Калкулаторот практично одредува можна клиничка слика при зараза со вирусот, ако се внесат сите точни параметри од здравствената состојба на едно лице. Тоа значи дека резултатите се индивидуални, а за нивно добивање потребно е да се внесат категории за одредени заболувања, како и возраст, висина и тежина
Работниците и работодавците ќе можат да го пресметаат ризик-факторот за клиничката слика при евентуална зараза со коронавирусот, а со тоа ќе можат да го планираат и распределат работниот процес, со цел да се заштитат себеси и работната околина.
Ова го овозможува првиот електронски Ковид-19 калкулатор, пуштен во употреба пред еден ден, што го изработило Македонското здружение за заштита при работа - МЗЗПР.
Пресметката може да ја направите на овој
ЛИНК.
Оттаму велат дека интересот за употреба на овој калкулатор е голем. Калкулаторот практично одредува можна клиничка слика при зараза со вирусот (според досега познати податоци), ако се внесат сите точни параметри од здравствената состојба на едно лице, кои се бараат во него. Тоа значи дека резултатите се индивидуални, а за нивно добивање потребно е да се внесат категории за одредени заболувања, како и возраст, висина и тежина.
Ако вирусот го добиете од контакти на работното место, тогаш заразата од Ковид-19 може да се категоризира и како повреда на работа, а при евентуална потешка клиничка слика може да се смета и како професионално заболување, па затоа, според Македонското здружение за заштита при работа, од голема важност е да се знае ризик-факторот на зараза.
Превенција и приспособување на работниот процес
Милан Петковски, претседател на Македонското здружение за заштита при работа, вели дека и работодавците и работниците позитивно реагираат на овој калкулатор зашто на овој начин можат да направат процена во две насоки.
- Работодавците можат да дознаат кој од вработените е со висок ризик од Ковид-19 и на тој начин да го распределат работникот на помалку ризично место или да му овозможат да работи од дома. Работникот, пак, на овој начин дознава дека треба да се заштити и да му го предочи на работодавецот неговиот ризик на работното место - објаснува Петковски.
Според него, овој калкулатор е методологија на процена на ризик од Ковид-19, односно начин за предвидување на ризикот и за вработените и за работодавците.
Ковид-калкулаторот е создаден за практична пресметка на ковид-возраста, што овозможува процена на индивидуалната медицинска/клиничка вулнерабилност (чувствителност/ранливост) на секој поединец за развој на болеста Ковид-19.
Ковид-возраста е ризик-фактор
Ковид-возраста ги сумира сите фактори што влијаат врз очекуваниот исход на болеста, вклучувајќи ги возраста, полот и различните здравствени проблеми што ги има лицето за кое се однесува процената. Функционира на принципот на „превод“ на поединечниот здравствен ризик-фактор во години, кои се додаваат (или одземаат) од актуелните биолошки години (возраст) на лицето. На овој начин се добива „очекуван збир на години“ според кој понатаму се проценува ризикот кога некој би заболел каков би бил понатамошниот очекуван исход од таа болест.
Според ова здружение, ковид-возраста е базирана на публицирани медицински докази за главните ризик-фактори и нивното влијание врз очекуваната тежина на клиничката слика и исходот на болеста.
- Како основа за оваа алатка е земена биолошката возраст на пациентите, односно работниците, од причина што досегашните докази укажуваат дека токму таа е најголем ризик-фактор за компликации и смрт од Ковид-19. За да се пресмета ковид-возраста, се зема актуелната (биолошка) возраст на работникот и на неа се додаваат дополнителните години што се специфични за секој поединечен медицински фактор на ризик. Личните податоци не ги задржуваме, туку се единствено за потребите на оној кој ги внесува. Ние како здружение немаме потреба да ги чуваме личните податоци на оние кои ќе го користат калкулаторот - објаснуваат од МЗЗПР.
Ковид-калкулаторот како практична алатка за утврдување на ковид-возраста на секој работник и националната методологија се изработени од страна на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР), кое во соработка со Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) интензивно работи и на основање на центарот на знаење „Епи Ковид-19 БЗР центар“.