Македонскиот скијач Дардан Дехари нема да може да настапи на Зимската олимпијада во Пекинг откако за време на подготовките за своето прво учество на една олимпијада, тој незгодно падна и тешко го повреди десното колено. Дехари требаше да настапи во дисциплините слалом и велеслалом.
- По првите консултации меѓу докторот Лубомир Огњеновиќ, кој е во Пекинг, кинеските доктори и претседателот на Здравствената комисија на МОК, д-р Небојша Настов, станува збор за кинење на предниот вкрстен лигамент на десното колено и Дардан Дехари итно ќе биде опериран - соопштија од Македонскиот олимписки комитет.
Да потсетиме дека Дардан Дехари го носеше македонското знаме на церемонијата на отворањето на ЗОИ што се одржа во петокот и е еден од тројцата македонски претставници во Пекинг, покрај кантри-крос скијачите Ана Цветановска и Ставре Јада.
фото: МОК