X
 08.01.2021 Живот

Луѓето со ова ретко нарушување не можат да „бројат овци“ пред спиење

Многумина бројат овци кога не може да заспијат, но за луѓето со едно ретко нарушување, кое не е добро разбрано, тоа е речиси невозможно. Овие луѓе може да опишат и да се сетат како изгледа овцата, но не може да ја визуализираат бидејќи имаат проблем со визуелно замислување на што било.

Ова нарушување е познато како афантазија, што ја дефинира неспособноста да се замисли нешто само од меморија, без разлика дали станува збор за нечиј лик, место или животно. Необичната состојба првпат била забележана во 19 век, но била дефинирана дури во 2015 година. Денес постојат само неколку истражувања поврзани со нарушувањето.

Нил Кенмуир бил еден од првите што зборувале за своето искуство со афантазија откако бил дефиниран поимот. Во 2015 година тој изјавил за Би-би-си дека знаел дека е различен уште од мал, а тоа го сфатил бидејќи не можел да ги замисли овците кога се обидувал да заспие. Годинава, Серена Пуанг опишала слично искуство за „Њујорк тајмс“.

- Никогаш не можев да видам ништо - само темница. Броев тивко во темница со години - изјавила таа.

Афантазијата го отежнува броењето овци, но се чини дека нарушувањето нема влијание врз имагинативноста или креативноста на личноста и само некои луѓе имаат проблеми со визуелната меморија. Луѓето со оваа состојба може да ги опишат и препознаат лицата и местата, што покажува дека нивната вербална имагинација и меморијата не се погодени.


Фото: Pixabay

Во еден неодамнешен експеримент 103 испитаници со и без афантазија гледале фотографии од дневни соби и потоа морале да ги нацртаат. Немало големи разлики помеѓу контролната група и учесниците со афантазија. Кога било побарано да се сетат на сцената што ја цртале без потсетување, 61 учесник со афантазија се сеќавале на помалку визуелни детали, а нивните цртежи имале помалку боја и повеќе зборови. На пример, еден учесник напишал „прозорец“ наместо да го нацрта прозорецот.

Психологот Вилма Бенбриџ од Универзитетот на Чикаго објаснува дека луѓето со афантазија можеби користат стратегии, како помнење со зборови, за да запомнат детали за одреден простор.

Потребни се уште истражувања за да се разбере што се случува на невролошко ниво, но истражувачите претпоставуваат дека оние со вродена афантазија можеби имаат слична состојба со оние што се родени без вид, а сепак може да се движат во простории и да ги опишат собите иако не ги виделе.

Автор: Карли Касела
Извор: sciencealert.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот