X
 15.06.2026 Образование

Од амфитеатарот до теренот: Сообраќајно-транспортното инженерство низ искуствата на алумни

Во рамки на одбележувањето на 65-годишниот јубилеј на Техничкиот факултет – Битола, алумните м-р Александра Ангелковска Огненоска и Зоран Грујески од Градежниот институт Македонија А.Д. Скопје одржаа предавање на тема „Сообраќајно транспортно инженерство – од теорија до пракса“. Предавањето го организираше проф. д-р Марија Маленковска Тодорова, за да се запознаат студентите со она што ќе го работат по завршување на студиите, штом ќе започнат со развој на нивната професионална кариера. Алумнистите, м-р Александра Ангелковска Огненоска и Зоран Грујески преку конкретни примери од нивната професионална работа, отворија своевидна дебата - како теоретските знаења се применуваат во креирање на современи и одржливи транспортни системи, како повеќе од актуелни теми што промовираат одржливост, безбедност, иновации и унапредувањето на квалитетот на живот.

Со предавачите и професорката разговаравме за предизвиците и можностите во областа на сообраќајно-транспортното инженерство, како и за значењето на практичното искуство во градењето успешна инженерска кариера и истите ги пренесуваме во две продолженија.

Колку е значајно што како алумни повторно се враќате на Факултетот и ги споделувате вашите искуства со новите генерации и што за вас лично значи да бидете дел од алумни заедницата на Технички факултет – Битола?

Александра:
Како алумни, повторното враќање на Техничкиот факултет е од исклучителна важност, посебно кога се враќаме од другата страна на катедрата и имаме можност да споделиме дел од своето работно искуство. Тоа донекаде не е само споделување на искуства и знаења со новите генерации, туку и можност да се создаде врската помеѓу теоријата и практиката, која е најкритичната точка во развојот на еден млад инженер. Затоа, сметам дека е од огромна важност за студентите да слушнат примери директно „од терен“ – од процесите на планирање, па сè до соочувањето со реалните предизвици во креирањето на современата транспортна инфраструктура. Тоа ќе им даде јасна слика за тоа што ги чека по дипломирањето.

Зоран: За мене лично претставува особена чест повторно да бидам на Техничкиот факултет во Битола, овој пат од професионален аспект и како дел од алумни заедницата. Факултетот е местото каде што ги стекнав основните знаења и вредности кои подоцна ми помогнаа во професионалниот развој како сообраќаен инженер. Сметам дека е многу значајно кога поранешни студенти се враќаат и ги споделуваат своите практични искуства со новите генерации, бидејќи студентите добиваат појасна слика како изгледа инженерската професија во реални услови и со какви предизвици се соочуваме во секојдневната работа.

1

Како студиите на УКЛО, конкретно на Техничкиот факултет – Битола ви помогнаа полесно да преминете од теорија кон практична работа во областа на сообраќајното инженерство, односно и колку знаењата стекнати на Факултетот денес се применливи во реални проекти за планирање и управување со транспортни системи?

Александра: Студирањето на Техничкиот факултет во Битола, како дел од УКЛО, ми ја дадоа најважната основа – методологијата на инженерското размислување. Сообраќајното инженерство е специфична дисциплина каде што секоја математичка формула или симулација на крајот има директно влијание врз безбедноста и движењето на луѓето. Она што го научивме во студентските денови за капацитетот на сообраќајниците, регулирањето на сообраќајот и сообраќајните анализи, безбедноста во сообраќајот и транспортното планирање, денес, а и во изминативе десетина години е моја секојдневна реалност и работа. Студиите ми помогнаа полесно да го совладам преминот кон праксата, бидејќи на факултетот нè учеа дека сообраќајот не е нешто статично, туку жив организам кој бара динамични и одржливи решенија.

Зоран: Студиите на Техничкиот факултет – Битола ми дадоа солидна теоретска основа која беше клучна за понатамошниот професионален развој во областа на сообраќајното инженерство. Секако, преминот од теорија кон пракса носи нови предизвици, бидејќи реалните проекти бараат носење одлуки, работа на терен, координација со различни институции, фази од областа на градежништвото и приспособување кон конкретни услови. Но токму знаењата стекнати на факултетот овозможуваат инженерот полесно да ги разбере процесите и професионално да пристапи кон решавање на проблемите.

Со кои најголеми предизвици се соочува современото сообраќајно-транспортно инженерство во Македонија во областа во којашто вие делувате и како изгледа еден типичен работен ден на инженер по сообраќајно-транспортно инженерство во вашата институција?

Александра: Ако треба да ги издвојам најголемите предизвици во Македонија во областа на сообраќајното инженерство, тоа секако се одржливоста и модернизацијата на патната мрежа, како и брзата урбанизација која често го надминува капацитетот на постојната инфраструктура. Денес, предизвикот не е само да се изгради пат или улица, туку како тој простор ефикасно да се управува, да се зголеми безбедноста на патиштата и да се интегрираат современи интелигентни транспортни системи. Дополнителен предизвик е балансирањето помеѓу ограничените ресурси, потребата на граѓаните и усогласувањето на сообраќајни решенија со меѓународните стандарди.

2

Што се однесува до мојот работен ден, тој е исклучително динамичен и далеку од класична работа само во канцеларија, бидејќи сообраќајното инженерство не може да се разбере само од компјутер; потребно е директно да се согледаат состојбите на патната мрежа за да се донесе правилна одлука. Можам да кажам дека работните денови се постојан баланс помеѓу теоријата, теренската посета, административните барања и практичната реализација. Многу важен дел од нашето секојдневие е и соработката со колеги од различни сектори, бидејќи само на тој начин можеме да реализираме успешни проекти.

Зоран: Современото сообраќајно-транспортно инженерство во Македонија се соочува со повеќе предизвици, особено во делот на модернизација на инфраструктурата, зголемување на безбедноста во сообраќајот, подобрување на сообраќајната организација и приспособување кон современи транспортни потреби. Дополнителен предизвик претставува потребата од подобра интеграција помеѓу различните видови транспорт, како и користење на современи технологии и анализи при носење инженерски решенија. Во областа во која јас делувам, особено е важно инженерските решенија да бидат практични, функционални и долгорочно одржливи, бидејќи секоја интервенција во сообраќајот директно влијае врз безбедноста и секојдневното функционирање на граѓаните и институциите.

Еден типичен работен ден на сообраќаен инженер опфаќа анализа на постојни сообраќајни состојби, работа на проекти, подготовка и ревизија на техничка документација, теренски увид, комуникација и координација со други инженери, институции и изведувачи, како и изнаоѓање конкретни решенија за различни сообраќајни предизвици. Работата е динамична и бара комбинација од техничко знаење, аналитички пристап и практично искуство.

Што значи „одржлив сообраќајно-транспортен систем“ во пракса и колку нашите градови се подготвени за такви решенија?

Александра:
Во пракса, одржлив сообраќајно-транспортен систем значи создавање услови каде што луѓето можат да се движат брзо, безбедно и ефикасно, но со минимално штетно влијание врз животната средина и со помали трошоци. Тоа во реалноста значи балансирање на приоритетите во сообраќајот. Наместо просторот да се планира исклучиво за автомобили, се става акцент на јавниот превоз, пешачењето, велосипедскиот сообраќај и микромобилноста. Одржливост во пракса е кога на граѓанинот ќе му понудите побрза, поевтина и подобра алтернатива за тој самиот да избере на кој начин ќе го реализира своето патување.
Но дали нашите градови се подготвени за овие одржливи решенија? Сепак треба да бидеме реални, се наоѓаме во фаза на транзиција и будење, со што предизвикот е голем, но не и несовладлив. Најголемата бариера не е технологијата, туку промената на навиките. Ние со децении ги градевме градовите по мерка на возилата, а сега треба да ги вратиме по мерка на луѓето. Исто така потребно е да се обезбеди континуитет во реализацијата на проектите и инвестирањето, како и поголема храброст во планирањето и политички одлуки.

3

Зоран: Одржлив сообраќајно-транспортен систем во пракса значи создавање транспортни решенија кои ќе овозможат ефикасно, безбедно и достапно движење на луѓето и стоките, а притоа ќе имаат помало негативно влијание врз животната средина и квалитетот на живот во градовите. Тоа подразбира подобра организација на јавниот превоз, развој на пешачка и велосипедска инфраструктура, поголема безбедност во сообраќајот, намалување на сообраќајниот метеж и користење современи технологии за управување со транспортните системи. Во последните години кај нас сè повеќе се препознава потребата од ваков пристап, но реално гледано, нашите градови сè уште се во процес на адаптација кон одржливи сообраќајни решенија. Постојат позитивни иницијативи и проекти, меѓутоа потребни се континуирани инвестиции, стратешко планирање и долгорочна координација помеѓу институциите. Особено е важно одржливиот транспорт да не се гледа само како инфраструктурен проект, туку како процес што директно влијае врз безбедноста, мобилноста, животната средина и секојдневниот живот на граѓаните. Токму затоа улогата на сообраќајните инженери во идниот развој на градовите ќе биде сè позначајна.

Колку овие теми денес добиваат на значење и внимание во поширокиот контекст на современите урбани политики и иницијативи за подобар квалитет на живот, вредности што УКЛО започнува пошироко да ги афирмира и во рамки на Алијансата КОЛОРС?

Александра:
Овие теми денес не само што добиваат на значење, туку стануваат апсолутен приоритет во поширокиот контекст на современите урбани политики. Денес е невозможно да се зборува за каква било урбана стратегија или иницијатива за поквалитетен живот без во нејзиното јадро да биде вклучен сообраќајот. Модерното општество веќе не го мери успехот на еден град само преку економскиот раст, туку пред сè преку квалитетот на животот на неговите граѓани – чист воздух, безбедни јавни простори и ефикасна мобилност. Токму затоа, сообраќајно-транспортното инженерство денес е во центарот на сите зелени и одржливи иницијативи.

Исклучително ме радува и ме прави горда како алумни што УКЛО, преку своето членство во престижната европска Алијанса КОЛОРС, започнува пошироко и погласно да ги афирмира овие вредности. Преку оваа алијанса, вредностите за кои учевме на Техничкиот факултет добиваат нова, меѓународна димензија. Младите инженери сега имаат можност преку иновации, отворена наука и соработка со европските партнери да креираат сообраќајни решенија кои се одржливи. Тоа е вистинскиот начин на кој се гради подобар квалитет на живот – со поврзување на локалното искуство и европското знаење.

4

Зоран: Темите поврзани со одржлив транспорт, урбана мобилност и квалитет на живот денес имаат сè поголемо значење, бидејќи современите градови се соочуваат со предизвици како што се сообраќаен метеж, загадување, зголемена урбанизација и потреба од побезбедни и поефикасни транспортни системи. Затоа, во современите урбани политики сè повеќе се става акцент на одржливи решенија кои ќе обезбедат подобра мобилност, поголема безбедност и поквалитетна животна средина за граѓаните. Во тој контекст, особено е значајно што и УКЛО преку своите активности и меѓународни соработки, како што е Алијансата КОЛОРС, започнува пошироко да ги афирмира овие вредности. Ваквите иницијативи овозможуваат размена на знаења, современи практики и искуства со други универзитети и институции, што е многу важно за развојот на современо и применливо образование. Сметам дека токму поврзувањето на академската заедница, институциите и практиката е клучно за создавање кадри кои ќе можат активно да придонесуваат во планирањето на поодржливи, побезбедни и пофункционални градови во иднина

Дали сметате дека младите инженери денес имаат повеќе можности за професионален развој отколку порано?

Александра:
Апсолутно да. Младите инженери денес се наоѓаат во една исклучително поволна позиција во споредба со периодот од пред петнаесет или дваесет години. Денес, благодарение на глобализацијата и дигитализацијата, информациите и знаењето се подостапни од кога било. Модерните софтверски алатки за сообраќајно моделирање и симулации, кои порано беа реткост, сега им се на дофат уште во текот на студиите. Исто така, можностите за меѓународна размена, стипендии, учество на конференции и пристап до различни фондови и проекти во Македонија се доста поголеми. Она што порано се сметаше за предност (како познавање на странски јазици, софтвери и напредни ИТ алатки), денес е стандард. Младите инженери ја имаат таа среќа да ја градат својата кариера во време кога нивната струка е клучна за развојот на секое модерно општество.

Зоран: Сметам дека младите инженери денес имаат значително повеќе можности за професионален развој во споредба со порано, пред сè поради полесниот пристап до информации, современи технологии, специјализирани софтверски алатки и можности за меѓународна соработка и едукација. Денес студентите и младите инженери многу побрзо можат да дојдат до практични знаења, стручни обуки и искуства преку различни проекти, онлајн платформи, конференции и професионални мрежи. Дополнително, сè повеќе се отвора простор за вклучување на младите кадри во реални проекти уште во текот на студирањето, што е особено важно за полесен премин од теорија кон пракса. Сепак, покрај поголемите можности, денес постојат и поголеми очекувања од инженерите. Современото инженерство бара континуирано усовршување, следење на нови технологии и подготвеност за постојано учење и адаптација 

Каква улога имаат младите инженери во креирањето побезбедни и еколошки градови?

Александра:
Улогата на младите инженери е клучна бидејќи тие доаѓаат со нов начин на размислување кој веќе не е фокусиран само на пропусната моќ на автомобилите, туку на безбедноста и квалитетот на животот на луѓето. Младите колеги ја носат дигиталната трансформација во сообраќајот. Тие се оние кои полесно ги прифаќаат и имплементираат интелигентните транспортни системи (ИТС), софтверите за симулација на сообраќајни текови и алатките за паметно управување со раскрсниците. Кога еден млад инженер дизајнира сообраќајно решение, тој не размислува само за асфалтот и автомобилите, туку и за бучавата, за емисијата на штетни гасови, за безбедноста на најранливите учесници и обезбедувањето на пропорционален простор за сите учесници во сообраќајот.

Зоран: Младите инженери имаат многу значајна улога во креирањето побезбедни и еколошки градови, бидејќи токму тие ќе бидат носители на идните инженерски и урбанистички решенија. Со новите знаења, современиот пристап и поголемата запознаеност со дигиталните технологии, тие можат да придонесат кон развој на поефикасни, побезбедни и поодржливи транспортни системи.

Колку е важна соработката помеѓу универзитетите и компаниите за создавање квалитетен инженерски кадар?

Александра: Соработката помеѓу универзитетите и компаниите, односно реалниот сектор, не е само пожелна – таа е апсолутно неопходна. Соработката помеѓу универзитетите и компаниите, односно реалниот сектор, не е само пожелна – таа е апсолутно неопходна. Универзитетот е тука да ја даде цврстата теоретска база, научната методологија и да го научи студентот како да размислува како инженер. Но, компаниите и институциите каде што се одвива практичната работа се оние кои треба да ја покажат реалноста: динамиката на пазарот, буџетските ограничувања, тимската координација и соочувањето со непредвидени проблеми на терен. За сообраќајното инженерство ова е особено важно, бидејќи ние работиме со жив систем каде што грешките чинат пари, време, а понекогаш и човечки животи.

5

Зоран: Соработката помеѓу универзитетите и компаниите е од исклучително значење за создавање квалитетен инженерски кадар, бидејќи овозможува подобро поврзување на академското знаење со реалните потреби на пазарот и практиката. Факултетите обезбедуваат силна теоретска основа и инженерски начин на размислување, додека компаниите и институциите им овозможуваат на студентите директен контакт со реални проекти, технологии и професионални предизвици. Токму преку ваквата соработка студентите полесно стекнуваат практични вештини и појасна претстава за тоа како изгледа инженерската професија во реални услови.

Што би им порачале на сегашните и идни студенти на УКЛО, односно на Технички факултет – Битола кои сакаат да изградат успешна кариера во оваа област?

Александра:
На сегашните и идните студенти на Техничкиот факултет во Битола би им порачал да бидат упорни, храбри и гласни во воведувањето промени, но и да не се плашат од предизвиците на терен. Факултетот ќе ви ја даде најважната работа — цврстата инженерска логика и основа, но вистинската кариера се гради со вашата лична иницијатива. Искористете го секој момент на факултетот за да ја совладате теоријата, но секогаш размислувајте како таа теорија може да се примени за да се реши некој реален проблем, без разлика дали е тоа безбедноста на некоја крстосница, оптимизацијата на јавниот превоз или менаџирањето со патната инфраструктура.

Патот од студентската клупа до успешна инженерска кариера бара труд, континуирано учење и трпение, но наградата е бесценета, она чувство кога ќе реализирате проект кој го подобрува секојдневието на илјадници граѓани

Зоран:
Би им порачал на сегашните и идни студенти да бидат љубопитни, посветени и постојано подготвени за учење, бидејќи инженерството е професија што постојано се развива и бара континуирано надградување на знаењата. Многу е важно покрај теоретското знаење што го стекнуваат на факултетот, да се стремат и кон практично искуство, да учествуваат на проекти, стручни обуки, пракси и да бидат активни во професионалната средина уште за време на студиите. Токму таквото искуство најмногу помага полесно да се премине од теорија кон пракса. Исто така, би ги охрабрил да не се плашат од предизвици, бидејќи инженерската професија бара аналитичко размислување, одговорност и истрајност, но во исто време носи можност директно да се придонесува кон подобрување на секојдневниот живот и развојот на општеството.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование