X
 06.08.2021 Здравје

Што знаеме за новиот сој на коронавирусот - делта плус?

Вирусите сакаат да се размножуваат, но за тоа им се потребни тела-домаќини. Со оглед на фактот дека голем дел од светското население уште не е вакцинирано против коронавирусот, тој заразува многу луѓе и притоа мутира во нови соеви, пишува „Си-нет“.

Најновиот сој за кој се зборува е наречен делта плус и е сој на мтацијата која сега е доминантна во многу делови од светот - делта сојот. Се смета дека делта сојот побргу се шири и предизвикува потешки симптоми, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести.

Што се знае за делта плус?

Здравствените власти во Индија излегоа со информација за присуство на нов сој во земјата за кој се смета дека побргу се врзува за клетките во белите дробови и можеби е отпорен на досегашните третмани за ковид-19. Овој сој бил именуван делта плус и оттогаш бил детектиран на други места, меѓу кои и САД, Обединетото Кралство, Португалија, Русија и Кина. Јужна Кореја е последната земја која го открила сојот кај маж кој не патувал никаде.


Фото: Pixabay

Делот „плус“ во името се однесува на мутација во шилестиот протеин К417Н во новиот сој, која може да направи некои третмани за ковид-19 помалку ефикасни. За да преживее, сојот треба да се прошири кај многу луѓе и да се докаже дека полесно се пренесува меѓу луѓето. Досега, тоа не се случило, но потребни се дополнителни истражувања.

Дали треба да бидеме загрижени?

Според главниот советник за здравство на американскиот претседател Џо Бајден, докторот Антони Фаучи, треба да бидеме загрижени сè додека постои коронавирусот и голем дел од населението не е вакцинирано бидејќи коронавирусот ќе продолжи да мутира.


Фото: Pixabay

Тој изјавил во интервју дека е добро тоа што вакцините што ги имаме се ефикасни против новите соеви и спречуваат тешки симптоми, но тоа може да се промени доколку се појави пострашен сој во иднина. Затоа е важно да се вакцинира голем дел од населението за да се намали ширењето на коронавирусот и со тоа да се намалат шансите за негово мутирање.

Извор: Cnet
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје