X
 09.06.2022 Живот

Гестациски дијабетес: Како се лекува покачениот шеќер во крвта и како влијае врз плодот?

Гестациски дијабетес мелитус се јавува исклучиво во периодот на бременост. Иако точните причините за појавата на ова заболување се непознати, доминантната теорија вели дека плацентата – органот што обезбедува вода и нутриенти за фетусот и го заштитува од имунолошкиот одговор на мајката – продуцира хормони што негативно влијаат врз искористувањето на инсулинот од страна на мајката.

Инсулинот е хормон што му е неопходен на организмот за конвертирање на глукозата или шеќерот во енергија што може да ја искористи.
Кога нивото на инсулин е ниско или телото не може ефикасно да го користи поради развиената отпорност на инсулин, доаѓа до зголемување на нивото на глукозата во крвта.

За разлика од другите типови дијабетес, гестацискиот не е постојан, односно во повеќето случаи тој исчезнува по пораѓањето. Сепак, жените што го имале овој проблем, имаат зголемен ризик од развивање друг вид дијабетес во иднина.

Ризик-факторите за гестациски дијабетес се:

Возраст над 40 години;
Претходно искуство со гестациски дијабетес, во претходна бременост;
Покачена телесна тежина или обезност;
Семејна историја поврзана со дијабетични заболувања;
Претходни абортуси или предвремено породување;
Околу 90% од бремените жени имаат барем еден ризик-фактор за дијабетес, но одредени фактори се значително повлијателни од другите.



Најчесто жените што страдаат од гестациски дијабетес немаат никакви забележителни симптоми. Всушност, тоа е и еден од најголемите проблеми со овој тип дијабетес. Поради овие причини, голем дел од жените остануваат недијагностицирани.

Кога се појавуваат, симптомите најчесто вклучуваат:
Жед која е невообичаена;
Зачестено мокрење (иако и самото зачестено мокрење е типично за периодот на бременоста);
Хроничен замор, што понекогаш тешко се разликува од вообичаениот замор при бременоста;
Покачено ниво на глукоза во урината, откриено при рутински тест на урина.

Поради тоа што огромниот број од жените имаат некој од ризик-факторите за развој на ова заболување, скринингот се препорачува кај секоја жена во периодот на бременоста. Всушност, станува збор за oGTT (oral glucose tolerance test), тест за толеранција на глукоза. Се препорачува да се прави помеѓу 24. и 28. недела од бременоста, иако може да се направи и порано ако се присутни одредени симптоми на дијабетес или пациентката има одредена историја со гестацискиот дијабетес. Пред тестирањето, пациентките треба да имаат умерена, балансирана исхрана, особено во однос на јаглехидратната храна и да не се изложуваат на понапорна физичка работа. Неколку дена пред тестирањето не треба да се земаат лекови што имаат влијание врз метаболизмот на глукозата, како кортикостероиди и диуретици. Секако, сето ова се прави во консултација со лекарот што ве следи. 12-14 часа пред тестирањето не треба да се јаде. Тестот трае околу 2 часа и се одвива според насоките на соодветните лица од лабораторијата.

Главната цел на третманот е да се спречи преголем раст на фетусот, што може да доведе до проблеми за мајката, но и за самиот плод. Пациентките мора да направат одредени промени во начинот на исхрана и да научат да ги следат своите нивоа на шеќер во крвта. Кај одредени случаи, можна е потреба од примање инсулин или одредена орална терапија.

Нетретирањето на овој тип дијабетес може да води и кон посериозни компликации, како прееклампсија (хипертензија во текот на бременоста), проблем со самото пораѓање и неопходност од царски рез. Преголемиот плод може да води кон посериозни оштетувања кај репродуктивниот систем на мајката. Дополнително, новороденчето има зголемен ризик од дијабетес, обезност и метаболитички проблеми подоцна во животот. Истото важи и за мајката.

Автор: д-р Влатко Данков, спец. гинеколог-акушер
ПЗУ Д-р Влатко Данков

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот