X
 08.09.2019 Живот

Како малата и некогаш комунистичка европска држава стана туристичка мека

Во последните 20 години бројот на туристички посети на Грузија од неколку стотици илјади годишно се зголеми на речиси 6,5 милиони.

Иако оваа источноевропска држава сместена на североистокот на Црното Море има преубава природа, но и историски убавини, големиот туристички подем не дошол случајно, туку е резултат на силни политички промени и стратегии со кои властите сакаат да ја стават земјата на мапата на најпосакувани туристички дестинации. Моментално туризмот, заедно со земјоделството, е главна економска гранка во Грузија и сочинува 7,5 отсто од бруто-домашниот производ.

Но, нивниот пат до сегашните бројки не бил лесен и тие морале да воведат многу измени за да можат некогаш затворената земја да ја отворат за посети и меѓународна соработка.

Имено, по излегувањето од Советскиот Сојуз, периодот на транзиција кон капиталистичко и демократско општество во текот на 90-тите години од минатиот век бил проследен со големи економски проблеми, додека во периодот од 1989 до 1994 година нивниот БДП паднал за повеќе од 50 отсто, а годишната стапка на инфлација достигнала 15.000 отсто. По завршувањето на кризата што ја зафати земјата во 2003 година, владата почнува големи реформи кои наскоро ќе ја доведат Грузија до економско закрепнување и во 2008 година оваа земја се искачува на 23. место на листата со најслободна економија на светот, со што станува поотворена и за туристички посети.


Поради својата историја и СССР, жителите на Грузија имаа голем проблем со непознавањето на англискиот јазик. Поради тоа, во 2011 година властите одлучија да привлечат дури 1.500 странски професори по англиски јазик за да му помогнат на населението во совладувањето на јазичните бариери. Секој професор од државата доби бесплатно сместување и дополнителен финансиски стимул од 275 долари месечно.

За да привлече поголем број туристи, државата ги отвори своите граници и посетители од речиси 100 земји не треба да вадат виза за да ја посетат Грузија.

Од раните години на независноста Светската банка издвои повеќе од 2,4 милијарди долари за поддршка на растот на грузиската економија, но и за нејзината туристичка индустрија, која тогаш сè уште се развиваше. Тоа вклучуваше помош во воспоставувањето систем на заштитени подрачја, обнова на културните добра и локалните градски центри и финансирање на развојот на туристичкото работење.

За да го продолжат позитивниот тренд, од ноември воведуваат воздушни линии на „Рајанер“ од Милано, Болоња, Марсеј и Келн. Освен тоа, до 2025 година планираат да привлечат и повеќе туристи од земјите во ЕУ, Северна Америка, Блискиот Исток и Азија, но и да ја зголемат просечната потрошувачка на посетителите од моменталните 328 долари за пет дена на 600 долари неделно.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот