Велат трпение – спасение. Од друга страна, велат дека животот лета додека трепнеш. Слушајќи ги овие девизи, кои најчесто ги кажуваат луѓе чиј број на години би требало да укажува и на мудроста стекната во текот на нивниот овоземски стаж, се наметнува заклучокот дека треба да бидеш трпелив додека гледаш како времето ти минува.
И тогаш се активира паниката.
Се добива впечаток дека таа буква „С“ е само префикс во зборот „трпење“ и дека затоа границата помеѓу „стрпливост“ и „трпење“ е толку магловита. Денес стрпливост е всушност трпење на сè што почнува на буквата „С“. Себеси, средината, ситуациите, сопругата, сопругот, свекрвата, свекорот, соработниците, соседите, сонародниците, состојбата на свеста, светот. И така до недоглед. Колку повеќе сме стрпливи да размислуваме за оваа листа – листата на трпењето станува подолга.
Преку личниот овоземски стаж почнувам да наѕирам малку похумана дефиниција за стрпливоста. Стрпливоста е давање време на времето да работи за нас. Затоа што живееме во свет во кој ни порачуваат дека ако не правиш сè за своите сништа – нема да постигнеш ништо, препуштањето на времето да ги одработи своите работи изгледа премногу ризично. Речиси како самоубиство. Затоа тоа мајсторство на совладување на времето само на малкумина им оди од рака.
Кога наместо да стравуваш од минливоста, ќе избереш да размислуваш за силата на вечноста, кога знаеш дека во овој живот не постојат твоите пет минути како единствена шанса да ја покажеш сопствената вредност, туку дека најголемата вредност го содржи сфаќањето дека целиот овој живот се твоите пет минути во вечноста – тогаш знаеш дека нема загубени шанси во времето, туку само време под чиј притисок не ги гледаме шансите.
Кога ќе одлучиме дека натпреварот наречен Живот го играме според наши правила, стрпливоста тогаш престанува да биде фрустрирачко седење на клупа, туку станува време за оддишка во текот на тајмаутот. Кога ќе сфатиме дека не го трпиме времето, туку дека тоа може да работи за нас, дури тогаш може да ни тргне во животот.
Тогаш паниката престанува.
Ќе ја живееме вистинската љубов кога ќе ги избираме партнерите затоа што ги љубиме, а не затоа што е време да склучиме брак. Ќе бидеме прекрасни родители тогаш кога ќе раѓаме деца затоа што ќе го сакаме тоа, а не затоа што е време да имаме деца. Ќе бидеме најубави тогаш кога ќе носиме облека која е во согласност со нашиот стил, а не со нашата возраст. И на крај, нема да изгледаме убаво за своите години, туку ќе бидеме убави независно од тоа во која доба од животот сме.
Сè додека биеме битки со времето, ќе бидеме само борци кои живеат во страв од тоа што може да ни го донесе времето. Единствено тогаш кога ќе престанеме да војуваме со времето, ќе можеме да почнеме да уживаме постигнувајќи го тоа што го посакуваме. Времето не ни ги диктира нештата што треба да ги правиме, туку општеството. Времето ни ги овозможува нештата. Ни битки не биеме со времето, туку со човековото сфаќање за времето. Затоа што нештата ги наметнуваат луѓето.
Тоа што не заснежува точно на датумот кога календарски почнува зимата не значи дека снегот задоцнил, нити пак тоа што налето зората ја гледаме порано отколку назима не значи дека сонцето подранило. Не грижи се. Не доцниш никаде. Нити некаде ќе стигнеш предвреме. Зашто оваа вселена не знае за часови, нити за календар, туку само за природниот ритам на твоето битие.
Blogdan