X
 14.08.2026 Живот

Програмата за откривање, развој и поддршка на надарените и талентираните ученици како интегрален дел од училишната програма

Програмата за откривање, развој и поддршка на надарените и талентираните ученици претставува интегрален, системски и задолжително планиран сегмент на училишната програма. а не повремена активност која зависи од индивидуалниот интерес на одделни наставници. Клучна теза на програмата е порака:

„Секој потенцијал треба да биде препознаен, секој талент развиен, а секој надарен ученик поддржан. На тој начин, грижата за талентот станува дел од институционалниот идентитет, развојната политика и културата на секое училиште.

Потреба: Навремено препознавање на надарените и талентираните ученици и создавање услови нивниот потенцијал да не остане незабележан и недоволно развиен.

Цели: Рано откривање на способностите и потенцијалите, развивање на надареноста во талент, индивидуализирана и збогатена образовна поддршка. Посебно треба да се обрати внимание на поттикнување на креативноста, мотивацијата и постигнувањата, социо-емоционална поддршка и соработка меѓу ученикот, наставниците, стручната служба и родителите.

Основната цел на програмата е училиштето навремено да ги препознава индивидуалните потенцијали, да создава услови за нивно развивање и да обезбедува континуирана образовна, психолошка, социјална и менторска поддршка. Крајната цел не е само идентификација на надареноста, туку трансформација на потенцијалот во развиен талент, компетентност, креативност и врвно постигнување.

Значење: Програмата овозможува училиштето системски да ги препознава, следи и развива потенцијалите на учениците, наместо грижата за надарените да биде случајна и повремена.

Структура на училишната програма за надарени и талентирани

Програмата може да има 10 едноставни и функционални делови: Појдовни основи зошто е потребна програмата. Цели на програмата – што сака училиштето да постигне. Индикатори за надареност што треба да препознаваат наставниците. Откривање (препознавање и идентификација) препознавање набљудување, предлог од наставник, родител, ученик и стручна служба. Идентификација процена со повеќе извори и критериуми. Развој на талентот – збогатена настава, дополнителни активности, проекти, натпревари и истражување. Поддршка индивидуална, менторска и социо-емоционална поддршка. Улоги и одговорности ученик, наставник, ментор, психолог/педагог, родител и директор. Следење и евалуација портфолио, напредок, постигнувања и развој на ученикот. Годишен акциски план конкретни активности, рокови, носители и очекувани резултати. Оваа структура е доволно едноставна за да стане реален и применлив дел од Годишната програма за работа на секое училиште.

Во рамките на училишната програма треба да се воспостави континуиран развоен процес: Набљудување, евиденција, препознавање , идентификација, индивидуализација, поттикнување, развој, менторство , следење и евалуација.

Носители на програмата

Главни носители на Програмата за откривање, развој и поддршка на надарените и талентираните ученици се: Директорот на училиштето – обезбедува организациски услови и поддршка. Училишниот координатор за надарени и талентирани – ја координира целокупната програма. Наставниците – ги препознаваат потенцијалите и непосредно работат со учениците. Психологот и педагогот – учествуваат во идентификацијата, следењето и психолошко-педагошката поддршка. Наставниците-ментори – индивидуално го насочуваат и следат развојот на талентот. Родителите – партнери во препознавањето и развојот на потенцијалите. Надарените и талентираните ученици – активни учесници и носители на сопствениот развој. Училишниот тим за надарени и талентирани – планира, координира, следи и ја евалуира програмата. Надворешни институции и експерти – универзитети, факултети, стручни здруженија, центри и други специјализирани институции.

Во организациска смисла би било следното: директор, училиштен координатор,  училиштен тим - стручна служба), наставник/ментор, персонални асистенти за работа со надарените и талентираните, ученик,  родител.
 
Следење на реализацијата на програмата

Следењето на реализацијата треба да биде континуирано, едноставно и мерливо. Се следат: бројот на препознаени и идентификувани надарени и талентирани ученици, реализираните активности и програми, индивидуалниот напредок на учениците, работата на наставниците и менторите. Во овој процес се следи учеството во проекти, натпревари и други активности, постигнатите резултати и признанија, соработката со родителите како и социо-емоционалниот развој и задоволството на учениците. Следењето го вршат училишниот координатор, стручната служба, наставниците-ментори и Училишниот тим за надарени и талентирани.

Програмата за откривање, развој и поддршка на надарените и талентираните ученици треба да биде интегрален и континуиран дел од училишната програма, а не повремена активност. Нејзината суштина е навремено да се препознае потенцијалот, системски да се развива и да се создадат услови тој да прерасне во талент. Успешната реализација бара заедничко дејствување на ученикот, наставникот, менторот, стручната служба, родителите и раководството на училиштето. На тој начин училиштето не е само место за стекнување знаења, туку станува средина за откривање, развој и афирмација на потенцијалите на секој ученик. „Да се препознае потенцијалот, да се развие талентот и да се поддржи неговиот пат кон извонредноста“.

Персонализирана индивидуална програма за развој на талентот

Персонализираната индивидуална програма за развој на талентот (ППРТ) е индивидуален план што училиштето го подготвува за ученик кај кого е препознаен или идентификуван изразен потенцијал во одредена област. Таа треба да биде кратка, практична и развојно ориентирана, а не дополнителна административна обврска. Основно треба да содржи: профил на ученикот – способности, интереси и силни страни, област на талентот – математика, јазици, наука, уметност, спорт итн., развојни цели – што сакаме ученикот да постигне и активности – збогатена настава, проекти, истражувања, натпревари. Во овој дел значајно е да се нагласи улогата на ментор – наставник или стручно лице кое го следи ученикот,, образовната поддршка – образовна, психолошка и социо-емоционална, соработка со родителите, временска динамика – кога и колку долго се реализира, следење на напредокот и евалуација и следни развојни цели. 

Наједноставно: Каде е ученикот сега? Кој е неговиот потенцијал? Што сакаме да развиеме? Како ќе го развиваме? Кој ќе го поддржува? Што е постигнато? Персонализираната програма не треба да значи „повеќе задачи за надарениот ученик“, туку поинакви, посложени и развојно соодветни можности за учење и создавање.

Програмата за откривање, развој и поддршка на надарените и талентираните ученици треба да стане трајна развојна вертикала на училиштето од влезот на ученикот во образованието до неговиот премин кон следното образовно ниво. Современото училиште не треба само да прашува: „Што знае ученикот?“ туку и: „Кој потенцијал го носи, како да го откриеме и што треба да направиме за тој потенцијал да стане талент?“ Запомнете! Важно е колку задачи ученикот решил, но уште позначајно е колку решенија наоѓа на една задача! Со тоа училиштето преминува од институција која главно пренесува знаење во институција која системски открива креативност, дивергентно размислување и создава услови за развој на човечкиот потенцијал.

Автор: Проф. д-р Љупчо Кеверески, Педагошки Факултет - Битола

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот