Персонализираната имунотерапија е иднината на канцер-терапијата. Идејата што лежи во сржта на имунотерапијата е да му се овозможи или да се научи имунолошкиот систем на секој пациент да го препознае канцерот и да го убие.
Зошто некои луѓе добиваат канцер, а некои не, зошто кај некого терапијата дејствува, а кај друг не? Која е иднината на човештвото кога ракот се шири како епидемија, а во повеќето земји хемотерапијата е најчестиот начин на лекување?
Д-р Горан Кунгуловски од компанијата „Био инженеринг“ ДОО, кој работи во Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина како дел од „Жан Митрев клиник“, вели дека иднината на канцер-терапијата е светла. Според него, за да го излекуваме ракот, треба прво да го запознаеме.
Зошто некои луѓе добиваат рак?
Прашање што нѐ мачи сите е „зошто јас?“, без оглед каква мака нѐ снашла во животот. Пациентите болни од рак со право си ја поставуваат оваа дилема. Д-р Кунгуловски објаснува дека со самото раѓање на човекот делбата на клетките не престанува, туку тие продолжуваат да се делат со цел обновување на ткивата и на органите. Со секоја делба на клетката, потребно е точно копирање на нејзината генска информација од ДНК-молекулот.
- Процесот на копирање на ДНК-молекулот (ДНК-репликација), иако прецизен, не е перфектен и поради него се јавуваат и акумулираат мутации (мали промени во ДНК-молекулот). Мутации исто така се појавуваат и поради мутагени агенси, како UV-светлина, рендгенски зраци, бензен, состојки во катран од цигари и слично. Најголем дел од овие мутации секојдневно се препознаваат и се поправаат преку процесот на ДНК-поправка (репарација). Но, бидејќи и овој процес не е перфектен, дел од мутациите ќе останат во клетките и преку делба ќе се пренесуваат понатаму. Доколку мутациите се појават во гени кои ги контролираат растот и делбата на клетката, тоа може да доведе до рак – вели тој.
Ракот, објаснува д-р Кунгуловски, всушност претставува група болести каде што се јавува абнормална и неконтролирана делба на клетките во некој орган. Колку е поголем бројот на делби што една клетка ги извршува (на пример, коскена срцевина или црева), толку е поголема веројатноста да се акумулираат мутации што може да предизвикаат рак.
- Околу 70 проценти од сите типови рак се предизвикани од овој процес. Но, некои луѓе имаат генски предиспозиции за развивање рак, бидејќи од самото раѓање во себе носат мутации во гените кои го контролираат растот на клетката или во гените кои извршуваат поправка на ДНК. Овие луѓе имаат големи шанси да развијат рак во текот на нивниот живот – вели Кунгуловски.
Терапија што цели само на болните клетки
Првичните терапии за рак се базираат токму на тој факт - дека канцерните клетки брзо се делат. Хемотерапијата цели да ги убие сите клетки што брзо се делат, но со нив се убиваат и здрави клетки кои брзо се делат, како тие во цревата, фоликулите на влакната, крвните клетки. Поради тоа, се јавуваат најголем дел од несаканите дејства на хемотерапијата.
Д-р Кунгуловски објаснува дека друг тип терапија е радиотерапијата, која користи високоенергетски зраци за да ги уништи канцерните клетки.
- Поради системскиот ефект (ефект врз целото тело) и несаканите дејства на хемотерапијата, во изминативе децении почнаа да се развиваат попрецизни терапии кои целат само кон канцерните клетки. Оваа терапија се вика таргетирана или целна терапија и истата цели кон одредени уникатности (мутации) што канцерот ги има, а ги немаат нормалните клетки. Таа дејствува само на канцерните клетки и има далеку помалку несакани дејства од хемотерапијата. За многу типови канцер, целната терапија е почетниот пристап за третман на болеста – вели тој.
Најуспешната приказна за целна терапија моментално е таа за третман на хронична миелогена леукемија со лекот Gleevec (генеричко име imatinib), каде што над 90% од сите пациенти преживуваат 5 години по воспоставувањето на дијагнозата.
Д-р Кунгуловски објаснува дека за да се одреди дали некој канцер ќе реагира на целна терапија, потребно е да се направи ДНК-тест, кој може да го утврди тоа. Овие анализи се достапни во Македонија.
- Персонализираната имунотерапија е иднината на канцер-терапијата. Идејата што лежи во сржта на имунотерапијата е да му се овозможи или да се научи имунолошкиот систем на секој пациент да го препознае канцерот и да го убие. Имено, канцерните клетки имаат механизми преку кои се „кријат или маскираат“ oд имунолошкиот систем. Моментално еден од лековите (Keytruda или други checkpoint инхибитори) што ги „демаскираат“ канцерните клетки и ги прават видливи за имунолошкиот систем веќе се користат за третман на метастатски меланом и метастатски неситноклеточен белодробен карцином. Овој пристап веројатно ќе биде применлив за многу типови рак. Терапијата, иако релативно скапа, е достапна/може да биде достапна во Македонија – објаснува тој.
На ракот му го откриваме молекуларното јас
Персонализирани имунотерапии во последните две години се развиваат во неколку институти низ Европа и САД. Биоинженерот Кунгуловски објаснува дека целта на овие терапии е преку генски тест да се откријат уникатности на самиот канцер (неоепитопи) и тие да се прикажат на „генералите“ на имунолошкиот систем, односно дендритските клетки кои понатаму може да им дадат наредби на „војниците“ на имунолошкиот систем (Т-лимфоцитите) да го нападнат и елиминираат канцерот. Оваа терапија моментално се развива и се организираат првите клинички студии во Мајнц, Германија, и во Бостон, САД.
- Како и за секоја болест, за да го излекуваме ракот, потребно е добро да го запознаеме. Треба точно да дознаеме зошто некои луѓе имаат зголемени склоности кон рак или зошто еден тип рак реагира на терапија, а друг не. Треба да ја откриеме молекуларната патека на ракот во сите нејзини детали. Моментално се развиваат молекуларно-генски методологии кои ни овозможуваат интимно да го запознаеме туморот, клетка по клетка, и да му го откриеме неговото молекуларно јас. Откако ќе ги дознаеме правилата на игра, односно кога ќе дознаеме со кого си имаме работа, ќе биде многу полесно да креираме арсенал на оружје кое ќе може да го убие ракот – објаснува тој.
Рано откривање на ракот преку крвна слика
Што му прави хемотерапијата на организмот, Кунгуловски најдобро објаснува со една аналогија – кога ракот би бил терорист.
- Ние знаеме дека терористот се наоѓа во некоја зграда и ја бомбардираме зградата притоа убивајќи ги и другите луѓе во неа – тоа е слично на хемотерапија. Целната терапија би била малку порафиниран пристап, односно знаеме дека терористот се наоѓа во одредена соба во зградата и ја бомбардираме само неа. При персонализираниот пристап кон третман на рак, ние го знаеме името и презимето на терористот, знаеме како изгледа, знаеме колку е висок и колку е тежок. Исто така, знаеме за неговата историја и неговиот живот. Колку повеќе знаеме за еден проблем, толку е полесно да го решиме – вели тој.
Сето она што досега го спомена Кунгуловски претставува реактивен пристап кон третман на рак. Канцерот веќе се воспоставил и растел со години или некогаш со децении и откако достигнал одредена големина, се појавиле првите симптоми во телото на пациентот. Нему повеќе му се допаѓаат проактивните пристапи во медицината – односно раното откривање на ракот и успешен третман против него.
- Во врвните американски и европски институти, а се надевам во иднина и кај нас, моментално се развиваат методологии за рана детекција на рак преку едноставен тест на крвта, каде што се детектира циркулирачка ДНК (liquid biopsy). Кога специфичноста, чувствителноста на овие тестови ќе се зголеми, а цената ќе се намали, тогаш навистина ќе имаме една корисна алатка во борбата против канцерот – вели тој.
Кунгуловски смета дека со развојот на новите технологии, само прашање на време е кога ќе можеме целосно да го третираме или елиминираме ракот.
- Мојата претпоставка е во наредните 15 до 20 години.