X
 07.12.2022 Живот

Граѓаните сметаат дека политичарите работат само за свои интереси, а партиите прават раздор - Извештај од фокус-групи

Граѓаните сметаат дека сите политичари работат за лични интереси и оти кај политичарите не постои желба за вистинска промена и подготвеност за спроведување најнеопходни реформи, покажа истражувањето од осум фокус-групи спроведени со цел подобро да се истражи јавната перцепција на квалитетот на живот, довербата во институциите и политичките актери, како и поларизацијата во Македонија, што го спроведе Институтот за демократија.

- Речиси сите учесници беа загрижени за партиската политика и раздорот што го предизвикуваат политичките партии – „меѓу нас, би рекле дека тој е предавник, а другиот патриот, но тие ќе си ја тераат својата агенда“ (вели етнички Албанец, Куманово, 51-65), „владеат со нас додека нѐ делат на Албанци и Македонци… а ги имаме истите проблеми“ (вели етнички Македонец, Куманово, 18-30) - образложи Влора Речица од Институтот за демократија на денешниот брифинг со новинарите.

Поголемиот број учесници сметаат дека политичките партии главно се интересираат за својата агенда и интереси, а не за општото добро и благосостојбата на граѓаните. „…најголемиот дел од членовите на политичките партии само сакаат да стигнат до функција, работа, плата… воопшто не покажуваат иницијатива за да преземат нешто“, вели етничка Македонка од Штип, 51-65.

Со цел посликовито да се разберат ставовите на граѓаните за политичарите и политичките партии, лицата во фокус-групите учествувале во вежба со персонификација, а од нив било побарано да поистоветат политичка партија со некое животно. Вежбата покажува дека учесниците главно ги поистоветуваат сите политички партии со лисица, па користат атрибути како „подмолна“, „итра“, „несигурна“ и „си гледа само за себе“.

Кај учесниците постои општ недостиг на доверба во волјата и способноста на институциите да ја подобрат состојбата во земјата.

- Корупцијата, непотизмот, клиентелизмот, личните и партиските интереси, и политичките и семејните врски се најчесто споменатите проблеми поврзани со институциите и се главниот извор за недоверба. Како што се изрази студент од Струга: „Врските и партиската припадност се пресудни кога барате вработување… Вашето вработување се базира на врските наместо на способноста“ (етничка Македонка, Струга, 18-30) - појасни Речица.

Што се однесува до Собранието, учесниците најчесто истакнуваат дека институцијата е во постојана криза или блокада, додека во поглед на Владата – учесниците главно сметаат дека со изборите не се добиваат подобри влади кои ги решаваат проблемите на граѓаните, туку само влади кои работат за личните интереси.

Имајќи ја предвид работата на судството, учесниците претежно сметаат дека судството е најкорумпиранaтa институција и ја ужива најмалата доверба. Според нив, политичките партии секогаш наоѓаат начин да ја поткопуваат работата на судството преку корумпирани механизми.

Учесниците се произнеле и за поларизацијата што ја предизвика т.н. „француски предлог“, поради кој се или Македонци или предавници.

- За многумина, поларизацијата е последица на „партискиот менталитет“ и е предизвикана од реториката што ја користат политичките партии. Дел од учесниците, пак, изразија фрустрација од надворешната политика на земјата и недостигот на внатрешна посветеност за надминување на проблемите на граѓаните, како и дијалог, консензус и компромис меѓу политичките партии – како што сподели постар учесник во Битола „Заглавија со договорот со Бугарија и заборавија на нас, кои живееме тука“ (етнички Македонец, Битола, 51-65) - вели Речица.

Во однос на квалитетот за живот, како што рече, перцепцијата е доста негативна. Најголем дел од граѓаните сметаат дека економските услови се многу лоши во државата, а нивен втор најголем проблем е одливот на мозоци, односно миграцијата на младите надвор од државата и трет проблем кој најчесто се појавува е корупцијата и непотизмот.

Студијата со фокус-групи беше спроведена во септември оваа година во сите осум плански региони, а учествуваа 67 учесници. Истражувањето беше спроведено во рамките на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), која е поддржана од Владата на Швајцарија, а се спроведува во партнерство со Националниот демократски институт (НДИ) и Центарот за управување со промени (ЦУП).

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот