Студентскиот тим Power Pulse, составен од Ангела Петроска, Алексе Богданчески, Анастасија Петковска и Тамара Мојсоска, го освои првото место на студентскиот натпревар TEAM4WIN.
На натпреварот учествуваа вкупно 13 студентски тимови, кои работеа на решавање реални индустриски предизвици. Натпреварот беше организиран во соработка помеѓу Машинскиот факултет – Скопје и Lear Corporation, со цел студентите да работат на реални индустриски предизвици и преку тимска работа да развијат практични, иновативни и применливи решенија.
Tимот Power Pulse работеше на развој на решение за следење на конецот во бобината на шивачка машина. Целта на проектот беше навремено да се детектира кога количината на конец се намалува или завршува, со што би се избегнале непланирани прекини во производствениот процес и би се овозможила поголема ефикасност во работењето.
Предложеното решение има потенцијал да придонесе за намалување на застојот во производството, подобрување на продуктивноста, намалување на отпадот и полесно следење на процесот на шиење. Ваквите иновативни решенија можат да придонесат за оптимизација на производствените процеси и зголемување на конкурентноста во индустријата.
Освоеното прво место претставува признание за знаењето, посветеноста и успешната соработка на тимот, како и потврда за значењето на поврзувањето помеѓу академската заедница и индустријата.