Македонија, како земја во развој, изминатите неколку децении е нето-извозник на работна сила. Континуираниот одлив на квалификувани работници од земјата доведе до ерозија на човечкиот капитал, со што значително се намалува нејзиниот развоен потенцијал. Лицата што се иселуваат од економски причини се главно млади, образовани и амбициозни луѓе кои имаат големи перспективи во нивниот кариерен развој. Оттука доаѓаме во парадоксална ситуација каде што работодавците во Македонија се соочуваат со тешкотии да обезбедат работници со соодветни вештини и покрај релативно високата стапка на невработеност.
Целта на пазарот на труд е да ја оптимизира алокацијата на ресурсите заради постигнување максимална сатисфакција, како за работниците така и за потрошувачите. Оптималната алокација на трудот претпоставува одредена мобилност на работната сила, што претставува една од нејзините најманифестни карактеристики. Во реалниот свет во кој живееме промените се вообичаени и во поглед на работната сила можат да се однесуваат на промена на работодавец, занимање, географска локација или, пак, некоја нивна комбинација. Исто така, работодавците реагираат на променливите економски услови преку вработување нови работници, отпуштање на постојни работници, отворање нови или затворање на постојните погони или, пак, преместување на бизнисот на некоја нова локација.
Во однос на просторниот аспект, мобилноста на работната сила може да биде меѓу региони во една иста земја и во тој случај зборуваме за внатрешна миграција или, пак, меѓу различни земји - и тогаш станува збор за меѓународна миграција. Во случај на меѓународна миграција, лицата што мигрираат за земјата во која се доселуваат претставуваат имигранти, а за земјата од која се иселуваат претставуваат емигранти. Податоците од релевантни институции укажуваат на тоа дека миграциските движења денес имаат големо значење во глобални рамки. Според Меѓународната организација за миграции (IOM), заклучно со 2020 година во светот имало над 280 милиони мигранти, што претставува 3,6% од светската популација. Мигрантите пополнуваат многу важни сегменти на пазарот на труд и во голема мера придонесуваат за негова поголемa флексибилност.
Теоријата на човечки капитал предвидува дека миграцијата ќе тече од области со релативно слаби можности за заработки кон места каде што можностите се подобри. Постојат повеќе фактори што влијаат врз тековите на миграции што можат да се категоризираат од повеќе аспекти. Едно од централните разграничувања на миграциските фактори е меѓу фактори на привлекување (pull) и фактори на оттурнување (push). Така, на пример, фактори на привлекување можат да бидат високите заработки на работниците со полно работно време, поголемата стабилност на работното место, ниската невработеност и сл. Од друга страна, во улога на фактори на оттурнување од лошите можности во областите од каде што потекнуваат работниците можат да се јават ниските плати, високата невработеност, сиромаштијата и сл. Емпириските согледувања укажуваат на тоа дека привлекувањето од добрите можности во новата област се посилни од оттурнувањата како резултат на лошите услови во областите од каде што потекнуваат работниците. Со други зборови, луѓето повеќе се привлечени од местата каде што се очекуваат високи заработки, но тие не мора исклучиво да доаѓаат од области каде што можностите се најслаби.
Факторите на привлекување и факторите на оттурнување заедно може да се категоризираат како економски фактори на миграциите што произлегуваат од разликите во нивото на развиеност меѓу различни земји и региони. Освен тоа, сè поголемо влијание врз обемот на меѓународните миграции имаат процесите на глобализација во движењата на капитал и трговија, како и регионалната економска соработка. Во однос на економските фактори, особено значаен е степенот на развој во кој се наоѓаат земјите и регионите, при што нивната класификација на развиени и неразвиени не е доволна. Имено, неопходно е диференцирање на економиите според различни фази во развојот и нивната поврзаност со глобалната економија, што би овозможило оценување на различното влијание на слични фактори врз интензитетот на миграциите. Така, во почетната фаза од економскиот развој преку порастот на приходите, унапредување на нивото на образование и поттикнување поблиски врски со други земји, најчесто настанува пораст на миграцијата. Сепак, на долг рок, континуираниот економски развој се очекува да доведе до постепено намалување на емиграцијата. Интензивната меѓузависност на динамиката на економски развој и миграциските движења придонесува за нивна условеност од промените во бизнис-циклусите. Во тој контекст, анализите покажуваат дека интензитетот на меѓународните миграции на населението и работната сила зависи од промените во стопанската конјунктура. Така, миграциските движења од економски причини особено се интензивни во време на просперитет, а значително се намалуваат за време на рецесии.
Релевантни економски фактори кај современата миграција на работната сила се висината на платите и повисокото ниво на животен стандард во земјата на прием. Во тој контекст се развила и т.н. нова политичка економија за миграција на работната сила, која сугерира дека одлуката за мигрирање не зависи само од очекувањата да се оствари поголем приход во странство, туку и да се надминат капиталните ограничувања дома. Така, семејствата праќаат некој од своите членови за работа надвор од земјата со цел да се избегне ризикот во подрачјето каде што се создава доходот и да ги намалат локалните ограничувања за добивање кредити за инвестирање.
Друга група фактори што влијаат врз миграциите се т.н. неекономски фактори, меѓу кои, според своето значење се издвојуваат: разликите во демографскиот развој, политичките фактори, нарушувањето на животната средина, постоењето на ненаселени простори, природни катастрофи итн. Демографската нерамнотежа како фактор на миграциските движења произлегува од фактот што населението во високоразвиените земји по Втората светска војна расте мошне бавно, наспроти енормниот пораст забележан во помалку развиените региони во светот. Континуираниот раст на побарувачка за труд високоразвиените земји го решаваат преку покривање на дефицитот со имигранти што доаѓаат од земјите во развој. Во тесна врска со демографскиот фактор е и т.н. емиграциски притисок, кој се дефинира како вишок на понудата над побарувачката на работна сила, обично карактеристична за помалку развиените региони. Детерминантите од политичка природа, исто така, имаат значајно влијание кога станува збор за миграциските текови. Тие најчесто се резултат на несогласувања со постојната политика во земјите на потекло, воени конфликти, граѓански војни и сл. Денешниот наплив на мигранти во Европа од Блискиот Исток е типичен пример за миграциски движења предизвикани од политички фактор. Наспроти тоа, природните катастрофи, како што се земјотресите, поплавите, сушите и епидемиите, исто така, влијаат врз просторната мобилност на населението правејќи ги постојните средини непогодни за живеење. Згора на тоа, еколошките катастрофи како причинители за деградација на животната средина и намалена благосостојба влијаат врз миграциите на населението од одредени области.
Македонија, како земја во развој, изминатите неколку децении е нето-извозник на работна сила. Континуираниот одлив на квалификувани работници од земјата доведе до ерозија на човечкиот капитал, со што значително се намалува нејзиниот развоен потенцијал. Лицата што се иселуваат од економски причини се главно млади, образовани и амбициозни луѓе кои имаат големи перспективи во нивниот кариерен развој. Оттука доаѓаме во парадоксална ситуација каде што работодавците во Македонија се соочуваат со тешкотии да обезбедат работници со соодветни вештини и покрај релативно високата стапка на невработеност. Тоа произлегува од фактот што невработените кои остануваат во земјата се главно лица со низок степен на образование кои не се конкурентни на глобалниот пазар на труд. Во овој контекст, некои работодавци прибегнуваат кон приклучување на глобалните миграциски текови „исток-запад“ и обид за вработување странска работна сила од земјите на Средниот Исток, како што е Непал.
Но, дали Македонија е атрактивна дестинација за овие мигранти? Доколку ги анализираме факторите на оттурнување, јасно е дека со просечна нето-плата од околу 200 евра и БДП по глава на жител 1.300 евра, Непал е сиромашна земја. Од друга страна, просечната нето-плата во Македонија е скоро 700 евра, а БДП по глава на жител надминува 8.000 евра. Сепак, Западниот Балкан е еден од најсиромашните региони во Европа, па затоа азиските мигранти често пати го користат како транзитна дестинација за адаптирање во европскиот пазар на труд. Оттука, не треба да чуди фактот што последниве неколку месеци се јавуваат случаи со мигранти од Непал кои „бегаат“ од Македонија. Само за илустрација, просечната нето-плата во Германија надминува 3.000 евра, а БДП по глава на жител е над 50.000 евра. Имајќи го предвид хроничниот недостиг на работници во германската економија, јасно е дека крајната дестинација на непалските мигранти се развиените западноевропски земји.
Во овој контекст постојат повеќе стратегии за обезбедување на потребната работна сила со соодветни вештини и компетенции која ќе одговори на развојните предизвици што со себе ги носат дигиталната и зелената транзиција. Прво, треба да се истакне дека Македонија е меѓу европските земји со најниски стапки на активност. За тоа придонесуваат повеќе фактори, како што е традиционалната улога на жената, а белег остави и долгиот период на транзиција проследен со висока невработеност што предизвика значителен дел од невработените да се обесхрабрат и да излезат од работната сила. Во овој случај, постои голем простор за примена на низа активациски мерки за поголема инклузија на различни категории население со што би се искористил т.н. „заспан“ трудов потенцијал. Секако, ваквите политики би вклучувале и соодветни обуки за вештини кои се побарувани од страна на македонските работодавци. Втората група мерки би требало да се однесува на создавање предуслови за задржување на нашата работна сила која емигрира од земјата. Тоа особено се однесува на младите кои го комплетираат високото или средното стручно образование. За оваа категорија работници треба да се обезбедат квалитетни работни места или државни фондови кои би се користеле за отворање мали бизниси. Притоа, посебен акцент треба да се стави врз технолошката извонредност за креирање стартап-компании со голем удел во синџирот на додадена вредност. На крај треба да се истакне и потребата од креирање целокупен поволен амбиент за живеење во државата, што би вклучувало висок квалитет на јавни добра и услуги, владеење на правото, отсуство на корупција, заштита на животната средина итн.
Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО