X
 13.06.2024 Здравје

Дали само пивото е виновно за „пивскиот стомак“?

Пивото им е омилен пијалак на многу луѓе, особено во лето. Но, за жал, тоа задоволство често доаѓа во комбинација со озлогласениот пивски стомак. Тенденцијата за зголемување на стомакот се зголемува како што стареете, а мажите се особено подложни на тоа.

Сепак, не сите пивопијци имаат пивски стомак, а некои луѓе што воопшто не пијат алкохол имаат поголем стомак. Прашањето е што всушност предизвикува мажите, а и некои жени, да го развијат озлогласениот пивски стомак?!

Салото на стомакот не е нужно предизвикано од пивото. Виновниците за пивскиот стомак се всушност калориите, без разлика дали тие доаѓаат од алкохол, сокови или премногу порции храна. Сепак, се чини дека алкохолот има посебна врска со салото на торзото.

- Општо земено, внесот на алкохол е поврзан со поголем струк бидејќи кога пиете алкохол, црниот дроб согорува алкохол наместо маснотии - објаснува д-р Мајкл Џенсен, истражувач за дебелина во клиниката „Мајо“ во Рочестер.

Виновно е и пивото бидејќи лесно е да се претера со калориите од алкохол. Класичното пиво има 150 калории, а ако испиете неколку пива на едно седење, може да добиете сериозно преоптоварување со калории. Алкохолот, исто така, може да го зголеми вашиот апетит. Понатаму, кога пиете пиво во бар или на забава, храната што ја имате при рака е често погуста, како што се пици, пилешки крилца и друга пржена храна. Кога внесувате повеќе калории отколку што согорувате, вишокот се складира како маснотии. Каде вашето тело ќе ја складира оваа маснотија е делумно определено од вашата возраст, пол и хормони.

Жените имаат повеќе поткожни маснотии од мажите, па овие дополнителни масни калории обично се депонираат во нивните раце, бутовите и задникот, како и во нивниот стомак. Со оглед на тоа што мажите имаат помалку поткожно масно ткиво, тие повеќе складираат во стомакот. Пивскиот стомак обично е поизразен кај постарите луѓе бидејќи како што стареете, потребите за калории се намалуваат, често станувате помалку активни и полесно добивате на тежина.

Бидејќи нивото на хормоните се намалува кај мажите и жените како што стареат, тие имаат поголема веројатност да складираат маснотии околу стомакот. Истражувањата покажуваат дека пушачите, исто така, можат да складираат повеќе маснотии во стомакот.

- Не постои магичен начин да се ослободите од салото од стомакот, освен докажаниот метод за намалување на внесот на калории и постојана физичка активност. Мононезаситените масти и таканаречените „диети за губење маснотии од стомакот“ нема да го намалат вашиот стомак побрзо од која било здрава, нискокалорична диета - предупредува д-р Џенсен.

Извор: net.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје