X
 06.06.2024 Живот

Андреа Мојсоска, матурантка во училиштето „Нова“: Чест, но и голема одговорност е да студираш на Универзитетот „Колумбија“

Аплицирала на повеќе факултети во Соединетите Американски Држави, Канада, Холандија и Обединетото Кралство, но матурантката Андреа Мојсоска образованието го продолжува на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк. Била примена и на Помона колеџ, универзитетот во Ричмонд, Институтот за Технологија во Илиноис, Универзитетот во Торонто, Универзитетот во Тилбург, Универзитетот во Единбург, Универзитетот во Манчестер и Ројал Холовеј и Универзитетот во Лондон. Сепак, финалната одлука паднала на „Колумбија“, пред сè, поради тоа што сакала да ја реализира својата желба за учење и истражување.

Претежно целеше на универзитети во САД, Британија и Канада. Што те привлече најмногу кон овие држави?

Условите во поглед на истражувачката дејност, можноста да работиш под менторство на истакнати професори во својата област, како и разноликоста на студентите и нивните гледишта, ме поттикнаа да се потрудам да станам дел од една ваква заедница. Дополнително, со оглед на тоа што средното образование го завршив на англиски јазик, училиштето ме подготви да го продолжам академскиот пат на истиот јазик во една од овие држави.

Твојот избор е Универзитетот „Колумбија“, каде што студирале луѓе кои оставиле свој печат во светската историја, како Теодор и Френклин Рузвелт, Барак Обама, Медлин Олбрајт, Исак Асимов, Џ. Д. Селинџер и многу други. Дали ова сознание ти претставува притисок или е инспирација тоа што ќе чекориш таму каде што поминале многу големци?

Од една страна, голема чест ми претставува тоа што сум стипендист на Универзитетот „Колумбија“, но од друга страна, чувствувам голема одговорност, што ќе ми биде поттик да ја оправдам довербата што ми ја даде овој универзитет. Успесите и придонесите на алумните на „Колумбија“ ме инспирираат решително да зачекорам во светот на науката и да ја реализирам сопствената желба за учење и истражување, заедно со моите колеги студенти.



Какви се твоите очекувања од целиот образовен процес во Универзитетот „Колумбија“?

Се надевам дека образованието на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк ќе ги прошири моите познавања, како од академска така и од воннаставна перспектива. Со нетрпение очекувам да ѝ се посветам на науката, но и на литературата, уметноста и музиката - предмети кои се задолжителни за секој студент во рамките на уникатната „Core Curriculum“ на „Колумбија“. Исто така, нетрпеливо очекувам да се вклучам во активностите организирани во рамките на програмата за стипендисти. Преку нив, се надевам дека ќе стекнам подлабоко разбирање за богатата историја на градот Њујорк, како и уметноста што ја создаваат луѓето што живеат и творат во неговите квартови.

Се одлучи да студираш когнитивна наука и невронаука. Зошто токму оваа насока и како воопшто се заинтересира за неа?

Интердисциплинарноста на овие полиња ќе ми овозможи да го осознам човековото секојдневие од перспектива на биологијата, лингвистиката, информатиката и психологијата. Мозокот и неговите функции се одговорни за секое едно дејство, од трчање до искажување комплексни мисли. Притоа, ми се допаѓа што невронауката и когнитивната наука се во константна фаза на развој - што е воочливо низ областите како невроправо и невроекономија, отворајќи безброј нови и свежи истражувачки прашања, дилеми и решенија. Понатаму, со оглед на скорешниот развој на вештачката интелигенција, овие полиња стануваат сè позначајни за развојот на општеството и човештвото.



Дали планираш по студиите да се вратиш во Македонија или сепак би сакала да останеш во странство?

Иако иднината е непредвидлива, би сакала да продолжам на постдипломски студии во областа на когнитивната наука и невронауката. По завршувањето на овие студии би ми било предизвик да учествувам во развојот на овие области како образовни дејности во Македонија.

Кога и зошто се запиша во „Нова“ и колку си задоволна од курикулумот и професорите во училиштето?

Се запишав во гимназијата „Нова“ благодарение на стипендијата „Борис Трајковски“. Иако часовите ги започнавме онлајн за време на пандемијата, професорите и администрацијата се погрижија воопшто да не се намали квалитетот на наставата. Дополнително, Меѓународната матура чиј курикулум „Нова“ го спроведува, ме научи да учам, добро да си го организирам времето и критички да го анализирам стекнатото знаење. Пред сè, професорите беа секогаш ентузијастични и желни да го споделат своето знаење со нас, притоа зацврстувајќи и инспирирајќи ја мојата љубов за науката.

Колку и како „Нова“ ти помогна да стигнеш до овој престижен универзитет?

Гимназијата „Нова“ одигра важна улога во мојот пат до Универзитетот „Колумбија“. Пред сè, училишната средина и програмата на Меѓународната матура ме мотивираа да се стремам кон интердисциплинарно размислување, обликувајќи ги моите интереси и способности. Исто така, преку академското советување што „Нова“ го обезбедува за сите ученици, гимназијата ни овозможи безрезервна поддршка при самиот избор на факултети и процесот на аплицирање.



Што е најважно во текот на процесот на аплицирање? Што најмногу гледа приемната комисија?

На американските универзитети комисијата го зема предвид целокупниот профил на ученикот - оценките, воннаставните активности и есеите. Преку сите овие елементи тие проценуваат колку профилот на ученикот се совпаѓа со профилот на универзитетот во однос на средината, студентската култура и академските услови. Така, секој дел од апликацијата е еднакво вреднуван, што го прави овој процес холистички.

Што би им порачала на сите средношколци во земјава околу уписот на вакви реномирани универзитети?

Поставете си високи цели, имајте план како да ги остварите и верувајте во својот потенцијал.

Фото: приватна архива

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот