X
 17.01.2022 Колумни

Празниците - огледалото и реалниот самоодраз

Празничните софри ни станаа полигон за натпревар, декорирани со сите нишани и пласирани на социјалните мрежи како дел од нашиот изолиран социјален живот, во кој бараме потврда за сопствениот дострел. Зошто некому би му било гајле што имаме на маса?

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Започна новата. Ми се чини прилично брзо, летнаа две недели откако ги украсивме домовите, се вооруживме со надеж и верба за посреќен нов 365-дневен тајминг и зазедовме позиција на чекање во стандардната ни животна чекалница - онаа каде што се чека Подоброто. Зад себе со олеснување оставивме година која заслужено го има статусот „да не се повтори“, но сепак, останува фактот дека постои едно нешто кое е сигурно и, за жал, невозможно да не се спомене: Ние не сме во состојба да придонесеме да не се повтори. Едноставно, тие сме.

Ги потрошивме празниците, за кои милуваме да кажеме дека се најубавите – дочекот на Новата, Бадник, Божиќ, Стара Нова. Уште Водици и можеме да му се вратиме на нашиот вообичаен и длабоко етаблиран мејнстрим, како доминантен тренд на мислење и однесување по кои станавме препознатливи, а кои се издигнаа на ниво на национален белег, кој и покрај убавите празнични желби, го покажува она што навистина сме – мали души фатени во стапиците на новото време, кое не го разбираме и кое од нас бара многу повеќе. Човекот во нас, најмногу.

Нејсе. Ми се чини дека празниците се можеби најсоодветното време за огледалото, од кое нè гледа сопствениот лик и ни го дава реалниот самоодраз. Надградени со тешкото време кое со вреќи мака ни ги натовари плеќите, празничните денови само ги извадија на површина сите хипокризии, „вештачките трепки“ кои очите ни ги прават поубави, но не и погледот зад нив, како и сите флоскули кои само тоа и можат да бидат – флоскули кои не тежат со искреност.

Што всушност се случи со празниците? Станаа фантастичен инструмент за валидација на сопственото постоење, би рекла. Пред сè, празничните софри ни станаа полигон за натпревар, декорирани со сите нишани и пласирани на социјалните мрежи како дел од нашиот изолиран социјален живот, во кој бараме потврда за сопствениот дострел. Зошто некому би му било гајле што имаме на маса? Се чини, само нам, во очите на другите.

Понатаму, желбите ни станаа алатка за споделување на личната емоција онаму каде што не живее реалноста. Луѓе кои всушност не ги познаваме, но од различни причини ги чувствуваме како некој кој се нарекува Близок. До нас, покрај нас, со нас, сè поретко ги има оние луѓе што навистина ни се блиски и кои некогаш се нарекуваа Наши. Во една ваква индуцирана бесмисла, како да го изгубивме компасот и наеднаш стана најважно она најважното: лајкот. И во нашите животи, и за празниците, се загуби оној „бренд“, оној „патент“ од некогаш – сосетката, на пример. Онаа што ни ги причувува и рани децата, ја прима нашата пошта, ни го варди станот од кој има клуч, доаѓа на кафе ненајавена и секогаш е добредојдена. Роднината, на пример. Онаа што некогаш ни беше потпорен ѕид, тогаш кога животот ни се закануваше со кутнување. Колегата, на пример. Оној со кого професионалниот муабет некогаш подразбираше ниво на разбирање во името на детето пред кое стоиме. Сите оние што некогаш беа реални ликови со кои празникот навистина беше празник, а не честитка во Месинџер, не порака: „Ајде да се чуеме“ после која не се слушаме, не повик на кој нема да се јавиме „оти можеби ќе сака да дојде“. Сите оние со кои денес немаме што да си кажеме во живо.

Меланхолијата ни стана природна состојба, додека траеме пред телевизорот или компјутерот. Доволни сме си. Застанати во излогот, како манекени на празнотијата и неспособноста да се надминеме себеси, можеме да здогледаме само онолку колку самоплафонот ни дозволува: Зад сите напори да се биде облечен во празничен дух, многу бргу ќе ни се покаже, а ние на другите ќе им покажеме многу нешта како рефлексија на тој поглед - дека на другиот тревата му е позелена од нашата. Дека умниот всушност е арогантен глупак кој се прави таму нешто паметен. Дека ние сме поголеми родители од оние другите затоа што во време кога се умира со невидена неизбежност и немоќ да се спречи, сакаме децата да ни се умни и сè да си научуваат само во училницата. Оти на друго место не се научува. Дека само од книга, а не пред монитор може да се учи, секако притоа брзајќи тоа да го обелодениме на интернет кој го плукаме, како лично право на избор на најдоброто за детето, кое расне во 21 век. Таму ќе броиме следбеници и ќе стигматизираме неистомисленици. Дека ние немаме ниту вина ниту одговорност за сите настани затоа што тие и не се случуваат, измислени се и служат само за доведување во заблуда на неосвестените и уништување на сите оние што точно знаат што се случува. Секако, ова се тиради кои следуваат по честитките, убавите желби и лајковите за најсофрата, откако некој несреќник ќе излезе надвор од тој шарен контекст и бидејќи веројатно му е здодевно, ќе отвори нов муабет. И ете не, тука сме.

Којзнае. Можеби еден ден ќе успееме да излеземе од под рефлекторите, кои ни ги покриваат недостатоците. Можеби и ќе посакаме да поработиме на нив. Можеби кога ќе не прашаат што сакаме, ќе одговориме не посочувајќи што НЕ сакаме. Можеби ќе сакаме да учиме што е животот. Ќе го учиме од оние што научиле. Бидејќи тој е прекрасен за сите што се подготвени да учат и да се менуваат, а пекол за сите што мислат дека сè знаат. Можеби ќе си дадеме шанса и себеси и на другите и ќе се потсетиме дека поради толку дисперзираното внимание, кое толку очајно ни е потребно, веќе не ни знаеме што сакаме. Можеби и ќе успееме животот да си го сториме празник.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни