X
 08.12.2021 Наука

Научниците градат огромна кутија со податоци во случај да изумре човештвото

Доколку некогаш исчезне човечката цивилизација, што ќе остане? Можеби остатоци од напуштени градови или некои споменици, но можеби нема да има многу докази за сето она што човештвото успеало да го постигне.

Група истражувачи сакаат да го сменат тоа. Нивното решение е огромна неуништлива кутија во која ќе бидат запишани научни податоци кои ќе им покажат на можните идни цивилизации како изумрела нашата цивилизација.

Проектот е наречен „Црната кутија на Земјата“ и е соработка помеѓу истражувачи од Универзитетот на Тасманија, маркетинг-агенцијата „Клемебџер ББДО“ и креативната агенција „Глу сосајети“.

Кутијата ќе биде изработена од челик и ќе биде поставена на изолирано место во Тасманија. Во неа ќе има мемориски дискови што ќе работат на електрична енергија која ќе се произведува од соларни панели на покривот.


Фото: Earth's black box

Слично како и црните кутии во авионите, таа треба да биде речиси невозможна за уништување. Истражувачите ја дизајнираат кутијата за во неа да зачуваат податоци за климата, но и информации за наслови од вести и објави на социјални мрежи.

- Идејата е ако Земјата пропадне како резултат на климатските промени, овој неуништлив уред да биде таму за кој било што ќе остане да учи од него - изјавил Џим Куртис, извршен креативен директор во „Клеменџер ББДО“.

Извор: Futurism
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука