X
 07.10.2019 Култура

Древните документи што ги јагленисал Везув ќе може повторно да се прочитаат

Кога Везув еруптирал во 79 година, тој оставил пустош. Илјадници луѓе загинале, градбите биле пеплосани и засекогаш биле изгубени непроценливи богатства. Меѓу нив била и библиотеката на свитоци во Херкуланеум, кои научниците сега со помош на новите технологии мислат дека можат да ги прочитаат.

Научниците од британскиот национален синхротронски оддел ги искористиле моќните светлосни зраци за виртуелно дешифрирање на кревките свитоци постари од 2000 години во процесот за кој се надеваат дека ќе овозможи нов поглед во древниот свет.

Два цели свитока и четири фрагменти - т.н. свитоци од Херкуланеум - биле јагленисани во смртоносната ерупција на Везув во 79 година и се премногу кревки за да се отвораат.

Свитоците се откриени во рушевините во 1752 година. Иако научниците успеале да одмотаат дел од свитоците, најголем дел од нив сѐ уште ги кријат своите тајни бидејќи и најмал допир би ги претворил во куп бескорисна прашина.

Тие се проучувани во британскиот научен оддел „Дајмонд“ во Оксфордшир, каде што се користи синхротрон зрачење.

- Идејата во суштина е нешто како снимање со скенер. Ние ги осветлуваме свитоците со многу интензивна светлина и потоа откриваме на другата страна низа дводимензионални слики. Од тоа реконструираме тродимензионален изглед на предметот за да можеме да го прочитаме текстот, а да не го оштетиме - истакна Лорен Чапон, директор на „Дајмонд“.

Мастилото на свитоците е многу тешко да се види, дури и низ синхротрон бидејќи е на база на јаглерод, како и папирусот на кој е пишувано. Меѓутоа, научниците се надеваат дека густината на хартијата ќе биде различна на деловите на кои е напишано нешто.

Скенирајќи ги фрагментите на кои е видлив текст, тие се надеваат дека ќе дешифрираат што пишува на нив.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура