во Гевгелија, каде што учеше во гимназијата „Јосиф Јосифовски“, а потоа одлучи средното образование да го продолжи во Марибор, Словенија, преку стипендија на меѓународна образовна програма. Во Македонија има освоено први места на натпревари по математика и по физика, а во Словенија успеа да матурира со одличен успех.
- Сакав да го продолжам образованието во странство бидејќи отсекогаш бев љубопитна и имав желба да запознам други култури и луѓе со поинакви животни приказни и патишта од моите. Во текот на моето образование во Македонија редовно учествував на државни натпревари по математика и по физика и освоив неколку први места на регионални и на државни натпревари, секако, со огромна поддршка од моите родители. Успесите на образовен план ми овозможија да добијам стипендија да го довршам средното образование во Словенија како дел од меѓународна образовна програма. Таму го продлабочив моето знаење и мојот интерес во општествените науки, литература и економија. Словенечкиот јазик за мене беше нов, но за две години моето познавање стана солидно - раскажува Филова.
На студии во Обединетите Арапски Емирати со целосна стипендија
Вели дека универзитетскиот систем во Словенија е многу сличен со македонскиот, а таа како студент сакала да искуси нешто ново. За универзитетот во Абу Даби во Обединетите Арапски Емирати дознала од нејзините професори и соученици. И покрај исклучително тешкиот селективен процес, ја примиле со целосна стипендија.
- Стануваше збор за меѓународна програма на која моите соученици беа од повеќе од сто различни земји од светот и сите посетуваа предмети од природните и општествените науки, уметност и литература. Така добиваат простор и време да се одлучат во која насока ќе ги продолжат студиите. Јас започнав како студент по електротехника, со голема љубов за квантна физика. Во текот на студиите изучував дизајн и иновации преку кои имав шанса да работам на проект за инженерство со социјален фокус во Шри Ланка и Индија - вели Филова.
Дипломска работа за поетска скулптура
Преку контакти со колегите и професорите сфатила дека природните науки и инженерство не се нејзиниот вистински избор. Затоа донела одлука да продолжи со студирање ликовна уметност, фотографија и скулптура.
- Како студент по уметност, имав среќа да ја сретнам професорката по поезија која ми препорача да го земам нејзиниот предмет, кој ми го промени животот. Мојот дипломски проект беше крстосница меѓу инсталација и поезија, т.н. јазична или поетска скулптура. Годините во Абу Даби ми беа исполнети со многу патувања и животни искуства кои само ја продлабочија мојата љубопитност за стекнување нови знаења. Особена благодарност до Тарек, мојот професор по фотографија, неговото прерано заминување од овој свет претставува загуба на член од моето семејство - додава Евгенија.
Постдипломец на родови студии во Будимпешта и Виена
Со поддршка од професорите од Абу Даби била примена на неколку различни магистерски програми по уметност во Америка и во Европа. Но, стипендиите за студии по уметност се речиси непостојни, па така се запишала на постдипломски по критични родови студии на меѓународен универзитет во Будимпешта и Виена.
- Тука го стекнав неопходното знаење да можам на професионално поле да се занимавам со борбата против нееднаквоста, дискриминацијата и расизмот. Чувството за праведност и спротивставувањето на секаков вид нееднаквост, дали е тоа родова нееднаквост, дискриминација по основа на етничка припадност, религија или националност, е всушност нешто што отсекогаш ме следело, од Гевгелија до Абу Даби и Виена. А љубовта кон книгите и уметноста е нешто што е постојан дел од мојот живот, и приватно и професионално. Поминувам огромен дел од моето слободно време читајќи или следејќи некој перформанс, изложба, филм, концерт или театарска претстава.
Го истражува расизмот на културната сцена
Моментално е на докторски студии по општествени науки на универзитет во Виена каде што работи и како асистент. Подготвува докторат на тема „Расизам и антирасизам во културната сцена во Берлин“. Идејата за проектот ја добила по непријатно искуство на театарска претстава во Виена кога се случило насилство врз Роми. Евгенија вели дека културата претставува одлична платформа за борба против расизмот и каква било дискриминација во полето на културата, па ширењето стереотипи и говор на омраза е неприфатливо.
- Оваа случка ме инспирира да се посветам на борбата против расизмот во културната сцена, проект преку кој ги споив двата мои интереси - уметност и антирасизам. Катедрата за антропологија имаше отворена позиција за антропологија и уметност каде што бев примена и работам како асистент, предавајќи на додипломските студии по културна и социјална антропологија. Моите предавања се на тема расизам во академскиот сектор, антропологијата како наука и академска дисциплина, колонизацијата и трансатлантското ропство, како и делата на антрополози на темата нееднаквост, експлоатација и расизам, особено делата на жени од маргинализирани средини - нагласува таа.
Кафето во Гевгелија е највкусно
Во Македонија доаѓа неколку пати годишно да ги посети родителите и како што вели, да се напие турско кафе или грчко фрапе со нив во дворот. Но, и нејзиното омилено фредо-капучино во кафуле, кое во Македонија го има само во Гевгелија.
Фото: приватна архива