X
 05.10.2023 Здравје

Драстичен раст на случаи на канцер на гинеколошкото одделение во болницата во Кочани

Гинеколошкото одделение при Општата болница во Кочани регистрирало драстичен пораст на бројот на случаи на канцер и алармира за подигање на јавната свест кај женската популација за редовни превентивни прегледи.

Од јануари до септември годинава во евиденцијата се забележани девет случаи на канцер, главно на грлото на матката, при што еден случај е сериозен и неоперабилен.

-Практично секој месец евидентираме по еден случај со симптоми на канцер, а најчесто пациентките на лекарски преглед доаѓаат откако ќе забележат здравствени промени. Ако продолжи таквиот тренд, до крајот на годината ќе има зголемување на случаите за трипати во споредба со лани. Пациентките се од различни генерации, најчесто околу 50-годишна возраст, но има и помлади. Поради тоа упатувам апел за навремено и редовно јавување на преглед заради заштита од евентуални несакани последици - истакна специјалистот Илчо Атанасовски, гинеколог во Општата болница во Кочани.

Болницата има соодветни услови за прегледи, а се прават напори за подигање на квалитетот на здравствената заштита.

- Располагаме со нов 4D ехо-апарат што го имаат и посовремените болници. На гинеколошко-акушерското одделение не се водат само раѓањата, туку за деветте месеци имаме и околу две илјади прегледи. Реализирани се и 180 хоспитализации на пациентки и тие се задоволни од условите и услугите - истакна Атанасовски.

Во апелот за редовни прегледи тој потсети дека од минатата година постои можност преку интернет платформата e-zdravstvo.mk да се направи електронска регистрација за ПАП тест на секоја жена.

Според евиденцијата на здравствените установи, секоја година во државата се регистрираат по 150 нови случаи со рак на грлото на матката, а има по околу 50 смртни случаи како последица од ова заболување.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје