Високото реноме на британските универзитети на студентите им ги отвора вратите кон многу можности за работа низ Европа, но и на другите континенти. Токму тоа е една од причините поради кои матурантката од Меѓународното училиште НОВА, Ива Органџиева, таму го насочила својот интерес за избор на факултет.
Деновиве Ива треба да ја донесе финалната одлука на кој од престижните британски универзитети ќе студира, University College London или King's College London, односно дали својата идна кариера ќе ја посвети на биомедицинските науки или на биохемијата. Иако добила потврдни одговори на нејзините апликации од неколку реномирани универзитети во Европа, сепак, Велика Британија ќе биде нејзината дестинација во следните години.
- Првиот впечаток за британските универзитети е секако репутацијата, која понатаму отвора многу можности за работа низ цела Европа и светот. Јас на прво место ги ставив висококвалитетно образование и можностите за стажирање што ги нудат овие универзитети. Исто така, двата универзитета се доста флексибилни во поглед на програмите бидејќи дозволуваат во првата година да ги осознам сите полиња на биомедицината, па потоа да се насочам кон конкретна специјализација, како на пример молекуларната биологија. Огромна улога во мојата одлука имаше и веста дека британските универзитети планираат да ја започнат новата година со предавања и вежби во живо. Покрај академските аспекти, двата факултета се во Лондон, кој е голем град на можности, со голем број активности надвор од факултетот, како и студенти од целиот свет, така што нуди доста интересен студентски живот – вели Ива.
Интересот за биологијата кај Ива се појавил уште во основно училиште кога учествувала на натпревари, а хемијата ја засакала во средно, најмногу поради предавањата на професорите во НОВА. Во тој период имала можност да стажира во Хамбуршката универзитетска клиника, каде што се разбудил нејзиниот интерес за биомедицина, а тој станал уште поголем откако Ива била дел од три семинари во истражувачкиот центар Петница, каде што работела на лабораториски истражувања и нивно дизајнирање. Поради огромната љубов кон биохемијата и молекуларната биологија, таа се надева дека во иднина ќе има можност да стажира во некоја британска лабораторија, каде што ќе го надгради своето искуство и ќе ги оправда своите интереси со многу работа и труд.
Процесот на пријавување на избраните британски универзитети за неа бил исцрпувачки, но истовремено и интересен, предизвикувачки и сепак изводлив.
- Поминав многу време однапред читајќи примери од мотивациски писма и разгледувајќи ги програмите. Поголемиот дел од апликациите ми беа доста познати бидејќи од самиот почеток на средното образование нашите академски советници нѐ подготвуваат за пишување мотивациски писма, CV, како и за избирање на вистинскиот универзитет. Конкретно за британските универзитети, апликацијата беше едноставна, но се темелеше на само еден значително важен есеј, за кој верувам дека бев добро подготвена да го напишам – го споделува Ива своето искуство.
Како средношколец во НОВА, уште од прва година училишните академски советници ја подготвувале Ива, како и другите ученици, за аплицирањето на универзитет.
- Покрај формалностите во апликацијата, таа се состои и од академските успеси, како и активностите и клубовите во кои учествуваме, а за кои постојано добиваме огромна поддршка од професорите. Академските советници беа подготвени да ми помогнат во секој аспект на апликациите, додека професорите ми помогнаа преку нивните препораки. Особено би сакала да ѝ се заблагодарам на мојата академска советничка Ирена Филкова, која ме поведе да ги изберам вистинските програми за моите интереси – вели Ива.
Таа смета дека првиот голем предизвик при студирањето ќе ѝ биде приспособувањето на студентскиот живот во непознат град, но очекува брзо да се навикне.
- Во поглед на науките, лабораториската работа и извештаите ќе бидат веројатно најпредизвикувачки бидејќи бараат многу внимание и прецизност, особено на универзитетско ниво. Организирањето на времето секако не отпаѓа од оваа листа, но верувам дека IB програмата во НОВА ме има подготвено за тој предизвик – истакнува Ива.
Одлуката да го продолжи школувањето во странство била тешка за Ива, така што во моментов не прави конкретни планови за иднината. Сепак, очекува да ги продолжи последипломските студии на некој од британските универзитети, најверојатно во полето на молекуларната биологија, а потоа стекнатото знаење да го пренесе во нашата земја.