X
 07.03.2021 Живот

Расправањето со непознати луѓе на интернет е штетно колку и прегорувањето на работа

Експерт кој се занимава со синдромот на професионално согорување (синдром на работна исцрпеност) од прекумерен стрес на работа, вели дека овој феномен е многу блиску до она што го чувствуваат поединци кога се расправаат со непознати луѓе на социјалните мрежи.

Експертот за ментално здравје и деловен тренер Рејчел Стоун, специјализирана за синдромот на прегорување на работа, го објави своето гледиште за феноменот на интернет-дискусии во кои се појавуваат негативни чувства и последици врз менталното здравје. Во својот текст таа се осврнува на појавата кога ќе видиме нешто на интернет, на пример, објава на социјалните мрежи за која сметаме дека не е во ред, а потоа се вклучуваме во дискусијата. Како резултат, ги губиме времето и нервите, фрустрирани сме и на крајот ништо не постигнуваме со расправијата.

Стоун вели дека расправијата со непознати луѓе на интернет е исто толку штетна за менталното здравје колку и синдромот на прегорување. Најдобрата препорака што таа може да ја даде е да престанете да го правите тоа. Таа, исто така, издвои четири реални ефекти врз реалниот живот и здравјето што можат да се забележат кај луѓето што влегуваат во расправии со непознати луѓе на интернет.

Ментални и физички последици


Прво, луѓето стануваат позагрижени кога ќе се поврзат на интернет, со што нивниот срцев ритам се забрзува и крвниот притисок се зголемува, а нервозата е присутна поради одговорите што корисникот може да ги добие на објавите.

Ова доведува до зголемување на нивото на стрес. Луѓето имаат помало трпение и ќе биде полесно да се истресат на другите. Секоја нова порака што ја добиваат само ќе го зголеми нивното чувство на стрес.

1

По анксиозноста и стресот следува несоницата. Луѓето склони кон расправање на интернет наместо да спијат, во главата ја вртат расправијата што ја воделе со другите, смислуваат нови аргументи. Недостигот на сон дополнително ја влошува менталната состојба и ги отежнува концентрацијата и нормалното функционирање.

Конечно, се развиваат и физички последици од стресот: чиреви, дијабетес, псоријаза, висок крвен притисок, зголемување на телесната тежина и ниско либидо.

Што треба да направите?

Рејчел вели дека единствениот лек за сите овие состојби е едноставно да престанете да влегувате во дискусии на интернет, да излезете од маѓепсаниот круг на стрес и да го напуштите животот во кој мора да се проучат, коментираат и критикуваат објавите. Таа самата се обидела да направи пауза од социјалните мрежи и вели дека подобро спиела, била помалку анксиозна, била помирна и поопуштена. Според неа, „Фејсбук“ е мрежа само за фалбаџии и ментални насилници, па затоа решила да ја напушти засекогаш за да си го подобри своето ментално здравје.

Извор: Bug.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот