X
 06.06.2018 Култура

„Последиците од Холивуд и од Елвис Присли се реално шоу кое го живееме денес“



Славниот режисер Емир Кустурица, во рамките на меѓународниот собир „Белградски контрапункт“ во Југословенската кинотека, истакнал дека културата пропаѓа затоа што пропаѓа државата и дека сите држави во светот пропаѓаат затоа што се пречка за остварување на интересите на традиционалните корпорации.


Емир Кустурица
(Фото: Tanjug)


„Кога зборуваме за глобализација, мораме да споменеме две нешта. Едното се однесува на позитивното здружување на светот. Јас свирев и ги прикажував своите филмови во сите делови од светот и глобалниот пристап до артефактите од малите средини прави големи, ако тие имаат што да кажат, но ме интересираше политичкиот извор на создавањето можности за ефикасна глобализација“, рекол Кустурица.

Тој смета дека глобализацијата најмногу успеала во изедначувањето на конформистичките идеи во светот.

„Денес сигурно можеме, наместо Робеспјер или Његош, да им подигнеме споменик на фрижидерот или на фотелјата за масажа, на „мерцедесот“, на малиот авион и на сите континенти би се сложиле дека тоа е подобро од Робеспјер, затоа што сите тоа го препознаваат како блиска тема“.

Тој, исто така, се осврнал и на трговскиот центар како либерално културно дело што ги зафатило сите земји.

„Целиот град се сели во шопинг-моловите и таму ги погребува градските симптоми на стара Грција и културата која христијанската цивилизација ја наследила од своите претходници. Јас очекувам во шопинг-моловите наскоро да вградуваат сакрални објекти, спа-центри и тука ќе се вселат градските управи, а бидејќи кината ги презеде ’Нетфликс‘, можеме комотно да тврдиме дека во некогашните сали ќе се одржуваат нередовни заседанија на општината“, додал познатиот режисер.

Кустурица истакнал дека е лесно да се каже кога почнала глобализацијата и изразил уверување дека таа почнала со откритието на телевизијата и распадот на СССР.

„Радиото ја немаше таа пропагандна моќ. Кога ќе ја земеме брзината со која најбрзите јавачи на Џингис-хан пристигале на брегот на Дунав од другата страна на светот, се зборувало дека им биле потребни десет дена. Денес информацијата од едниот на другиот крај од светот стигнува побрзо од куршум и најчесто има посмртоносно дејство од самиот куршум.“

Демократскиот тоталитаризам што според него го наследил тоталитаризмот од советски тип најмногу сака да го шири пазарот преку бомбардирање и никако не трпи да има ресурси таму каде што тие не управуваат директно или непосредно.

„Сè се комплицира бидејќи комунистичка Кина има бомби со долг дострел, како и Руската Федерација, па наполеонско-хитлеровскиот синдром засега се јавува само во форма на собирање жива сила и хуманизам“, констатирал тој.

Кустурица истакнал дека глобализацијата не може да се одвои од воено-стратешките цели и дека постои како политички концепт што ја меле културата и сè останато.

„Прво доаѓа Мадона, па НАТО. Ние трпевме бомби заради демократија, а кога се уништени 240 храмови, тој свет не реагираше за заштита на таа култура. Глобализацијата има потреба од нов профит и нема хуман аспект, само технолошки.“

Тој се присетил дека пред 20 години весникот „Њујоркер“ објавил дека културата како катарзично или аполоновско дејствување на масата не треба да постои, туку дека треба да се консумира.

„Тоа е во спротивност со социјалистичката идеја на господинот Хосе Мухика дека културата е рутина на дневното сообраќање со луѓе и дека најдобрата последица е начинот на кој ќе им се обраќаме на другите и начинот на кој ќе живееме заедно“, рекол Кустурица.

Според него, во блиската историја имаме пример дека со силен поредок може да се направи компактна мултикултурна средина.

„Југославија, условно речено, била компактна мултикултурна средина, но за тоа можеме да му се заблагодариме на поредокот, а не на некој што мислел на иднината. Во оваа средина сè уште не смее да се проговори за Тито како што заслужува, но луѓето се стремат кон она што создава поредок, а тој го имал тоа“.

Кустурица се осврнал на ставот на западните интелектуалци дека идеологијата не треба да постои бидејќи е вкоренета во фашизмот или комунизмот, и дека наместо тоа, користи надидеологија и тоа на догматски начин, покривајќи го пазарот како главен извор за ширење идеи на еднаквост меѓу луѓето до кои не доаѓа.

„Денес во Европа гледаме сè поголеми разлики, луѓето се чувствуваат загрозени и се свртуваат кон своите национални проекти. Ударните термини на телевизиите во Франција и во Англија во основата се сочинети со градиво кое е догматско и служи огромната маса финансиски капитал да го поттурне во нови простори и преку националните банки да ја држи својата рака над производството во целиот свет“, оценил Кустурица.

Тој потсетил и на идеализираниот свет што го нудеше Холивуд во 50-тите и 60-тите години на минатиот век, за да се претвори во „религија без бог“, а телевизијата станала најсилно средство во рацете на елитите, забележувајќи дека филмот станал бездушен затоа што неговиот автор не сака да се занимава со човекот, туку со профитот.

Неговата констатација била дека последицата од Холивуд и од Елвис Присли е реално шоу што го живееме денес, кое банализира цели народи и претставува последен удар на нашата ништожност и губењето на самопочитта, што е и целта. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура