X
 18.03.2021 Наша тема

Нереални петки – нереални уписи. Зошто треба да се менуваат оценувањето и правилата за запишување во средно?

Колкав фактор за упис треба да се оценките? Дали државата планира да ја менува уписната политика и дали освен постигнатиот успех, ќе има и други критериуми што ќе треба да ги исполни кандидатот за да се запише во средно? За овие прашања поразговаравме со неколку професори што работат во средните училишта, како и со надлежните во Министерството за образование и наука

Системот на оценување на основците треба да се смени, а дали заедно со него треба да се сменат и правилата за упис во средно образование? Ова прашање го отворија најавените образовни реформи во основно образование. Битките за петки за основците, најжестоки на крајот од учебната година, се директно врзани и со политиката за упис на средношколците. Сликата на терен покажува дека ако еден ученик сака да се запише во училиште за средно образование за кое конкуренцијата е голема, тогаш нема да успее ако има четворки бидејќи скроз одличните лесно ќе го симнат од ранг-листата. А тој може да има поголемо знаење од нив...
Колкав фактор за упис треба да се оценките? Дали државата планира да ја менува уписната политика и дали освен постигнатиот успех, ќе има и други критериуми што ќе треба да ги исполни кандидатот за да се запише во средно?

Според досегашните правила, има повеќе критериуми за избор на ученици при упис во средно образование. Прв е средниот успех на ученикот од 6. до 9. одделение, па средниот успех на ученикот постигнат по четири предмети (мајчин јазик, странски јазик и два предмети што се од значење за струката), а критериум се и дипломите за освоено прво, второ или трето место од меѓународни натпревари, како и државни натпревари (организирани од акредитирани здруженија од Министерството за образование и наука) по мајчин јазик, странски јазик, природни науки, математика, хемија, физика, биологија и географија и наставни предмети што се од значење за струката, односно изборното подрачје. Кога во едно училиште за средно образование конкурираат голем број ученици со висок просек и кога училиштето не може сите да ги прими поради ограничениот број на слободни места, се организира квалификациско тестирање со кое се врши селекција на кандидатите. Вакви тестови речиси секоја година полагаат кандидатите за упис во средното медицинско училиште ,,Д-р Панче Караѓозов“ бидејќи интересот за ова училиште е огромен.

Скроз одлични и функционално неписмени


Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во „Раде Јовчевски-Корчагин“, смета дека се потребни хируршки интервенции во образованието.
- Токму во прва година воочливи се „накалемени“ оценки, истото со што се соочуваат и професорите на факултет - скроз одлични студенти - функционално неписмени. Сѐ додека оценките се фактор за упис, така ќе биде, ова е долгогодишна практика која е толку „нормално“ прифатена што се прифаќа како стандард. Проблемите се наталожија кога се отворија гимназиски паралелки за сметка на осипување на средните стручни училишта (занаетите и мануелците се многу битни за здраво економско јадро на општеството, не може и не треба секој да студира), дисперзирани факултети со кои се постигна хиперпродукција на студенти, квантитет за сметка на квалитет и секако - сѐ повидливиот материјалистички систем на вреднување што резултира со купопродажен систем на образование - вели професорката.


Татјана Алексиќ

Таа смета дека за децата е демотивирачки кога гледаат кој е на челни позиции во системот.
- Време на „бели јаки“ и „змии во костуми“ кои го манипулираат светот, па не е едноставно да ги убедиш децата дека знаењето е важно, а оценките се небитни. Отиде возот предалеку, потребни се хируршки интервенции во образованието, а ова е базата, најбитното, да се вратиме на традиционално учење заради учење и продавање на пазарот на трудот со квалитетно развиени знаења, вештини и способности и заслужени оценки - оценува таа.

Просекот 5,00 често е нереален

Нејзината колешка од гимназијата ,,Орце Николов“, Љупка Боцевска, вели дека има повеќе поврзани фактори што влијаат врз овој синдром на ,,петкаши“ основци кои во средно знаат да покажат слаби резултати.

- Пубертетот сам по себе знае да предизвика сериозни психички проблеми кои можат да резултираат со пад на концентрацијата кај ученикот или незаинтересираност за учење. Различни семејни ситуации, исто така, можат да влијаат врз учењето кај детето. Но, секако, тука се и нереалните оценки што ги добивале во основното образование и кои создале слика кај детето и родителите дека тоа знае за 5 и дека само таа оценка може да ја добие. Кога ќе се соочат со пониски оценки во средно, тогаш има проблем и кај детето и кај родителите - вели Боцевска.
Таа смета дека се ретки оние родители што се свесни дека не може по сите наставни предмети детето да биде гениј и се помируваат со фактот дека ќе има и понекоја четворка, тројка, двојка. Обично најтензично и најтешко е во прва година средно образование, тогаш и учениците и родителите се соочуваат со реалноста и фактот дека по некои предмети ученикот ќе има и пониска оценка од 5.
- Првото полугодие е најтешко, потоа се адаптираат на ситуацијата, повеќе време посветуваат на учење ако сакаат да имаат просек 5,00 на крајот од учебната година, а дел од учениците се помируваат со фактот дека на крајот нема сите оценки да им бидат петки. И тогаш почнува фазата на созревање, пронаоѓање на себеси, создавање нови пријателства, одредување приоритети кај ученикот - смета Боцевска.
За нереалниот просек 5,00 во основното образование што го имаат многу ученици, исто така има повеќе фактори.
- Голем дел од наставниците се соочуваат со сериозни притисоци да им стават петки на учениците за да се запишат во ,,подобрите“ средни училишта. Дел од наставниците не сакаат да вложуваат премногу труд, па најлесно им е да им стават на сите ученици петки на крајот од годината. Но, секако дека има и такви што се максимално трудољубиви, вложуваат голема енергија во наставата и имаат цел да ги научат учениците и на крајот објективно да ги оценат. За жал, таквите се најмалку ценети и најмалку „омилени“ бидејќи „го оштетиле“ ученикот со четворката што му ја оставиле на крајот од учебната година и тој „нема да може“ да се запише во некое од „подобрите“ средни училишта - вели професорката.

При упис во средно да се доставува и портфолио за ученикот

Согласно сегашните законски правила, главен критериум за упис во средно и за составување на листите на примени кандидати се свидетелствата. Професорите не знаат ништо за учениците, не знаат ништо за нивните афинитети, вештини и интереси. Aлександар Алексовски, професор по биологија во средното стручно училиште „Марија Кири Склодовска“, смета дека е потребно при упис да постои некаква форма на интервју со учениците или некакво портфолио во кое ќе има податоци за ученикот кои ги нема во свидетелствата.
- Периодот во кој учениците се запишуваат во училиште за средно образование е период и кога влегуваат во пубертет. Тогаш на учениците потешко им оди учењето, особено на оние „послабите“. Во втора година се достигнува врвот на промените, а потоа полека се средува ситуацијата. Ова сме го воочиле и јас и мои колеги. Практиката покажува дека се случува да дојдат кај нас деца со сите петки, а подоцна согледуваме дека тие оценки не биле реални. Прашање е како ги добиле тие петки. Јас како професор немам досие на ученикот, немам некакво известување, немам претстава кое е и какво е детето што се запишува во нашето училиште. Ние не сме обврзани со закон да им правиме интервјуа на кандидатите при упис, па затоа документите може да ги донесе кој било, родител, брат, сестра. И, нормално, кога ги правиме листите, ако биле одлични, тие се високорангирани - вели Алексовски.


Aлександар Алексовски

При упис, тој смета дека треба да се воведе некаква задолжителна документација, односно портфолио за ученикот, а не само свидетелството, кое не кажува ништо повеќе за ученикот освен неговите оценки.
- Би било добро да ги знаеме интересите на ученикот, неговите афинитети, омилените предмети... Во ова ново општество свидетелството не е веродостојно. И, од друга страна, мора да се работи на национално ниво на тоа, да се тргнат епитетите „јако“ училиште, „слабо“ училиште - потенцира Алексовски.

Да се создава кадар каков што е потребен на пазарот

Битката за високи оценки во основното, па и во средното образование, интересот за гимназиското наспроти стручното образование, се причина за создавање вишок работна сила. Aлександар Сибиновски, директор на средното стручно училиште „Владо Тасевски“, има став дека при упис во средно образование, треба да се воведе квалификационо тестирање во гимназиското образование, со цел да може учениците да се запишат во стручните училишта.
- Ново од оваа година е тоа што се унапредува средното стручно образование за да креира квалификуван и стручен кадар кој ќе одговара на потребите на пазарот на труд. Се прави анализа за да се утврди соодветноста на постојните образовни профили кои ги нудат училиштата, како и на потребата од нови образовни профили кои им се потребни на компаниите, но не се вклучени во наставните програми.


Aлександар Сибиновски

Компаниите и нивните потреби од стручен кадар ќе имаат најважна улога при дизајнирање на наставните програми, каде што преку социјален дијалог ќе даваат предлози, сугестии и мислења како да се реформира системот на средно стручно образование и кои образовни профили да се отворат во училиштата кои се во областите каде што компаниите дејствуваат. Поентата е да не се создава вишок работна сила за која нема реална потреба на пазарот на трудот - вели директорот.

MOН: Ќе ги менуваме условите за упис во средно

Како ќе изгледа оценувањето во основното образование согласно новата концепција? И дали МОН ќе ги менува правилата на упис во средно или и натаму клучни при упис ќе бидат добиените оценки? Овие прашања им ги поставивме на надлежните во Министерството.
- Со новата концепција акцентот се става на формативното, наспроти сумативното оценување, односно на процесот на постојано следење на постигнувањата на учениците и постигнувањата на резултатите од учење. Планирано е по изработката на програмите кои ќе содржат стандарди за оценување, да се изработат и критериуми за оценување со цел оценувањето да стане пообјективно. Исто така, се работи на Законот за средно образование во кој ќе бидат сменети условите за запишување во средно образование и секако ќе се зема предвид и додатокот на свидетелството што учениците од основно образование ќе го добиваат и во кој ќе се наведуваат одделени карактеристики на ученикот, учеството во општествено-хуманитарна работа, воннаставни активности и друго - информираат оттаму.
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема