X
 09.06.2020 Живот

Влада: казна за одбивање домашна самоизолација – 14 дена државен карантин што сами ќе си го платите

Засилени контроли на полицијата во Скопје и во пет околни општини, во Кумановско, Штипско и Тетовско поради поголемиот број новозаболени од Ковд-19, уредба за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста, мерки за оние што ќе одбијат решение за самоизолација или што даваат лажни информации се дел од одлуките што денеска ги донесе Владата на 63. седница.

Министерството за внатрешни работи и инспекторите треба да воведат засилени контроли и мониторинг во сите општини во Скопје и во околните Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково. Во Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и општините Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце. Владата одлучи Комисијата за заразни болести повторно да го разгледа предлогот за воведување рестриктивни мерки.

Владата ги задолжи МВР, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита санкционирање на секое непридржување до донесените мерки.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат во секое решение за изолација што ќе биде донесено да стои дека е задолжително инсталирање на апликацијата СтопКорона заради поголема прегледност и контрола за да се превенира ширењето на коронавирусот. Секое прекршување на одредбите од решението за изолација ќе биде санкционирано со државен карантин.

Усвоена е информацијата за барањата кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик бр.1 за кредити од кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) за да се намалат последиците од Ковид-19 и за измените во одобрените списоци, и ја задолжи Развојната банка да склучи договори за кредит со кредитобарателите кои ги исполнуваат критериумите. Од пристигнатите и обработени барања биле одобрени вкупно 738 барања во вкупен износ од 338,8 милиони денари.

Донесена е Уредба со законска сила за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти од областа на индустријата во пост Ковид-19 периодот, со која се уредуваат видот, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на трговските друштва од областа на индустријата за да се стабилизира и обнови нивната деловна активност вклучувајќи го враќањето на изгубени пазари со што ќе се одржат деловните потфати кои ќе придонесат за заздравување на домашната економија, преку реализација на инвестициски проект во пост-ковид периодот во текот на март 2020 година до декември 2021 година.

Владата ја донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за угостителска дејност за време на вонредна состојба, со која се уредува начинот на работата на Комисија за категоризација на угостителските објекти.

Донесени се уредби за примена на Законот за катастар на недвижности за време на вонредна состојба, за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба. Ако некое лице одбие да го прими решението за самоизолација, или дава лажни лични податоци и лажни податоци во врска со лицата со кои што имало контакт во изминатите денови, или не ја применува мерката строга изолација во домашни услови (домашна самоизолација), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, во објекти определени од Владата, за што МВР донесува решение, а трошоците за сместување во тие објекти се надоместуваат од страна на тоа лице.


Фото: Борче Поповски

На предлог на Министерството за транспорт и врски Владата денеска ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, со која се задолжува закупецот да го врати во првобитна состојба градежното земјиште кое било предмет на краткотраен закуп предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација за плажа, а за кое временскиот рок за краткотраен закуп е истечен или договорот за краткотраен закуп е предвремено раскинат.

Владата ја разгледа и усвои информацијата за активностите на Европската Унија за справување со дезинформациите и ширењето на лажни вести поврзани со пандемијата на Ковид-19. Од информацијата произлегуваат препораки со кои на земјите членки, како и на земјите кандидати за членство во Унијата, им се препорачува промовирање на проверени информации и веродостојна содржина со појдовен извор како што е Светската здравствена организација, како и спротивставување на измами поврзани со коронавирусот, унапредувањето на принципот на одговорност и одговорноста на онлајн платформите и детекција и анализа на дезинформациите, вклучувајќи и преземање на координирани кампањи за справување со дезинформациите и ширењето на лажни вести поврзани со пандемијата на Ковид-19.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот