Кога мислиме на Лондон, обично замислуваме сцени од многу филмови и серии чие дејство се одвива таму, а во кои сме уживале многу пати. Без разлика дали станува збор за постари или понови филмови, главниот град на Англија внимателно го чува својот романтичен дух.
Многу делови од градот се недопрени со векови, па многубројните архитектонски и урбани градби ве канат на уникатно патување во минатото и откривање на богатата историја испишана на улиците. И додека за внимателна и посветена обиколка на знаменитостите и скриените места би биле потребни неколку недели, ви нудиме уникатно место кое вреди да го посетите доколку сте љубител на книжарници и книги. Станува збор за улицата Сесил корт, попозната и како Букселерс роу (англ. Booksellers row), улица на книжарниците.
Викторијанската архитектура на оваа улица е препознатлив стил на англиската престолнина. Фасадите од тули и палетата на бои што се користат за нивно украсување се карактеристични за Лондон. Сесил корт датира од крајот на 17 век, а богатата историја на оваа улица е еден вид сведок за долгата историја на самиот град. Многу од зградите создадени во следните периоди и понатаму можат да се видат, па затоа е тешко да се одолее на впечатокот дека се наоѓате во еден од романите на Дикенсон.
Но, за тоа дека Сесил корт е вредно историско наследство не сведочат само нејзините фасади, туку и книжарниците што се наоѓаат на оваа улица. На почетокот на 20 век, меѓу локалното население, оваа улица почна да го добива прекарот Редот на книжарниците. Се разбира, не случајно го добила тоа име, туку навистина претставува низа од книжарници и антикварници кои биле основани неколку века порано, а кои сè уште успешно работат.
Во многу од книжарниците можете да најдете вредни копии на познати книги и изданија кои датираат од претходните епохи. Во меѓувреме, урбаната легенда го претвори Сесил корт во дестинација и за помладата генерација – односно љубителите на сагата за Хари Потер. Откако беа емитувани филмовите за младиот волшебник, многумина претпоставуваа дека токму оваа улица послужила како инспирација за авторката Џ. К. Роулинг при создавањето на измислената магична локација Дијагон али, иако писателката никогаш не го потврди тоа. Како и да е, нема сомнеж дека оваа улица навистина остава впечаток на магичен премин во друг свет.
Фото: Instagram