X
 09.05.2015 Живот

Дали луѓето се родени злобни?

Секој кој слушал било какви предавања за психологијата, веројатно е запознат со проученото истражување од 1963 година во кое учесниците имале задача да даваат болни струјни шокови на невини луѓе.

Експериментот кој го спроведе психологот од Јеил Универзитетот Стенли Милиграм открил дека повеќето луѓе би следеле наредби и практично би извршиле егзекуција врз друга личност, дури и тогаш кога сметаат дека е тоа погрешно.

Вознемирувачкото откритие на Милиграм често се зема за пример како бескрупулозните лидери како Хитлер ги тераат обичните луѓе да прават разни злочини.

Но, новото истражување го става заклучокот на познатиот психолог под знак прашалник. Дали луѓето навистина се спремни на вакви злобни дела? Дали е во наша природа да му се покориме на авторитетот, дури и ако тоа значи нанесување на болка на другите?

Истражувањето на Милиграм остава многу прашања без одговор. Но, научници досега не можеле да ги повторат неговите резултати од проста причина што етичките стандарди на спроведување на вакви експерименти се значително поостри.

Но, тим од австралијански и шкотски психолози пронајде начин да направи сличен експеримент користејќи техника наречена имерзивен дигитален реализам и повторно да го спроведат експериментот на Милиграм.

Експериментот на Милиграм

Во експериментот, група на здрави мажи во Конектикат, добиваат улога на „учител“ и имаат задача да даваат струјни шокови на друг маж кој претставува „ученик“, секој пат кога ќе погреши. „Ученикот“ седи позади завеса, а „учителот“ не може да го види. Струјните удари се зголемуваат со секој погрешен одговор.

Секако, „ученикот“ е глумец кој е ангажиран од истражувачки тим, нешто што „учителот“ не го знае, а не знае дека глумецот не добива струјни удари.

Резултатите го изненадиле Милиграм. Дури и кога „ученикот“ вриштел од болка и хистерично барал да го пуштат надвор, 65% од учесниците продолжиле да ги зголемуваат струјните шокови, додека на крај не го удриле со максимални 450 волти - кога струјните шокови би биле вистински, сигурно несреќниот „ученик“ би бил убиен.

Милиграм заклучил дека во човечката природа е човекот слепо да следи наредување, дури и тогаш кога тоа значи дека треба да направи страшни злодела.

„Како човек реагира не зависи толку од неговиот карактер, туку од ситуацијата во која се наоѓа“, изјавил тој.

 

Повторување на експериментот


Во новото истражување, 14 глумци добиле различни улоги во повторувањето на експериментот на Милиграм. После тестовите, тие беа запрашани дали се идентификуваат со тој кој го спроведува експериментот или пак со „ученикот“.

Резултатите одговарале на откритието на Милиграм - поголемиот дел од глумците биле подготвени да спроведат болни струјни удари, особено ако се идентификувале со личноста која го спроведува експериментот. Но, кога лидерот на истражувањето се обидел да ги примора да го притиснат копчето за удар, поголемиот дел од нив одбиле.

Тоа сугерира дека послушноста е избор.

„Колку повеќе учесникот се идентифкува со „учителот“ и неговите научни цели, толку е повеќе подготвен да слуша“, вели Алекс Хаслам, психолох на Универзитетот во Квинсленд и еден од авторот на истражувањето.

„Од друга страна, колку повеќе луѓе се идентификуваат со „ученикот“, односно жртвата, толку се повеќе подготвени да дадат отпор и да не го притиснат копчето“, додава тој.

Што значи тоа?


Дали Милиграм бил во право? Дали сме суштества кои следат авторитет без приговор дури и тогаш кога тоа значи дека некој ќе биде повреден?

Не мора да значи. Иако експериментите дале слични резултати, истражувачите велат дека дошло до сосема различно објаснување за реакцијата на испитаниците.

„Резултатите на Милиграм се толкувани како последица од тоа што луѓето природно се наклонети кон тоа да следат наредби“, вели Хаслам. „Но, тоа не е случајот. Дали ќе го послушаат авторитетот или ќе дадат отпор е работа на избор заснован на верувањата на човекот“, додава тој.

„Луѓето се подготвени да им наштетат на другите кога се убедени дека тоа го прават за поголеми цели. Вистинскиот проблем не е тоа дали се тие свесни дека прават зло. Проблемот е тоа што тие мислат дека прават добро“, вели психологот Сент Ендрјуз од Универзитетот во Шкотска. 
Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот