X
 17.04.2019 Култура

Скопје филм фестивал почнува вечерва, ќе има и омаж на актерот Мето Јовановски

58 играни, кратки, документарци, работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, презентации и дискусии ќе бидат на програмата на 22. Скопје филм фестивал, кој ќе биде отворен вечерва во 20 часот во киното „Милениум“. Освен во ова киносала, програмата ќе се одвива и во киното „Фросина“, но и во Кинотеката, и кафе и филм „Котур“, до 25 април.
Фестивалот ќе биде отворен со премиера на играниот филм „Втора шанса“ на режисерката Марија Џиџева, кој е нејзин прв долгометражен филм, по неколкуте успешни документарци.

Филмот е по сценарио на Огнен Георгиевски, а во продукција на Small Moves Films и „Биберче продукција“.
Улогите во оваа современа драма ги толкуваат: Мирјана Карановиќ, Даниела Ивановска, Наталија Теодосиева, Данчо Чеврески, Дениз Абдула, Златко Митрески. Директор на фотографија е Дејан Димески.

Плакатот за фестивалот го изработи Зоран Кардула

„Втора шанса“ ги испреплетува приказните за три жени што живеат во ист станбен комплекс за да создаде калеидоскопско набљудување на уникатното искуство на мајчинството, како и на самопожртвуваноста на носењето нов живот во овој свет. Секоја од овие жени се обидува да ја пронајде смислата на своето постоење за време на апсурдното и бесмислено време кога Македонија е на граница на граѓанска војна во 2001 година, и секоја од нив се соочува со свои лични демони, обидувајќи се да ја зачува својата хуманост.


Сцена од филмот „Втора шанса“ на Марија Џиџева

Директорката на фестивалот, Татјана Јаневска, вели дека се среќни што првпат фестивалот се отвора со филм на жена-режисер. Таа го издвојува и омажот за еден од најголемите македонски филмски актери, Мето Јовановски, програма што ја подготвија заедно со Кинотеката на Македонија.
Филмовите се распоредени во 11 програми, меѓу кои се: филм за отворање, гала-програма, посебни проекции, фокус на француски филм, програма на европски филм, денови на квир-кино, панорама на светски филм, македонска продукција, кратки филмови, документарни филмови и омажот на Мето Јовановски.
Во гала-програмата годинава публиката ќе ја види премиерата на „Фаренхајт 11/9“ на Мајкл Мур, кој овој пат се занимава со политичкото влијание од победата на Трамп. Тука е и новиот филм на Емир Кустурица „Ел Пепе, еден возвишен живот“ посветен на поранешниот уругвајски претседател Хозе Мухика - Пепе.



Во оваа програма се уште три значајни остварувања – „Тврдина“ на Игор Зајцев – филм за владеењето на Петар Први, „Хотел Мумбај“ на Антони Марас, кој зборува за терористичките напади во Мумбај во 2008 година и новиот филм на иранскиот режисер Џафар Панахи – „Три лица“.
Годинава фестивалската публика ќе може да ги види и најдобрите француски филмови во програмата фокус на францускиот филм, чиј селектор е Навид Сарем, меѓу кои и новиот филм на Гаспар Ное, „Климакс“. Во програмата европски филм на ова фестивалско издание ќе бидат прикажани шест филма од најнова продукција. Селектор на програмата кратки филмови е Алексеј Димитров, кој избра 16 наслови.


Ќе биде прикажан и филмот „Климакс“ на Гаспар Ное

Од лани Скопје филм фестивал почна со реализација на програмата денови на квир-кино во која се прикажуваат филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор. Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот прави обид да отвори теми кои извираат од квир-културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар и да создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините. Селектор на оваа програма е Александар Ковачевски.

Во програмата „Македонска продукција“ фестивалот ќе прикаже три нови краткометражни филмови на режисерите Сезер Салихи, Ана Јакимска и Антонио Велјановски. Ретроспективата во чест на големиот Мето Јовановски свечено ќе почне утревечер во Кинотеката со филмот „Кога ќе осамне денот“ во режија на Горан Паскаљевиќ. Во рамките на оваа програма ќе бидат прикажани осум филма: меѓу кои култниот „Тетовирање“ (1991) и поновиот „Пресуда“(2014) на режисерот Стефан Командарев.
Во рамките на фестивалот ќе се одржи тренинг-програмата „Умешноста на добриот пичинг: подготовка и пракса“ со Брајан Мекгил. Оваа работилница се одржува во соработка со „Creative Europe“ Desk MEDIA MK и Агенцијата за филм.

Втората работилница е за основните филмски техники, по која ќе има јавна презентација на резултатите.
По проекцијата на филмот „Фрик и шик“ за Жан Пол Готје ќе се одржи дискусија за модата и родовите, сексуалноста и перформативноста. Специјална гостинка е Луиз Валенберг, професорка по модни студии во Центарот за модни студии при Универзитетот во Стокхолм.
Гости на фестивалот се и селекторот Навид Сарем од Франција, актерката од филмот „Киселина“, Анастасиа Евграфова и Кахејн Куперман, режисерка на филмот „Виолината на Џо“.
Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е македонскиот дизајнер Зоран Кардула.

Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура