X
 06.10.2018 Образование

„Математика на дофат“ - изложба во Кинотека на Македонија каде што секој може да експериментира

Како изгледа прав агол, ама не на хартија? Или пирамида со триаголна основа? Математиката деновиве е опиплива и може да се види во трета димензија. Во Кинотеката на Македонија е отворена изложбата „Математиката на дофат“, која ја организираат првиот интерактивен музеј за математика во светот „Математикум“ од Гисен и Гете-институтот од Скопје. Изложени се повеќе експонати од докажани експерименти, кои ќе можете и сами да ги испробате. Влезот е наменет за деца над 8 години и е бесплатен.

Аглите на поинаков начин   Фото: Гете-институт од Скопје

- Изложбата „Математика на дофат“ сака да создаде нов пристап кон математиката. Таа сетилно ја претставува наводно најапстрактната од сите науки и ја прави математиката сфатлива – за сите возрасни групи, а без да биде неопходна претходна подготовка – велат организаторите.

Сите експерименти се фокусираат на третирање на математиката низ игра. Така директно поттикнуваат на восхитување и размислување: публиката се прашува: „Зошто е тоа така?“

- Набрзо самите си даваме првични одговори и така ја наоѓаме логиката зад феномените. Станува збор за ново сфаќање со рака, глава и срце, кое може да даде нови импулси за наставата по математика во училиштето – велат организаторите.

И сапуницата помага   Фото: Гете-институт во Скопје

Посетители од секоја возраст и со секакви предзнаења може да експериментираат – да местат сложувалки, да градат мостови, да прават ментална гимнастика со мисловни игри, да гледаат трка на кугли, да создаваат балони од сапуница, а притоа сосема попатно секогаш се занимаваат со математика – велат организаторите.

„Математикум“ во Гисен е првиот интерактивен музеј за математика во светот. Изложбата во Кинотеката ќе биде отворена до крајот на месецот, од понеделник до сабота од 9 до 17 часот.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование