X
 09.06.2021 Наша тема

На oнлајн-тест добил четворка, а „во живо“ знаел за двојка. Дали оценките оваа година се добиени по заслуга?

Во периодот што следува наставниците и професорите треба да ги пополнат свидетелствата, кои ќе им ги поделат на учениците кон крајот на месецов. За тоа дали оценките се навистина добиени по заслуга, поразговаравме со практичари од основното и од средното образование

Изминатава учебна година децата учеа во вонредни услови. Седнати зад мониторите, учениците беа следени во однос на активноста на часовите, редовноста, а беа и испрашувани и полагаа тестови и наставни листови, па врз основа на тоа наставниците ги оценуваа. Дали резултатите се заслуга исклучиво на способноста на ученикот или, пак, се заслуга на дошепнувањето и помошта од родителите, бабите, повозрасните браќа или сестри? Дали се трудеа да се снајдат или, пак, заслужено и со сопствен труд постигнаа успех? Дали оценките добиени изминатава учебна година се заслужени?
Во периодот што следува наставниците и професорите треба да ги пополнат свидетелствата, кои ќе им ги поделат на учениците кон крајот на месецов. За тоа дали се тие навистина добиени по заслуга, поразговаравме со практичари од основното и од средното образование.

Се оценува знаењето, но и редовноста, активноста, домашните...

Зорица Милкова е одделенска наставничка во Основното училиште „Тошо Велков-Пепето“ во Кавадарци. Таа годинава предаваше во четврто одделение, а наставата беше онлајн во текот на целата учебна година.


Зорица Милкова

- Моите ученици на полугодието добија описни оценки, а сега оценките ќе ги добијат бројчано. Начинот на оценување се одвиваше во повеќе фази и со различни техники и методи. Се земаа предвид не само тестовите изготвени во текот на школската година, туку и усните одговори, домашните задачи, активноста на часовите и редовноста на учениците. Со оглед на тоа дека некои од учениците, поради просторните услови, наставата ја следеа со присуство на родители, браќа, сестри, баби и дедовци, постигнатите оценки на тест не се веродостојни. Затоа, во согласност со родителите, директорот и педагошката служба, организирав денови за проверка на знаењето на учениците, секако, со запазување на протоколите за заштита од ковид-19, каде што учениците имаа можност да ги покажат и докажат своите знаења - вели наставничката.

Како што таа вели, разликата меѓу онлајн-оценките и оценките добиени со физичко присуство кај некои од учениците била и до 50 отсто. Тоа значи дека ако некој на тест добил оценка 4, со физичко присуство за истиот материјал, знаел за 2.

- Според тоа, сметам дека оценувањето оваа учебна година не e сосема реално. Оние ученици што континуирано учат и работат, имаат солидни оценки како и претходно. Оние ученици што претходно имале пониски постигнувања, сега имаат повисоки оценки и исто така има и ученици кои многу тешко го совладуваат материјалот и постигнувањата им се на ниско ниво - додава Милкова.

Претходно не знаеја да истражуваат

Александар Алексовски е професор по биологија во средното стручно училиште „Марија Кири Склодовска“. Неговото искуство покажало дека оценките што тој им ги напишал на учениците се заслужени. Вели дека успеал да стекне реална слика за тоа кој колку знае.

- Средното образование трае три или четири години. Реално, наставниците имаат време и да дополнат со знаења и вештини и да дооформат знаења и вештини и во следната учебна година, ако тоа не го сториле во претходната. Согласно ситуацијата, која наметна страв, стрес, и сето тоа што ги следи нашите животи изминатава година, сметам дека оценките сепак се заслужени.


Александар Алексовски

На учениците не им фалеше испрашување, не им фалеше материјал за учење. Имаше редовни тестирања, цело време работеа, истражуваа, презентираа. Совладаа вештини кои во училиште немаше да ги совладаат. Можеби нешто од наставата во училница беше изгубено, но добија многу во смисла на дигиталната настава. Платформата функционираше одлично и јас лично сметам дека го подигнавме целото образование еден чекор понапред. Претходно децата не знаеја да истражуваат, сега знаат како да го прават тоа - вели Алексовски.


Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема