Шансата да се добие стипендија во Русија е мала. За да ја добиеш, секој семестар мора да имаш одличен успех
- Универзитетот поседува најсовремена технологија со чија помош можеме визуелно да ги разбереме предавањата – вели Драгана Јордановска, која е избрана за еден од најдобрите странски студенти на Универзитетот за архитектура и градежништво во Санкт Петербург.
Нејзина специјалност е изградба на уникатни згради и конструкции.
- Со оглед на тоа што оваа насока се смета една од потешките, бара напорно учење и темелна изработка на проекти, среќна сум што успеав да бидам дел од овој Универзитет. Тука, во Русија, постојано пишувам научни статии за Македонија кои ги објавувам во нашето списание. Секојдневно посетувам и разни конференции – вели Јордановска.
Што беше пресудно за да заминете од Македонија и да го продолжите образованието токму во Санкт Петербург?
- Има повеќе причини зошто го одбрав овој пат. Доброто познавање на рускиот јазик, извонредните услови за студирање и живеење тука, како и меѓународно признаената диплома од еден од најпрестижните универзитети во светот. Сето ова беше пресудно да го продолжам своето образование во Санкт Петербург.
Добивте државна руска стипендија. Дали е доволна за да ги покриете основните трошоци?
- Сѐ зависи од тоа каков студент си и колку трошиш во текот на месецот. Во Русија студентот може да добие оценка двојка, тројка, четворка и петка. Со двојка се паѓа испитот, тројка е преодна оценка, а четворка и петка се како кај нас девет и десет. Шансата да се добие стипендија во Русија е мала. За да ја добиеш, мора секој семестар да имаш одличен успех. Со стипендијата државата го покрива само образованието (една учебна година е од 100.000 до 200.000 денари). Но добивам и месечен придонес со кој може да се покријат основните потреби.
Драгана со колегите од факултет
Имате ли инспиративни професори?
- Професорите во Македонија се залагаат за нас во зависност од можностите, но професорите во Русија се многу инспиративни. На часовите ја имаме најсовршената технологија и визуелно можеме да го видиме тоа што ни го раскажуваат професорите. Имаме школски систем на образование, така што на секое предавање, без разлика дали е лекција или практична лабораториска вежба, сите мора да се присутни на наставата. Интересно е тоа што секој професор може да ги прочита и да ги запомни имињата на сите студенти во амфитеатарот. Доколку некој студент отсуствува, професорот веднаш се загрижува и презема нешто за да го врати тој студент на настава. Професорите им посветуваат голем дел од своето време на студентите. Ние можеме да им се обратиме во секој момент, а тие целиот ден би останале со нас додека не го разбереме материјалот. Преодна оценка може да се добие со полно присуство на часовите, убаво напишани концепти, редовна активност на часовите, решавање задачи на табла и читање истражувања. Во еден семестар имаме од 12 до 16 предмети, а од нас се бара постојано учење. На испитите доаѓаме со индекс, извлекуваме ливчиња со теорија и задачи, па решаваме. Имаме пауза од половина час додека професорот го провери тоа што сме го напишале, потоа доаѓаме и усно одговараме на прашања што ќе ни ги постави професорот. За разлика од македонските универзитети, ние немаме можност за презапишување на предмети. Имаме три шанси во рок од еден месец, од кои третата е пред комисија. Доколку и третиот пат студентот не го положи испитот, го отстрануваат од Универзитетот.
Како се чувствувавте кога пристигнавте во Санкт Петербург. Со што најмногу Ве изненади градот?
- На почетокот бев премногу тажна бидејќи првпат се одделив од своите најблиски, пристигнав во милионски град, непознат за мене. Сите ми велеа дека првата година е најтешка. Морам да признам дека беа во право. Најтешко ми беше тоа што сите обврски дотогаш сум ги извршувала заедно со моите родители, но од моментот кога пристигнав во Русија знаев дека морам да застанам на свои нозе и самата да се справувам со секој проблем. Како и да е, во Петербург има многу Македонци и затоа во ниту еден момент не се почувствував осамено. Градот е прекрасен, доволна е само една прошетка од половина час за да се почувствувам исполнето. Она што најмногу ме изненади од градот е неговата убавина, менталитетот и културата на луѓето. Луѓето се многу искрени, но и премногу ладни. Животот е сосема различен отколку во Македонија.
Не постои студент кој само работи или студира, сите дополнително се занимаваат и со уметност. Балет, опери, концерти, креативни организации, литературни и уметнички дела се секојдневие на рускиот народ. Никого не го интересира како си облечен, каде излегуваш, што пиеш и каде одиш. Во Македонија луѓето те дефинираат според тоа каде живееш, во кој клуб излегуваш и каква облека носиш. Во Русија не постои такво нешто. Напротив, сите ти се обраќаат со „вие“, „ве молам“, „повелете“, „извинете“, независно од тоа кој сте и од каде сте. Секаде сте добредојдени, дури и ако носите обични патики. Сите се подготвени да ви помогнат во секое време. Најдобар впечаток ми остави тоа што ниту еден маж не дозволува жена сама да носи куфер. И покрај тоа што не ме познаваат, секогаш ми помагаат кога ќе забележат дека носам куфер. Дури и не очекуваат да им се заблагодарам.
Што би им препорачале на матурантите што сакаат да се запишат на Градежен факултет во Санкт Петербург?
- Ова е еден од најпознатите универзитети во Русија. Бара напорна работа и постојано учење. Понекогаш се прашувам дали вредеше да се одделам од мојата татковина и да се одлучам за ваков пат, далеку од моите најблиски. Но, дефинитивно вреди. Кога би можела повторно да избирам, со сигурност би го избрала овој пат. Русија изобилува со можности, како што се стекнување извонредно образование, пракса, врвна диплома, сигурна работа, но најважно од сè, станувате храбра личност со свој став и силен карактер.