Напредокот во медицината во изминатите неколку децении доведе до можност за рано детектирање на малигните заболувања благодарение на брзиот развој на дијагностичките методи. Дополнително, напредокот во лекувањето на пациентите доведе до зголемување на стапката на преживување, но и на излекување од канцер.
Употребата на нови, модерни терапии во третманот на пациентите придонесе за удвојување на преживувањето на пациентите кои страдаат од малигни болести во споредба со 70-тите години, но нивната употреба доведува до многубројни несакани ефекти кои влијаат не само врз квалитетот на живот, туку исто така може да предизвикаат развој на друг вид болести кај оваа популација. Помеѓу најзагрижувачките несакани ефекти се вбројуваат несаканите кардиоваскуларни настани кои иако не се чести, сепак може да доведат до сериозни последици за здравјето на пациентите, а во некои случаи и неопходна е промена на изборот на хемотерапија.
Што е кардиоонкологија?
Кардиоонкологијата е релативно новоразвиена гранка во медицината која е посветена на детекција, мониторирање и третман на кардиоваскуларни болести кои се јавуваат како последица на хемотерапијата, имунотерапијата и радиотерапијата кај пациенти болни од малигни болести. Kaрдиотоксичноста претставува какво било оштетување на кардиоваскуларниот систем предизвикано од употребата на различни видови терапија против малигните болести.
Меѓу најчестите несакани ефекти се: појава на висок крвен притисок, неправилна срцева работа - аритмија, ослабување на срцевиот мускул кое доведува до појава на срцева слабост, срцев удар, тромбоза на длабоките вени или белодробна тромбемболија.
Во некои случаи појавата на кардиотоксичност може да ја ограничи употребата на ефикасни антиканцер-терапии. Важно е да се истакне дека овие терапии се докажани во лекувањето разни типови канцер и стравот од појава на несакани ефекти не треба да ги спречи пациентите да ги примаат најсоодветните терапевтски режими за нивната болест. Еднакво важно е да се напомене дека кардиотоксичност нема да се случи кај секој пациент што прима ваков тип терапија. Повеќето од пациентите ќе поминат низ разни терапевтски режими без кардиоваскуларни компликации.
Улогата на кардиоонкологијата е, меѓу другото, и да им овозможи на пациентите да го добиваат најдобриот возможен антиканцер-третман, без притоа да дојде до какви било оштетувања на кардиоваскуларниот систем.
Од тие причини, препорачано е кај секој пациент кај кој се планира започнување на лекување на малигна болест да се направи процена на ризик од можни кардиоваскуларни компликации. Исто така, секој пациент во текот на лекувањето треба да биде мониториран со цел рано и навремено откривање на можни кардиотоксични ефекти, но исто така треба да се прават и повремени проверки по завршување на лекувањето бидејќи некои видови терапии (на пример, радиотерапијата) може да предизвикаат доцна кардиотоксичност, во одредени ситуации и по повеќе години од завршувањето на лекувањето.
Затоа во водењето на пациентите исклучително е важен мултидисциплинарен пристап со цел најефикасно лекување. Секој пациент треба да добие информации за потенцијалните бенефити од планираната терапија, но исто така и можни несакани ефекти од неа поврзани со срцето и циркулацијата.
Процена на ризик:
Во базичната процена на ризик влегуваат:
• возраста на пациентот
• тип и локација на канцер
• присуство на срцева болест или претходно лекување на срцево заболување
• присуство на висок крвен притисок
• претходно лекување поради тромботичен настан
• присуство на разни ризик-фактори како пушење, обезност, позитивна фамилијарна анамнеза за срцеви болести
• претходно лекување на канцер
• тип на планирана хемотерапија
• локација на зрачна терапија (доколку истата се планира)
Кoга се препорачува кардиолошка консултација?
Консултација со кардиолог не е неопходна за сите пациенти кај кои ќе се започне лекување. Кај оние пациенти што немаат никаков или имаат минимален ризик да развијат некаков облик на кардиотоксичност, нема потреба за дополнителни иследувања или посета на специјалист кардиолог. Но доколку постои ризик за развој на кардиотоксичност, тогаш медицинскиот тим ќе назначи дополнителни кардиолошки иследувања, а ако има потреба, и консултација со специјалист кардиолог.
Голем дел од овие иследувања се прават, прво, пред започнување на лекувањето со цел процена на базичниот ризик, но и за да се види дали во иднина ќе се јави некаква промена.
Кои испитувања се прават најчесто?
Најчестите кардиолошки тестови опфаќаат: eлектрокардиограм (ЕКГ), кардијални биомаркери (преку крв), ехокардиографски преглед, а во некои случаи и срцева магнетна резонанса и компјутерска томографија на срце.
Според проценетиот базичен ризик, пациентите се класифицираат во три групи, група со низок ризик, група со среден ризик и група со висок ризик. Кај групата со висок ризик се препорачува, освен често мониторирање на функцијата на срцето, консултација со специјалист-кардиолог пред започнување и во текот на лекувањето. Кај одредени пациенти од оваа група, со цел намалување на ризикот, може да биде ординирана терапија која ќе доведе до намалување на можното оштетување - кардиопротективна терапија.
Најчесто поставувани прашања од страна на пациентите:
Што можам да направам за да го намалам ризикот од кардиотоксичност?
Здрав животен стил може да го минимизира ризикот од појава на срцеви/циркулаторни проблеми. Здрава исхрана, редукција на телесна тежина во случај на обезност, редовна физичка активност, како и прекин на пушење и намалување на внес на алкохол се препорачуваат за сите пациенти што ќе започнат со лекување.
Исто така, придржување кон терапијата за срце (доколку пациентот има позната болест) е неопходно и во текот на лекувањето на малигното заболување.
Доколку имам срцев проблем, дали е безбедно да ја примам препорачаната антиканцер-терапија?
Кај пациенти со претходни срцеви заболувања постои поголема веројатност од развој на кардиотоксичност. Но во најголемиот број од случаите ова не е причина за да не се започне со најоптималната терапија. Во овие ситуации одлуката најчесто се носи тимски, во тесна соработка меѓу онкологот и кардиологот. Потоа на пациентот треба да му се објаснат сите можни ризици, како и бенефити од планираната терапија пред започнување со неа.
Кои симптоми би ми укажале на можна кардиотоксичност?
Најчести симптоми на кои треба да се обрати внимание се:
• Градна болка
• Отежнато дишење
• Оток на нозете ( на една или на двете)
• Вртоглавица, несвестица
• Замор
• Срцебиење
Во ваков случај неопходна е консултација со лекар.
Во случај на развивање каков било облик на кардиотоксичност, медицинскиот тим може да донесе одлука да продолжи со истиот третман, но со често мониторирање, привремено да го прекине третманот или трајно да го промени третманот и да направи замена со друг вид терапија.
Кардиоонколошка грижа по завршување на лекувањето
Во ретки случаи, антиканцер-третманот може да предизвика оштетувања кои ќе се манифестираат по месеци, а и години од завршувањето на лекувањето. Во вакви ситуации најчести манифестации се: срцева слабост, коронарна артериска болест, висок крвен притисок, аритмии и болести на залистоците.
Затоа, по завршување на лекувањето, зависно од ризикот, се препорачува понатамошно следење кое може да биде на неколку месеци или еднаш годишно.
Автор: асистент д-р Ирина Котлар-Велкова, специјалист-кардиолог
Универзитетска клиника за кардиологија -Скопје