Во скопско Визбегово се снимаше дел од официјалниот спот на „Еуроспорт“ за Зимските олимписки игри 2018 година што во февруари ќе се одржат во Јужна Кореја. Многумина ги видоа Корејците од бендот Тago&АtoBIZ кои со своите моќни тапани направија вистински спектакл на скопскиот плоштад, пред еден месец, во рамките на манифестацијата „Бела ноќ“. Но, малкумина знаат дека по настапот на отворено тие продолжиле да снимаат до 4 часот наутро во магацин во Визбегово.
На 1 ноември „Еуроспорт“ го пушти спотот на интернет со назнака уште 100 дена до почетокот на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг 2018 година. За снимањето „Еуроспорт“ ангажира своја екипа – режисер од Франција и снимател од Србија кој подолго време работи во Холивуд. Останатиот дел од екипата е од Македонија. Во земјава се снимени само кадрите со корејскиот бенд.
Причината што снимале овде е што ги начекале спектакуларните музичари во Скопје во рамките на нивната турнеја, па нашле време тука да снимат и дел од спотот.
Тago&АtoBIZ гостуваше во Скопје во рамките на дополнителната програма на „Млад отворен театар“ (МОТ+) кој го организира Младинскиот културен центар.