X
 08.07.2021 Наша тема

Марија Наумоска дипломира со 9,95 во рекордно време на Техничкиот факултет во Битола. Никогаш не учев за оценка, вели таа

Таа денес е дипломиран инженер по електротехника на насоката електроенергетски системи. За овие студии се одлучила без многу размислување

Можеби техниката сè уште се доживува како машка професија во земјава, меѓутоа, жените полека, но сигурно го демантираат тоа. Доказ за тоа е и признанието „Инженерски прстен“, кое претседателот на државава, Стево Пендаровски, го додели на најдобриот дипломец на Техничкиот факултет во Битола - крушевчанката Марија Наумоска. Дополнителна потврда на тезата е и тоа што годинава дури 10 од 12 добитници на ова признание што им се доделува на најдобрите дипломирани студенти на инженерските факултети се девојки.

- Техниката воопшто не треба да се доживува како машка професија, барем не во денешно време, кога полека, но сигурно интересот за инженерството се изедначува. Лично јас никогаш не се покајав што ја избрав техниката, ниту пак во некој момент почувствував дека техниката е машка професија. Напротив, го сакам тоа што го изучувам и се трудам теоретското знаење да го надополнам со практично - рече Наумоска.



Не ѝ било тешко зашто го учела тоа што го сакала

Таа денес е дипломиран инженер по електротехника на насоката електроенергетски системи. За овие студии се одлучила без многу размислување. Од малечка ги сакала математиката и информатиката. Решавањето задачи секогаш ѝ претставувало задоволство, а не притисок, товар или обврска. Електро-струката ја одбрала како занимање на иднината, струка во која постојано се учи и надградува.

- Имаше периоди кога имав премногу обврски, повеќе материјал за учење или повеќе испити за полагање, меѓутоа, не можам да кажам дека ми беше тешко бидејќи навистина го сакав тоа што го учев - вели Наумоска.

Техничкиот факултет се смета за еден од најтешките на Битолскиот универзитет. Таа успеа да дипломира во рекордно време со просек 9,95.

- Во текот на моите студии никогаш не учев за висока оценка и за висок просек. Секогаш учев за знаење и тоа што го учев се трудев да го применам во текот на мојата практична настава. Никогаш не преполагав ниту еден предмет, што е доказ дека никогаш не ми беше важно да добијам висока оценка. Оценките едноставно доаѓаат сами по себе кога ќе вложите труд и кога учењето нема да ви претставува товар, туку задоволство и можност да се стекне што повеќе знаење кое може да ве однесе многу далеку во животот - вели таа.



Редовно ја следела наставата, а материјалот го учела уште на предавањето

Три години во текот на студирањето беше стипендист на ЕВН Македонија, а посетуваше и практична настава во Корисничкиот енерго-центар на ЕВН во Прилеп.

- Начинот на кој успеав да го совладам материјалот вклучува фокусираност и редовно следење на наставата. Ако го разберете материјалот на предавањето, тогаш испитите и колоквиумите се полагаат многу полесно. Се разбира дека треба напорно да учите и да се откажете од некои работи, но мене во ниту еден момент не ми фалеше социјален живот, дружба со колегите и забави, бидејќи знаев добро да си го испланирам времето - додаде таа.

Иако со години трае трендот на заминување на квалитетните високообразовни кадри од Македонија, сепак, тоа не е на агендата на Наумоска. Таа моментално е демонстратор и студент на постдипломски студии на Техничкиот факултет – Битола. Би сакала во иднина да работи во некоја од компаниите за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија во земјава. Или, пак, теоретското знаење да го искористи и да продолжи да работи во високото образование пренесувајќи им го своето знаење на идните генерации.



Бидете најдобри во она што го правите

- На младите сакам да им порачам да го студираат она што навистина го сакаат за учењето да не им претставува обврска, туку задоволство. Техничките науки се науки каде што надградувањето и идеите никогаш не престануваат. Во инженерството постојано има нови откритија, предизвици и проекти кои го прават светот подобро место за живеење. Инженерите со своите идеи, размислувања му се потребни за раст, развој и напредок на општеството. Што и да правите, бидете најдобри во тоа! Вие бидете промената што сакате да ја видите во светот - апелира Наумоска.

Признанието „Инженерски прстен“ за неа е голем стимул за понатамошно лично надградување на знаењето и огромна мотивација да биде уште подобра и уште поуспешна, односно да вложува повеќе во себе.

- Ова признание е круна на мојот досегашен вложен труд и доказ дека доколку навистина го сакате тоа што го правите и силно верувате во себе, секогаш ќе има некој што ќе го препознае, вреднува и награди тоа - рече Наумоска.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Жанета Здравкоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема