X
 06.04.2021 Наша тема

„По скалилата на успехот“ со Филип Миркуловски: На почетокот не се надевав на толку долга и исполнета кариера, а не ни сонував дека ќе бидам тренер

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите.

Кога славниот Кире Лазаров неодамна застана на кормилото на Македонската ракометна репрезентација, нормално, првите повици за помош ги упати кон уште еден наш искусен репрезентативец, Филип Миркуловски. Триесет и седумгодишниот скопјанец има двојна улога по враќањето во националниот тим, како играч и како тренер, односно помошник на Лазаров, со цел да се реорганизира селекцијата и да се извлече најдоброто од младите играчи.

Миркуловски не можеше да посакува подобар кам-бек и тоа со победата над европскиот и светски првак Данска. Со овој голем триумф тој му стави крај на својот тригодишен репрезентативен пост, а притоа, покрај Лазаров на клупата, ја најави новата македонска ракометна ера каде што акцентот ќе биде ставен на младите играчи.


Фото: Приватна архива на Филип Миркуловски

- Со Лазаров сум соиграч во репрезентацијата веќе 15 години. Се понудив да помогнам, а впрочем сите сме тука за тоа, односно да направиме една успешна работа и да ги научиме младите како треба да се однесуваат кон македонскиот дрес и како да одговорат на тактичките задачи - беше една од првите изјави на Миркуловски по враќањето во националниот тим.


Фото: РФМ

Џордан ми беше првиот идол

Вели дека откако памети за себе, се интересирал за спортот, но кошарката е таа што прва го намамила да се фати за топка. Како и многу деца од деведесеттите години на минатиот век, кога Мајкл Џордан беше буквално сè во светот на спортот и сите сакаа да бидат како него, Филип не бил исклучок од тоа. Да се има топка в рака и да се симулира погодувањето кош во последните секунди, беше сон на секое дете низ маалските игралишта во тој период, а и голема причина зошто голем дел од децата почнуваа да се занимаваат со спорт.


Фото: Филип Миркуловски

- Роден сум во Скопје, во населбата Бутел, и таму го поминав моето детство. Откако паметам за себе, ме интересира спорт. Некаде на десет години првпат се заинтересирав за кошарка бидејќи во тоа време актуелни беа „Чикако булс“ и Мајкл Џордан, па ги следев секогаш кога имаше НБА на телевизија. Мајкл ми беше прв идол, односно како треба да изгледа и да се однесува еден вистински спортист на терен - вели Филип.


Фото: Горан Анастасовски

Татко ми ми ја всади љубовта кон ракометот

Сепак, Џордан не бил единствената причина Миркуловски да се реши сериозно да се занимава со спорт. Тука игра улога и неговиот татко, кој бил ракометар, и токму тој му вметнал уште една спортска бубачка, покрај кошаркарската, а тоа е ракометната. Тогаш Филип почнал паралелно да ги тренира двата спорта. Му недостигало некој сантиметар повеќе во висина за дефинитивно да продолжи професионално со кошарката, но сепак не зажалил што заврши во ракометот.



Фото: Горан Анастасовски

- Како дете ги играв речиси сите маалски игри, а најмногу игравме кошарка. Прв спорт што го тренирав беше кошарката. И ден-денес многу ја сакам кошарката и сигурно ако бев малку повисок, ќе продолжев со неа. Ама на крај добро испадна и со ракометот. Мојот татко, исто така, има играно ракомет, и тоа на голманска позиција. Па ете, тој ми ја всади љубовта кон ракометот. Но, никогаш не ми наметнувале да тренирам ракомет. Сè си дојде спонтано бидејќи тренирав и ракомет и кошарка паралелно, за на крај да се одлучам за ракометот и мислам дека не згрешив - кажува Филип.


Со сопругата и со ќерките / Фото: Филип Миркуловски

На 13 години први ракометни тренинзи

Првите ракометни тренинзи Миркуловски ги имал во Основното училиште „Панајот Гиновски“. Тој смета дека релативно доцна почнал да тренира, но сепак спортските предиспозиции, борбениот дух и работната етика му овозможиле брзо да напредува. Средношколските денови ги поминал во клупите на „Васил Антевски-Дрен“, а има завршено и Правен факултет.


Фото: Филип Миркуловски

- Ракомет почнав да тренирам релативно доцна, на тринаесет години, имајќи предвид дека денес почнуваат многу порано, на девет-десет години. Почнав во моето основно училиште „Панајот Гиновски“. Тоа беше еден вид ракометна секција и оттогаш почна мојата љубов кон ракометот. Во Автокоманда со РК „Македонија“ почнаа моите професионални тренинзи. Прв тренер ми беше Томче Христов, а многу научив и од нашата ракометна легенда Игор Котевски. Со нив ми беа првите професионални тренинзи - додава Миркуловски.

Не се надевав на толку долга и исполнета кариера


Македонската ракометна легенда Пепи Манасков е меѓу првите ракометни идоли што ги имал Филип, како и многу други наши млади играчи, особено од неговата генерација. Брзината на играта и дуелите се тоа што секогаш го привлекувало кон ракометот, а уште од самите почетоци негова цел била еден ден да заигра за националниот тим.


Фото: Горан Анастасовски

- Уште како мал ја следев нашата репрезентација и многу ми се допаѓаа игрите на Томче Петревски и на Пепи Манасков. Подоцна кога Хрватска беше водечка сила во ракометот, идол ми стана Ивано Балиќ. На почетокот амбициите не ми беа многу големи, како и секој почеток на тие години, но со текот на времето и како станував сè подобар и подобар, растеа пропорционално и моите очекувања. Посакував да играм за репрезентацијата на Македонија, а на клупско поле да играм во Лига на шампиони. Но, искрено, на почетокот не се надевав на толку долга и исполнета кариера - додава Миркуловски.


Фото: Горан Анастасовски

Цела кариера со „баксузната“ 13-ка на дресот

Иако 13-ката се смета за баксузен број, Миркуловски целата богата кариера ја има поминато токму со овој број на својот дрес. Тој има сменето четири клуба, а ракометниот клуб „Металург“, каде што се задржа најдолго, односно 12 години, го издвојува како најплоден период во кариерата и место каде што ги доживеал најубавите спортски моменти. Во „Металург“ имаше можност да учи од славниот Лино Червар, кој му е и омилен тренер.


Фото: Филип Миркуловски

- Имам играно за Македонија, Металург, Хановер и за Ветзлар. Цела кариера го носам бројот 13. На почетокот го носев на ракометни натпревари за моето училиште бидејќи
бројот 3 беше зафатен од друг играч. Никогаш не го променив бројот бидејќи мислев дека тринаесетката ми носи среќа. Единствено во Хановер и една година во Ветзлар носев број 91, бидејќи тринаесетката беше зафатена, а исто така и дваесет и тројката на Мајкл Џордан. Во тој случај се одлучив за 91, бројот на Денис Родман, бидејќи многу ми се допаѓаше како игра одбрана. Играњето за „Металург“ ми е најуспешното поглавје во кариерата. Најверојатно затоа што таму ги поминав најубавите години во мојата кариера, а нормално и успесите во Лига на шампиони ми беа најдраги. Во мојата кариера имав многу тренери. Од сите еднакво учев, но можам да кажам дека Лино Червар ми е омилен - додава Филип.


Фото: Горан Анастасовски

Не сонував да бидам тренер, но сега сакам да пробам

Секое стекнато искуство во кариерата Миркуловски несебично го дели со своите помлади колеги. Кога бил во играчкиот зенит, не размислувал да стане тренер, но како што поминувале годините, тоа се променило и тој веќе има статус на асистент-тренер во клубот „Ветзлар“ во Германија, а сега и во репрезентацијата.


Фото: Филип Миркуловски

- Додека активно бев само играч, не мислев дека ќе сакам да бидам тренер, но во клубот во кој сум сега, во „Ветзлар“ во Германија, ми дадоа идеја да се пробам и во тие води. Еве веќе една година сум играч и помошник-тренер. Иако не сум сонувал да бидам тренер, сега од оваа перспектива сакам да пробам. Сето она што сум го стекнал како искуство и како знаење гледам несебично да им го пренесам на помладите. На почеток сум на мојата тренерска кариера, па ќе видиме понатаму како тоа ќе се одрази врз нив - кажува Миркуловски.


Фото: РФМ

Станавме идоли на многу деца

Филип на терен се разликува како ден и ноќ од Филип во приватниот живот. Една од придобивките што изгради успешна ракометна кариера е тоа што не мора да оди по неговата струка, а тоа е правник, велејќи дека во тој случај ќе морал многу да зборува. Благодарение на него, Лазаров и остатокот од неговата врвна ракометна генерација, овој спорт кај нас стана број еден и еден од ретките во кои младите можат да се надеваат на успешна кариера и од финансиски аспект.

Фото: Филип Миркуловски

- Да. Ракометот кај нас е број еден спорт со оглед на резултатите на репрезентацијата и, нормално, резултатите на Металург, Вардар, па сега и Еурофарм. Поради таа популарност предводена од успесите на клубовите и репрезентацијата, на многу деца им станавме идоли. Се отворија доста ракометни училишта. Речиси нема општина која не е покриена со ракометно училиште. Од најмала возраст се направени услови за децата рано да можат да се занимаваат со овој спорт. Јас кога бев дете, се сеќавам одев со два автобуса за да стигнам на тренинг, а денес сите тренираат во своите населби - вели Миркуловски.

Насловна фотографија: РФМ
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема