Симулациите што ги изработија Машинскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за реформа на тарифниот систем за електрична енергија покажуваат дека со воведувањето четири блока на потрошувачка само во високата тарифа дури 87 отсто од домаќинствата во зимскиот период би плаќале пониска цена на електричната енергија во високата тарифа (дневна струја) отколку со постојниот тарифен систем, а во летниот период тој процент би достигнал до 92 отсто.Ова беше посочено на денешната прва јавна расправа за реформа на тарифниот систем за електрична енергија организирана од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) на која беше прецизирано дека првата блок-тарифа ќе се однесува на корисниците кои трошат до 210 киловат-часа електрична енергија во високата тарифа, вториот блок ќе биде за потрошувачите што трошат до 420, третиот од 420 до 630 и четвртиот над 630 киловат-часа во висока тарифа.
Како што истакна професорот Рубин Талевски од ФЕИТ, нивните симулации покажуваат дека потрошувачите од првиот блок би плаќале поевтина скапа струја од сегашната доколку од 1 јануари годинава бил воведен новиот тарифен систем со блок-тарифи, потрошувачите од вториот блок би плаќале речиси исто колку со постојниот тарифник, за оние од третиот блок би имало мало зголемување, а во четвртиот блок би имале дури и 48 отсто поголема сметка.
- Тие домаќинства што имаат потрошувачка во висока тарифа помала од 420 киловат-часа месечно ќе плаќаат помалку од 5 до 13 проценти. Во третиот блок ќе плаќаат нешто поголема сметка, а во четвртиот блок би плаќале од 17 до 50-ина проценти поголема сметка. Согласно овој модел секое идно покачување на цената на електричната енергија ќе влијае помалку за оние што се во првиот и вториот блок отколку што е во моментов - прецизира Талевски.
Со воведување на блок тарифите за домаќинствата, како што посочи, прва клучна работа е тоа што ќе се раздвојат сметките или тарифите за електрична енергија и мрежни услуги, односно преносот и дистрибуцијата како што е случај со потрошувачите што се на слободниот пазар.
- Покрај тоа, цената за домаќинствата во четвртиот блок ќе биде еднаква со цената за правните лица во висока тарифа. Друга новина што се воведува е потрошувачите од категоријата 2 тарифен степен, народски наречено потрошувачи што плаќаат индустриска струја, а и за улично осветлување се воведува и ноќна, односно ниска тарифа која досега не постоеше. Предлагаме да се елиминира и можноста правните лица да бидат евидентирани како домаќинства - рече Талевски.
Во зимските месеци, како што кажа, 87 отсто од домаќинствата ќе имаат сметки помали од 13 до 0,1 отсто.
-Тоа ги опфаќа домаќинствата што имаат просечна потрошувачка помала или еднаква на 900 киловат-часа месечно. Остатокот од домаќинствата 12-ина отсто би имале поголеми сметки. Во летните месеци приказната е слична. Малку се поголеми процентите, меѓутоа, границите се пак тие, 900 киловат-часа месечно просечно за кои домаќинствата би плаќале помали сметки, посочи Талевски.
Професорот Константин Димитров од МАЦЕФ истакна дека со воведувањето блок-тарифи околу 60.000 домаќинства од Скопје ќе бидат привилегирани, бидејќи се приклучени на централното греење и ќе немаат високи сметки за струја. За разлика од нив, како што кажа, ќе бидат казнети корисниците кои Владата ги субвенционираше за да купуваат инвертер-клима уреди, бидејќи тие ќе треба да плаќаат повисоки сметки за потрошената електрична енергија заради потребата од греење во дневниот период.
Според него, не треба единствен критериум да биде колку електрична енергија се троши на едно броило и треба да се земе предвид и колку луѓе живеат во еден стан, зашто, како што кажа, нормално е повеќе луѓе да трошат повеќе енергија.
Александар Дединец појасни дека доколку едно домаќинство потроши 250 киловат-часа, првите 210 киловат-часа ќе ги плати по цена од првиот блок, а останатите од вториот блок. Побара да не се деморализираат граѓаните и да се враќаат на нееколошките начини на греење и додаде дека со сегашната цена на струјата поевтино е да се греат на струја отколку на дрва.
Предложи да се размисли да се воведе некој фиксен надомест за сопствениците на викендички кои најчесто преку годината не трошат струја, туку само плаќаат надомест за комунална такса. Според него, и покрај тоа што тие не трошат електрична енергија, ЕВН нив ги опслужува и има трошоци за одржување на мрежата зошто тие кога и да дојдат во објектот, може да го вклучат прекинувачот за електрична енергија и веднаш имаат енергија во викенд куќите и становите.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, посочи дека презентираниот модел на блок-тарифи на првичната јавна расправа засега е најсоодветен и дава добри резултати, но најави дека ќе има уште две или три јавни расправи на кои експертите ќе можат да ги кажат своите забелешки.
- Можеби од нивните анализи ќе произлезе дека треба да има три блока или првиот блок да биде до 180 киловат-часа, рече Бислимоски и додаде дека сакаат да бидат сигурни дека новиот концепт ќе ги даде резултатите што се бараат од него.
Главната цел на концептот, како што кажа, е да се рационализира потрошувачката на електрична енергија и оние што трошат повеќе да плаќаат по повисока цена, но и да ја подобрат енергетската ефикасност.
- Целта е да испратиме сигнал до потрошувачите што многу трошат, да ја намалат потрошувачката, иако кај нив има најголем процент на наплата, и да вградат енергетско ефикасни уреди. Како држава во целост не можеме да ги обезбедиме потребите со електрична енергија. Прв чекор за ставање ред е воведување блокови за да се намали вкупната потрошувачка и да му се остави простор на ЕСМ да биде многу поактивен на пазарот на мало за да може да заработува - потенцира Бислимоски.
Извор: МИА