X
 08.04.2021 Живот

Велосипедите се 10 пати поважни од електричните автомобили за намалување на емисиите на штетни гасови

На глобално ниво, само еден на секои 50 нови автомобили бил електричен во 2020 година. Меѓутоа, дури и доколку сите нови автомобили се електрични, би биле потребни 15-20 години да се заменат сите автомобили со електрични. Намалувањето на емисиите на штетни гасови само со електрични автомобили не би било доволно за да се направат вистински промени во следните пет години.

Борбата со климатските промени и загадувањето на воздухот бара намалување на овој вид превоз, особено со приватни автомобили, и тоа што побрзо. Фокусот само на електрични автомобили ќе го забави процесот на елиминирање на штетните гасови бидејќи електричните автомобили не се целосно „еколошки“. Материјалите за нивните батерии, производството на автомобилите и производството на електричната енергија за автомобилите испуштаат штетни гасови.

Еден брз начин да се намалат штетните гасови што се создаваат преку сообраќајот е да се заменат автомобилите со велосипеди или со пешачење. Велосипедите и пешачењето се поевтин, поздрав и подобар начин за патување, а може да бидат и побрз на улици со голем метеж. Според ново истражување, дури и кога луѓето би замениле само дел од патувањето со велосипед или пешачење, тоа значајно би ги намалило емисиите на штетни гасови од сообраќајот.


Фото: Pixabay

Според анализа на 4.000 луѓе во различни европски градови, лицата што секојдневно возеле велосипед предизвикувале испуштање на 84% помалку штетни гасови од нивното патување во споредба со оние што не користеле велосипед. Било откриено и дека лице што го заменува автомобилот за велосипед само еден ден во неделата го намалува испуштањето на јаглероден диоксид за 3,2 килограми - еднакво на количеството гасови што се испуштаат од возење автомобил 10 километри, јадење порција јагнешко месо или чоколадо или испраќање 800 е-пораки.

Во период од една година може да се намали испуштањето на јаглероден диоксид за околу половина тон доколку урбаните жители го заменат автомобилот со велосипед како превозно средство само еднаш дневно. Доколку само едно во пет лица што живеат во урбана средина замени едно патување со велосипед во денот, емисиите од сообраќајот во Европа би се намалиле за околу 8% во следните пет години.


Фото: Pixabay

Истражувачите откриле дека емисиите од возењето велосипед може да бидат 30 пати пониски за секое патување отколку оние од возењето просечен автомобил и околу 10 пати пониски од возењето електричен автомобил.

Во 2020 г. речиси половина од намалувањето на дневните емисии на јаглероден диоксид поради пандемијата било поради намалување на емисиите од сообраќајот.

Автор: Кристијан Бренд
Извор: theconversation.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот