X
 07.06.2025 Живот

Зошто велиме „да“ кога сакаме да кажеме „не“?

Дали често велите „да“ кога во себе знаете дека сакате да кажете „не“? Дали се губите себеси обидувајќи се да им угодите на другите?

Иако за многумина тоа може да биде фрустрирачко, склоноста кон угодување не е случајна. Можно е да потекнува од начинот на кој човекот еволутивно се приспособил на справување со стрес.

Реакција на стресот

Луѓето имаат вродени механизми за справување со стравот и анксиозноста. Познати како „Бори се, бегај или умилкувај се“, овие реакции ни помагаат да преживееме тешки ситуации. Додека „бори се“ и „бегај“ нè активираат за акција, реакцијата на „умилкување“ е посуптилна. Таа подразбира смирување или угодување на другите со цел да се намали ризикот или да се избегне конфликт.

Оваа реакција најчесто се појавува во напнати или хаотични средини. За дете кое расте во дом исполнет со стрес, тензии или непредвидливост, ова однесување може да стане главна стратегија за намалување на напнатоста. Ако се покаже дека однесувањето што вклучува преправање, согласување или прекумерно приспособување е ефикасно во избегнување конфликти или казни, мозокот почнува тоа да го поврзува со чувство на сигурност. Со текот на времето, таквото однесување се зацврстува и преминува во автоматски образец што останува присутен и во возрасната доба.

Еволутивно потекло

Од еволутивна гледна точка, оваа реакција има логика. Нашите предци живееле во мали заедници каде што конфликтите можеле да значат опасност за опстанокот. Од витално значење било да се биде чувствителен на емоциите на другите, особено на доминантните членови во групата, за да се одржува хармонијата. Соработката и смирувањето станале алатки за преживување.

Иако денес не живееме во средини кои бараат постојано емоционално приспособување, ако угодувањето било ефикасен механизам за справување со стрес во детството, тоа често останува присутно и во зрелоста, особено во професионалните односи, врските и пријателствата.

Извор: n1info.hr 
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот