Реформите во трудовото законодавство би требало да го земат предвид принципот на еднакво наградување за работа со еднаква вредност. Тоа значи дека работодавците се должни да формулираат опис за секое работно место во нивната компанија во однос на бараните вештини и компетенции, како и очекуваните резултати и исходи. На тој начин, определувањето на платите би било врз основа на мерливи критериуми. Подобрувањето на позицијата на ниско платените работници, а особено на жените може да се постигне и преку подигнување на улогата на социјалниот дијалог и колективното договарање.
Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО
Родовиот јаз во примањата е можеби еден од најдобро утврдените емпириски факти во економијата, кој е предмет на повеќедецениска научна опсервација. Литературата за детерминантите на родовиот јаз во примањата има изградено повеќе теории кои го објаснуваат перманентниот карактер на овој феномен во подолг временски период. Од една страна, теоријата го истакнува значењето на разликите во индивидуалните карактеристики, каде што пониските приходи кај жените се должат на улогата на мајчинството во понудата на труд или поголема веројатност за вклученост во хонорарна работа. Од друга страна, втората група економисти се фокусираат врз улогата на општествените норми и перцепции, како што е професионалната сегрегација или статистичка дискриминација, со кои може да се објасни феноменот на родовиот јаз во примањата.
Имајќи го предвид големото економско и општествено значење на родовиот јаз во примањата, не случајно Шведската кралска академија на науките оваа година Нобеловата награда за економски науки ѝ ја додели на Клаудија Голдин. Таа е трета жена во историјата што има добиено Нобелова награда за економија, но првпат се јавува како самостоен лауреат. Клаудија Голдин е професор по економија на Универзитетот во Харвард и кодиректор на Националното биро за економски истражувања. Нејзиниот придонес како заслуга за добивање на најпрестижната наука во економијата е за унапредување на сознанијата за родовите исходи на пазарот на труд, односно за откривање на клучните двигатели на родовите разлики. Имено, Голдин првпат обезбедува сеопфатен приказ на женските примања и учеството на жените на пазарот на труд низ вековите, како и потеклото на постојниот родов јаз.
Клаудија Голдин детално ги истражила архивите во САД собирајќи податоци за период од 200 години, што ѝ овозможило да покаже на каков начин и зошто родовите разлики во примањата и стапките на вработеност се промениле во текот на времето. Голдин утврдила дека женската стапка на активност нема континуирана нагорна тенденција во текот на целиот овој период, туку дека има облик на латинската буква U. Имено, активноста на жените се намалила во почетокот на деветнаесеттиот век со транзицијата од земјоделско кон индустриско општество, а потоа почнала да се зголемува во почетокот на дваесеттиот век со порастот на услужниот сектор. Таа објаснува дека ваквиот образец се должи на структурните промени и развојот на општествените норми во однос на женските одговорности во домот и семејството.
Во текот на дваесеттиот век степенот на образование на жените континуирано се зголемува и во повеќето развиени земји денес тој е повисок од оној на мажите. И покрај модернизацијата, економскиот раст и растечката пропорција на вработени жени, сепак, јазот во примањата меѓу жените и мажите сѐ уште постои. Според Клаудија Голдин, дел од објаснувањето е дека одлуките за школување кои се одразуваат врз кариерните можности во текот на целиот живот се прават на релативно рана возраст. Доколку очекувањата на младите жени се формираат според искуствата од претходните генерации, на пример, нивните мајки кои не се враќале на работа сѐ додека децата не пораснеле, тогаш развојот ќе биде бавен.
Во РС Македонија, родовиот јаз во примањата може да се оцени со помош на податоци од Анкетата за приходите и условите на живеење. Оваа анкета, позната како EU-SILC 1, во рамките на ЕУ првпат беше спроведена во 2003 година, додека кај нас, Државниот завод за статистика ја спроведува на годишно ниво почнувајќи од 2010 година. Таа обезбедува податоци за приходите и условите на живеење на населението врз база на репрезентативен примерок и претставува основа за пресметување на индикаторите за сиромаштија и социјална исклученост.
Со помош на податоците од Анкетата за приходите и условите на живеење се утврдува медијалната плата како просечна вредност. Оттука, може да се пресмета процентот на вработени кои се ниско платени, при што како праг се земаат две третини од медијалната плата. За илустрација, на графиконот подолу е прикажана распределбата на примањата кај мажите и жените во РС Македонија за 2016 година, а истовремено означена е медијалната плата. Може да се забележи дека распределбата на примањата кај жените е поостра и се карактеризира со помала дисперзија во споредба со распределбата на примањата кај мажите. Освен тоа, распределбата на примањата кај жените е повеќе асиметрична во лево, односно значително под медијаната, што јасно укажува на постоење родов јаз во примањата. Понатаму, со помош на Логит модел може да се оцени за колку е поголема веројатноста на жените да имаат ниски примања споредено со мажите. Врз основа на резултатите може да се заклучи дека жените двојно повеќе се во ризик да бидат ниско платени2.
1. Кратенката EU-SILC означува European Union - Survey on Income an Living Conditions;
2. Nikoloski, D. (2019) “The gender pay gap in North Macedonia: Assessing the difference between the low-paid and high-paid employees”, SEER Journal for Labour and Social Affairs in Eastern Europe, Volume 22 (2019), Issue 1, pp. 117-138.
Оцената на функциите на заработувачка може да се направи со т.н. Минцерова функција, со чија помош се утврдуваат статистички значајните фактори што влијаат врз платите на вработените. Основна претпоставка во Минцеровата функција е дека платите се детерминирани од степенот на образование и искуството на вработените, но можат да се земат предвид и други фактори, како што се: пол, брачен статус, место на живеење (урбано/рурално), карактеристики на работното место и компанијата итн. Така, утврдено е дека жените во просек имаат 17,3 проценти пониски примања од мажите, што може да се смета за приспособен родов јаз во примањата. Поларизацијата во однос на полот е поголема меѓу високо платените отколку кај ниско платените работници. Имено, високо платените жени во просек заработуваат 15,4 проценти помалку од високо платените мажи, додека кај ниско платените работници оваа разлика изнесува само 4,1 проценти. Една од причините за помалиот родов јаз во примањата меѓу ниско платените работници може да се препише на ефектите од законски утврдената минимална плата.
Високо платените работници и мажите остваруваат дополнителна премија на плата од 3,6 и 10,4 проценти соодветно, која се должи на брачниот статус. Тоа значи дека оженетите мажи се подобро платени, што може да се објасни со нивната поголема продуктивност заради обезбедување на потребната егзистенција во домаќинството. Освен тоа, мажите што живеат во рурални средини остваруваат дополнителна и статистички значајна премија на примањата од 4,5 проценти. Според тоа, кај нас сѐ уште доминира традиционалниот модел на домаќинства со машка глава на домаќинството, додека жените и помладите се наоѓаат во подредена позиција на пазарот на труд.
Во поглед на карактеристиките на работното место, може да се заклучи дека трајното вработување (на неопределено време) и работа на менаџерска позиција има статистички значајно позитивно влијание врз примањата на жените, зголемувајќи ги во просек за 11,8 и 17,7 проценти соодветно. Од друга страна, промената на работното место во претходната година доведува до зголемување на примањата за 7,4 проценти, но статистички значајно само кај мажите, што укажува на тоа дека машката работна сила е повеќе мобилна во споредба со женската. Големината на компанијата, исто така, има влијание врз примањата на вработените, така што малите претпријатија во просек исплаќаат помали плати. Притоа, мажите што работат во мало претпријатие примаат во просек пониска плата за 17,2 проценти, додека кај жените во мали претпријатија платата е во просек пониска за 5,6 проценти. Работата кај елементарни занимања во просек е пониско платена во споредба со другите занимања. И во овој случај повеќе се погодени мажите со елементарни занимања кои во просек примаат 19,9 проценти пониска плата, додека жените со елементарни занимања во просек примаат 6,9 проценти пониска плата.
Димитар Николоски
На крајот се поставува прашањето на кој начин може да се дејствува со мерките на економските политики со цел да се намали родовиот јаз во примањата и да се постигне поголема правичност. На располагање стојат голем број мерки кои се применети како во развиените земји така и во земјите во развој. Со цел да се подобри позицијата на ниско платените работници, особено на жените, мошне ефикасен начин е зголемувањето на минималната плата. Кај нас, минималната плата бележи континуиран пораст од 2012 година до денес и на тој начин значително придонесува за одржување на животниот стандард на најниско платените работници, особено во периоди на засилен инфлациски притисок. Понатаму, специфични креирани мерки треба да ја таргетираат женската популација со цел да се превенира потценување на женскиот труд преку обврзување на работодавците за активно промовирање на родова правичност. Реформите во трудовото законодавство би требало да го земат предвид принципот на еднакво наградување за работа со еднаква вредност. Тоа значи дека работодавците се должни да формулираат опис за секое работно место во нивната компанија во однос на бараните вештини и компетенции, како и очекуваните резултати и исходи. На тој начин, определувањето на платите би било врз основа на мерливи критериуми. Подобрувањето на позицијата на ниско платените работници, а особено на жените може да се постигне и преку подигнување на улогата на социјалниот дијалог и колективното договарање. Тоа би овозможило поголема инклузивност на пазарот на труд, засилување на ефектите на законодавството преку намалување на компресијата на женските плати кон минималната плата. Во овој контекст, улогата на синдикалното организирање особено треба да се засили во приватниот сектор, каде што во помалите компании речиси и да не постои, додека во поголемите компании не е целосно независно од сопствениците. Овде треба да се потенцира и потребата од координација на синдикалното дејствување на национално ниво, со што би се добиле поголеми придобивки во промоцијата на инклузивен и родово правичен систем на вработување и наградување.
Фото: приватна архива