Пациентите со ослабен имунолошки систем развиваат повеќе мутирани соеви на ковид-19, покажува ново израелско истражување.
Коронавирусот е многу помалку смртоносен сега отколку во првата година од пандемијата, но од почетокот се појавија многу соеви од вирусот.
Ново истражување спроведено од научници од Универзитетот на Тел Авив и медицинскиот центар „Сураски“ открива како се појавуваат сите овие соеви. Според нив, заразените лица со ослабен имунолошки систем од хронични болести или поради лекови развиваат мутирани соеви на коронавирусот.
Меѓутоа, истражувачите откриле и дека соевите кои се создале кај пациентите со ослабен имунитет потешко се пренесуваат на други лица. Боледувањето од ковид-19 обично трае неколку денови, но тоа може да трае подолго за некои луѓе. Во овие случаи на хронично заболување, вирусот се размножува во телото подолго време.
Според истражувачите, ослабениот имунитет може да го спречи целосното заздравување од вирусот и да доведе до повеќе мутации на вирусот поради долгото боледување. Способноста на вирусот да преживее и да се размножува во телото на овие пациенти без никакви пречки доведува до развивање нови соеви.
Извор:
The Jerusalem Post
Насловна фотографија: Pixabay