Она што го забележуваме е дека младите сакаат да помогнат и активно да работат за вредностите што им се важни, а истовремено имаат вистинско влијание врз промените што се случуваат. Волонтирањето, покрај тоа што е несебична помош, може да биде и начин да се разбие монотонијата од секојдневието, начин да се стекнат нови пријатели или шанса да се научат нови вештини, вели претседателот на „Волонтерски центар Скопје“
„Волонтерите не се платени не затоа што се безвредни, туку затоа што се бесценети“.
„Волонтерски центар Скопје“ е една од водечките невладини организации во Македонија кога станува збор за давање можности на младите луѓе за локално и интернационално волонтирање и активизам, односно инвестирање во сопствените капацитети преку неформална едукација.
Никола Станкоски, по една година волонтирање во Литванија, се вратил во Македонија со идеја за основање на Центарот и оттогаш се пишува приказната на „Здружение за волонтеризам Волонтерски центар Скопје“, низ кој досега се имаат активирано над 8.000 волонтери и активисти.
Никола Станкоски со волонтерки
Колку волонтираат младите? Какви статистики бележиме низ годините?
- Волонтерството има многу лица, преку самостојно помагање во локална заедница, организација на хуманитарни настани со донации за одредена цел, па до неколкумесечни волонтерски проекти во странство. Младите во Македонија можат да волонтираат во невладини организации, фондации, центри за деца од улица, прифатилишта за животни, старски домови, културни и образовни институции и многу други здруженија. Тие, исто така, можат да го најдат своето место во различни полиња, како што се младински активизам, култура, екологија,здрави животни стилови, претприемништво или спорт. Постојат многу видови волонтирање, но најважно од сѐ дека не им помагате само на оние на кои им е потребно, туку и сами на себе.
Она што го забележуваме е дека младите сакаат да помогнат и активно да работат за вредностите што им се важни, а истовремено имаат вистинско влијание врз промените што се случуваат. Волонтирањето, покрај тоа што е несебична помош, може да биде и начин да се разбие монотонијата од секојдневието, начин да се стекнат нови пријатели или шанса да се научат нови вештини. Во Македонија нема ново истражување за волонтерството, но по пандемијата забележавме пораст на солидарноста што се манифестира преку волонтерството. Конкретно во нашата организација статистиките покажуваат дека секоја година имаме поголема заинтересираност за вклучување на младите во нашите проекти. Младите сакаат да бидат вклучени и постојано бараат нови можности кои ќе го збогатат нивниот секојдневен живот - раскажува Никола.
Колку е важно волонтирањето за младите, за општеството?
- Волонтерството е столбот на граѓанското општество и има толку многу придобивки од вклучувањето на младите во волонтирањето, што е тешко да се започне. Верувам дека волонтерството може да биде голема авантура - не само за самите млади, туку и за организациите и општеството.
Волонтерите се движечка сила на различни акции, иницијативи, организации и институции. Тие играат значајна улога во процесот на обликување на општеството. Во контакт сме со многу локални волонтери и секогаш кога ќе ни биде потребна помош, ќе има некој што ќе подаде рака.
Волонтирањето ги зголемува самодовербата, самопочитта и задоволството од животот. Може да ви помогне да најдете пријатели, нови искуства, да се поврзете со заедницата и е одлична можност да ја унапредите кариерата. Волонтирањето е совршен начин да откриете нешто во што навистина сте добри и да развиете нови вештини - вели тој.
Волонтерството се заснова на принципот на доброволност, дејствување во корист на други лица без финансиски надомест... Што најмногу ги стимулира младите да волонтираат?
- „Волонтерите не се платени - не затоа што се безвредни, туку затоа што се бесценети...“ е мотото што го користи нашата организација. Волонтирањето не значи само помагање, туку и давање на вашето време, енергија и вештини без да барате надомест. Можеби е вистина дека никој не може да ги реши сите проблеми на светот, но она што можете да го направите е да го направите тоа мало ќоше од светот каде што живеете - малку подобро. Младите сакаат да видат промени. Нивниот глас се слуша, но не доволно и затоа е важно да бидат вклучени на еден или на друг начин. Повеќето волонтерски улоги вклучуваат и работа со истомисленици, што дава чувство на единство и тоа е она што младите го бараат во волонтирањето - споделува Никола.
На кој начин функционира Волонтерскиот центар? Какви се Вашите заложби... какви промени се стремите да иницирате?
- Волонтерски центар Скопје се занимава со младинска работа и зема активно учество во општеството, нудејќи им еднакви можности на младите и работејќи на подобрување на нивниот животен стандард без разлика на нивниот национален, верски, политички и економски статус. Отворени сме за сите форми на соработка и за сите идеи со кои младите доаѓаат кај нас. Нашите главни цели, а со тоа и нашите активности вклучуваат унапредување на волонтерството, неформално образование, активно граѓанство и имплементација на Законот за волонтерство и Законот за млади. ВЦС редовно спроведува интерактивни работилници на различни теми за развојот на младите и има доста забавни моменти. Со цел видливо да промениме нешто во нашата заедница, организираме екоакции за да ја подигнеме свеста за чиста и здрава животна средина.
Многу сме горди што од формирањето на нашата организација - повеќе од 8.000 македонски и странски волонтери и младински активисти се вклучени во нашите меѓународни и локални активности. Заедно создадовме многу вредни акции и проекти и се надеваме дека ќе продолжиме да градиме подобра иднина за сите, особено за младите - вели Никола.
Волонтерите и волонтерството во секоја држава претставуваат огромен човечки потенцијал кој континуирано се мобилизира согласно потребите... Како котираме во споредба со соседството, Европа... Имаме ли развиена јавна свест?
- Правната рамка за волонтерството е сосема нова во Македонија бидејќи беше усвоена дури во 2007 година. Таа го регулира не само волонтерството на домашните волонтери, туку и на странските. Моментално е во тек процес на измена на законот, подготовка на нова стратегија за развој на волонтерството. ВЦС дава и свој придонес преку изработка на Прирачник за управување со волонтери во граѓански организации кој ќе биде особено важен за организациите, но и за институциите во вклучување на волонтерите во нивните активности, а кој наскоро ќе биде промовиран. Прирачникот за управување со волонтери во граѓанските организации е изработен во рамките на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата“. Исклучително е важно да се мотивираат младите луѓе да волонтираат и затоа е уште побитна промоцијата на волонтирањето во сите структури. Кај младите во нашата земја, за жал, преовладува чувството дека бадијала е сѐ, не може ништо да се промени, работите ќе останат такви какви што се. Напротив, кога секој од нас би презел иницијатива, па макар и за сосема споредна работа за некого, прогресот ќе биде видлив. Токму затоа, Волонтерски центар Скопје се обидува да допре до што е можно поголем број млади со цел да ги развие нивните вештини, да им всади чувство на самодоверба, да ги извади од апатијата, да им ги отвори хоризонтите, да ги направи да се чувствуваат важно. Со такви млади луѓе, кои ќе бидат подготвени да преземат иницијатива - ќе јакне и општеството. Општествената свест не се менува преку ноќ, затоа е потребно да работиме посветено сега и веднаш, притоа секој од нас да го даде својот придонес - заклучува Никола.
Фото: приватна архива