X
 30.07.2022 Наша тема

Осум девојки имаат најдобар резултат по англиски на државната матура. Упорноста, балансирањето и посветеноста се клучни за успех

Оваа година, според податоците добиени од Државниот испитен центар, 8 ученички постигнале одличен успех на државната матура по предметот англиски јазик со 99,97 перцентили. Тоа се Фани Јованова од СОУ „Добри Даскалов“ во Кавадарци, Надица Велјаноска од ОСУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид, Софија Кочовска, Ана Наумоска и Киара Педрони од СУГС „Орце Николов“ во Скопје, Стефанија Смиланска од СОУ „Ванчо Прке“ во Виница, Ана Трифуновска од СУГС „Јосип Броз Тито“ во Скопје и Рада Чоп од СОУ „Јане Сандански“ во Струмица.

Шест од нив за Факултети.мк ги споделија своите искуства од подготовките, техниката на учењето, жртвувањето на социјалниот живот, а ни ја открија и формулата за успех, како и плановите за студии.

Според Надица Велјаноска, балансот е клуч за успешен живот

Надица вели дека за неа балансот е клуч за успешен живот.

- Денот има 24 часа и мислам дека со добар распоред може да бидат продуктивно искористени. Само неколкучасовно учење и релаксација со пријателите ги носат посакуваните резултати - вели Надица.

Изучувањето на англискиот јазик од најрана возраст ѝ помогнало при полагањето на матурата со оглед на тоа што создала континуитет, па полагањето на матурскиот испит било еден вид евалуација на нејзиното знаење. Своето академско образование планира да го продолжи на Медицинскиот факултет во Скопје затоа што е фасцинирана од функцијата и градбата на човечкото тело.

Надица Велјаноска


Софија Кочовска успеала со упорност

Софија Кочовска од скопската гимназија „Орце Николов“ смета дека нејзината формула за успех се состои од единствен клучен елемент: упорност.

- Сметам дека талентот кој не е дополнет со упорност и посветено време на нештото е недоволен за успех. Меѓутоа, сето тоа се одразува врз социјалниот живот и дефинитивно се чувствува неговото влијание - вели Софија.

Таа сподели дека подготовките за полагањето на матурата траеле околу два месеца, но тоа не би било доволно доколку во текот на четирите години средно образование не се посвети доволно внимание на учењето. За полагањето на испитите се подготвувала самостојно, без приватни часови.

- Моето образование го продолжувам во Словенија, каде што ќе студирам компјутерски науки. Ја одбрав Словенија поради можностите што се нудат таму, како помали групи за работа со интернационални студенти и посветеноста на практичната работа - истакна таа.

Софија Кочовска

Ана Наумоска ќе студира економија и бизнис во Љубљана

Ана вели дека нејзината формула за успех е упорност и посветеност сè до целта.

- Ако имате добро поставена цел и знаете што сакате да постигнете, притоа не откажувајќи се и покрај сите тешкотии, целосно посветувајќи се на вашата замисла, можете да постигнете сè што сте замислиле - вели таа.

За испитот по англиски јазик се подготвувала самостојно, една недела по 2 часа дневно.Ана вели дека сака своето образование да го продолжи на Факултетот за бизнис и економија во Љубљана, Словенија, зашто смета дека тој е еден од најдобро рангираните факултети во светот и дека ги има најдобрите програми за учење.

Ана Наумоска

Ана Трифуновска ги совладала тешкотиите учејќи со другарите

Ана Трифуновска вели дека иако немала посебна техника на учење, добрата организација на времето ѝ овозможила да научи сè, а и да има време за себе и за дружење. Таа вели дека заедничкото учење и повторување со нејзините соученици најмногу ѝ помогнало во совладувањето на материјалот за матурата.

- Најчесто учев заедно со друштво, со кое го повторувавме материјалот учен во текот на годината, а потоа ги решававме старите тестови од претходните матурски испити. Сметам дека на овој начин многу си помогнавме меѓусебно во совладувањето на која било тешкотија од материјалот - вели Ана.

Ана Трифуновска

Таа додава дека сака да се запише на Медицинскиот факултет во Скопје, насока општа медицина, бидејќи тоа е хумана професија со која во иднина би помогнала во зачувувањето на здравјето на луѓето.

Формулата за успех на Рада Чоп е од 3 состојки: упорност, верба и посветеност

Рада Чоп од гимназијата СОУ „Јане Сандански“ во Струмица вели дека успехот најпрво доаѓа од сопствената психичка посветеност кон целта.

- Мојот успех е мешавина од три состојки: упорност, верба и посветеност на остварување на посакуваната цел. Но, сепак, овие атрибути нема да се важни ако не додадеме и малку релаксирање помеѓу чекорите до успехот - вели таа.

Според неа, за учењето да биде квалитетно и солидно, секогаш треба социјалниот живот да биде барем малку жртвуван. Нејзината техника на учење била комбинирана – по секој час посветен на учење се одморала читајќи книги или гледајќи серии, или пак дружејќи се со двоите другарки. Во подготовката за испитот по англиски јазик таа ги покажала своите познавања од јазикот, меѓутоа, голема улога имала и инутицијата.

Рада Чоп

- Подготовката за англиски јазик беше малку специфична бидејќи немаш конкретна теорија која можеш да ја „набубаш“, туку тука се гледа твоето разбирање на англискиот јазик и севкупниот исход од твоето учење да комуницираш и да пишуваш на англиски јазик сите овие години. Многу ми помогна интуицијата за англиски правопис која ја имам стекнато со помош на многуте вежби со професорите, читање англиска литература и, се разбира, англиски серии и филмови. Но, мислам дека најважно е да бидете сигурни во себе и да го следите својот инстинкт при решавањето на вежбите - истакнува матурантката.

Таа сè уште има дилема во врска со тоа каде ќе го продолжи своето образование. Вели дека сега се наоѓа на крстосница и не знае по кој пат да тргне. Се двоуми помеѓу фармација или биохемија во Скопје, иако првичната желба ѝ била да го продолжи образованието во Бугарија или во Словенија.

Киара Педрони успеала со добра организација, конзистентност и трпение

Матурантката Киара Педрони смета дека добрата организација, конзистентноста и трпението се клучни за да се оствари успех. Меѓутоа, и покрај посветеноста на учењето, таа не дозволила тоа да влијае врз нејзиниот социјален живот.

Киара Педрони

За постигнатиот успех на државната матура по англиски јазик, таа ѝ се заблагодарува на својата професорка Ивана Лазеска, која уште од прва година солидно ги подготвувала за матурскиот испит, поради што не се соочила со никакви проблеми при учењето, ниту пак имала потреба од дополнителни часови. Педрони сака да го продолжи образованието на Медицинскиот факултет во Скопје.

- Отсекогаш сум била истражувач кој постојано бара решенија на прашања кои сè уште не се одговорени, особено оние за човечкото тело и како тоа ги извршува своите потребни функции. Од друга страна, сакам да бидам корисна и да помагам безусловно и без предрасуди, па затоа се одлучив моето образование да го насочам кон медицината - изјави таа.

Фотографии: приватна архива
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема