X
 16.06.2026 Образование

Од амфитеатарот до теренот: Сообраќајно-транспортното инженерство низ искуствата на професор

Во рамки на одбележувањето на 65-годишниот јубилеј на Техничкиот факултет – Битола, алумните м-р Александра Ангелковска Огненоска и Зоран Грујески од Градежниот институт Македонија А.Д. Скопје одржаа предавање на тема „Сообраќајно транспортно инженерство – од теорија до пракса“. Предавањето го организираше проф. д-р Марија Маленковска Тодорова, за да се запознаат студентите со она што што ќе го работат по завршување на студиите, штом ќе започнат со развој на нивната професионална кариера. 

Со професорката Марија Маленковска Тодорова разговаравме за предизвиците и можностите во областа на сообраќајно-транспортното инженерство, како и за значењето на практичното искуство во градењето успешна инженерска кариера.

Како професор и организатор на предавањето, колку е важно студентите уште за време на студиите да имаат директен контакт со инженери од праксата и реалниот сектор?

Сметам дека тие контакти се многу важни. Ова тврдење произлегува од фактот што високо образовните институции  и различните надворешни чинители, во кои спаѓаат и инженерите од праксата и работодавачите, се дел од системот за високо образование. Синергијата меѓу нив е еден од основните фактори кој го поттикнува развојот на општеството во целина. Конкретно, релациите студенти – реален сектор придонесуваат за проширување и продлабочување на компетенциите на студентите уште во текот на студирањето, со што се зголемува и нивната атрактивност при вработувањето.

Колку денес студиските програми по сообраќајно-транспортно инженерство треба да се адаптираат на современите трендови како одржлива мобилност, паметни транспортни системи и дигитализација?

Фокусот на тековната научно истражувачка, едукативна  и апликативна дејност во сообраќајот и транспортот е насочен кон развој на концептот на одржливи транспортни системи, засновани врз процесите на одржлива мобилност, паметни транспортни системи и дигитализација. Имајќи во предвид дека современите универзитети имаат две основни, стратешки цели: едукација на студентите и развој на науката согласно општествените потреби, јасно е дека и студиските програми, конкретно програмите по сообраќајно-транспортно инженерство треба постојано да се надоградуваат, а со тоа и адаптираат кон современите трендови. Всушност, тоа е императив кој ја обезбедува нивната одржливост.

Од ваш аспект, кои се најважните компетенции што еден млад инженер треба да ги поседува за успешно да одговори на современите предизвици во сообраќајот и транспортот?

Согласно комплексноста на сообраќајно - транспортниот сектор, дипломираните инженери по сообраќај и транспорт треба да поседуваат, покрај  основни, (знаења и разбирања во рамки на полето сообраќај и транспорт и нивна адекватна примена, способност за препознавање и решавање на различни прашања, проблеми и предизвици во работењето, човечка и професионална димензија во комуникацијата со различни засегнати страни, тимска работа, раководење, финансиско управување), уште и специфични професионални компетенции кои се, покрај останатото, резултат и на значајните глобални промени, (појавата на нови технологии, како  вештачка интелегенција, машинско учење, длабоко учење) и нивното влијание врз организацијата и функционирањето на современите транспортни системи.  Истите се составен дел на предметните содржини во Елаборатите за акредитирање на студиските програми од различните циклуси на отсекот за сообраќај и транспорт. 

Колку студентите денес покажуваат интерес за темите поврзани со одржлив транспорт, безбедност во сообраќајот? 

Oдржливиот сообраќајно - транспортен систем претставува еден сеопфатен пристап заснован врз три компоненти: еколошка одржливост, социјална еднаквост и економски потенцијал. Всушност сите научни области од полето сообраќај и транспорт се во функција на креирање на еден таков систем, така да и стекнатите знаења на студентите се насочени кон исполнување на таа цел. Безбедноста во сообраќајот и одржливите урбани системи се интересни за студентите, бидејќи истите спаѓаат во предмети во кои добар дел од претходно стекнатите компетенции наоѓаат практична примена. Така на пример, содржината на предметот кој се однесува на безбедноста во сообраќајот ги опфаќа и секогаш актуелните постапки за анализа на сообраќајните незгоди. Истите се користат во подоцнежното работење на студентите, после дипломирањето, кога како вешти лица учествуваат во изработката на експертизите на сообраќајните незгоди. 

Одржливите урбани системи подразбираат организација на просторот по мерка на човекот, што, во наследена структура на градови, (карактеристично за нашата држава), претставува голем предизвик. Оттаму, мерките за намалување на побарувачката за превоз со моторизирани превозни средства, доброто познавање на урбаните транспортни системи и енергетската ефикасност, се  неопходни предуслови за успешно вклучување на нашите алумни во организацијата на животот во урбаните средини.

Како Техничкиот факултет – Битола ги подготвува студентите за преминот од академска средина кон практична инженерска работа?

Подготовката започнува уште со креирањето на студиските програми, при што, предметните содржини имаат и различни форми на наставни активности во текот на студирањето. ( Некои од нив се изведувааат во и со помош на локалното опкружување). Факултетот е организатор на настани на кои се присутни претставници од Универзитетот, реалниот сектор, студентите, (саеми за вработување, предавања на стручњаци од практиката и алумни, какво што всушност беше и предавањето „Сообраќајно – транспортно инженерство – од теорија до пракса“). Во оваа насока посебно треба да се потенцираат договорите за вршење на практична настава, потпишани меѓу Техничкиот факултет и различни надворешни институции. Дополнително, наставниот кадар и студентите учествуваат и во работењето на КРЕДО центарот на Универзитетот, (центар за кариера, алумни и доживотно учење), кој претставува активен чинител во релацијата академска заедница/практика).

Колку е важна соработката помеѓу универзитетите, институциите и компаниите за создавање стручен и конкурентен инженерски кадар?

Мошне е важна. Нема да претерам ако речам дека е круцијална. Ова мое тврдење е резултат на бројните истражувања реализирани со цел да се направи анализа и вреднување на значењето на соработката меѓу високообразовните институции и реалниот сектор, пред се кога станува збор за создавање на компетентен и конкурентен кадар во инженерските струки.  Имено, одамна е препознаено  и постојано се потврдува значењето на практичното искуство. (learning by doing). Улогата на високообразовните институции во споменатиот процес често пати се квалификува како трета мисија на Универзитетот. (покрај наставата и учењето и научно истражувачките активности). 

Во контекст на европските иницијативи и Алијансата КОЛОРС, дали се отвораат и нови можности за студентите и младите инженери од УКЛО? 

Европската Универзитетска алијанса COLOURS, (COLlaborative innovative sUstainable Regional univerSities) или КОЛОРС,(Колаборативни Иновативни Одржливи Регионални Универзитети), претставува  заедница на девет универзитети во Европа, (во неа учествува и Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола), а со цел да различните активности во одделни области од универзитетското работење преминат во практики на мнозинството. Мисија на Алијансата е „трансформирање на Европскиот Образовен и Истражувачки Простор преку имплементација на отвореност, одговорност, различност, одржливост и копродукција на знаења, што во крајна линија ја редефинира академската извонредност“. Colours – European University Alliance. 

Во рамките на алијансата постојат различни можности за професионален развој и на студентите и на младите инжeнери. Станува збор за нивно учество во: едукација и добивање на двојни дипломи; платформи за едукатори и истражувачи (истражување на нови методологии, споделување на знаење, учество во интердисциплинарни проекти);  организација и реализација на hackathon-и, coLab-ови, тркалезни маси, летни школи, истражувачки проекти засновани на предизвици и т.н. 

Како гледате на улогата на универзитетите во креирањето свест за одржливи и „по мерка на човекот“ градови?

Концептот на одржливи градови се базира врз неколку столба, (зелена инфраструктура, паметни технологии, регулаторни политики, поширока општествено политичка заедница), кои се суштински за неговото интегрирање во современиот развој на градовите. Оттаму, улогата на универзитетите е мошне важна и сеопфатна, бидејќи атрибутот „одржливост“ се третира од повеќе аспекти, согласно примарното научно подрачје на високообразовните установи. Ова може да се потврди и преку анализа на студиската програма по сообраќајно – транспортно инженерство на отсекот за сообраќај и транспорт при Технички факултет – Битола. Имено, различните предметни содржини и во нив дефинираните резултати од учењето и стекнатите компетенции, на специфичен начин, (во склад со научните области на кои припаѓаат), го формираат профилот на дипломиран инженер по сообраќај и транспорт. Од тие причини, стекнатото универзитетско знаење има за последица стручна и од различни позиции претставена и со јавноста споделена поддршка на тековниот и идниот одржлив развој на градските средини. 

Што според Вас е најголемиот предизвик, а што најголемата предност на младите генерации инженери денес?

Новите технологиии кои рапидно и суштински го менуваат нашето секојдневно живеење имаат директно влијание врз инженерската струка. Имено, младите генерации на инженери треба, преку стекнување на нови вештини и компетенции, брзо да се прилагодат на новата реалност и со тоа да овозможат полесно прифаќање и примена на вештачката интелегенција, квантните решенија, биотехнологиите, новите форми на дигитална поврзаност и во останатите струки и дејности, (медицина, економија, индустрија, финансии).

Предноста на споменатите генерации инженери е во тоа што тие, во најголем број случаи, веќе ги совладале, (преку едукација и пракса), основите на глобалните трендови. На тој начин, надоградувањето во насока на проширување на постојните знаења, и имплементација на нови решенија се карактеризира со поголема ефикасност и ефективност. Додадената вредност се огледа во промената на улогата на инженерството: од реализација на одлуки донесени во рамки на други струки, до активни чинители во процесите на избор, креирање и финална имплементација на решенија со голем импакт врз тековниот живот.

Каква порака би им упатиле на младите луѓе кои сакаат да изградат кариера во областа на сообраќајно-транспортното инженерство?

Пораката би била следна: Ќе студирате и работите во инженерска струка, која е изразито мултидисциплинарна. Реализацијата на работните задачи е најчесто во тимови со градежните инженери, архитектите, машинските инженери, информатичарите, економистите, социолозите. 

Согласно тековните технолошки промени, иднината на оваа струка ќе биде во насока на радикални измени во начинот на превоз, сообраќајно – транспортната инфраструктура, управувањето и регулацијата на сообраќајот, превозните средства. Барањата кои се резултат на ваквите состојби неминовно ќе се рефлектираат врз сообраќајно – транспортните процеси кои се динамични, брзо се менуваат, па затоа е потребно доживотно учење преку обуки, семинари, запознавање со нови технологии.  

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование