Според неодамнешниот избор на порталот
World Travel Awards, рускиот убавец,
Санкт Петербург, е прогласен за најдобра културна дестинација на светот. Овој град, што е значаен за историјата на земјата и втор по големина во Русија, е релативно млад. Основан е во почетокот на 18 век. За неговиот настанок заслужен е царот Петар Велики, кој го изградил и го прогласил за престолнина, со важност до Октомвриската револуција.
На барање на царот, во градот дошле најдобрите архитекти од цела Европа, за да го изградат еден од најмодерните и најубавите градови во светот. Повеќето од градбите потсетуваат на тие во Париз, бидејќи царот бил заљубен во француската престолнина.
Благодарение на сето тоа, наскоро градот го украсиле бројни цркви, палати и музеи, а по падот на Советскиот сојуз, расте бројот на посетителите, од година во година.
Доколку патот или желбата ве однесат во овој бајковит град, потрудете се да ги посетите овие места:
Казанската катедрала
Ова ремек-дело на неокласицизмот, чиј автор е архитектот Андреј Вороникин, би било жалосно да го пропуштите. Катедралата е изградена во 19 век, а за време на комунизмот служела како музеј, но првобитната намена ѝ била вратена во 1992 година.
Александрински театар
За да го доживеете во полн сјај, посетете некоја оперска или балетска претстава и приредете си уживање за сите сетила!
Гробиштата Тихвин
Русија е најплодното тло за уметници, а едни од најславните, Достоевски, Набоков и Чајковски, живееле во Санкт Петербург, каде што се и погребани, па доколку сакате да им оддадете почит, посетете ги гробиштата Тихвин.
Музејот Кунсткамера
Најстариот музеј, што го основал царот Петар Велики во 1714 година. Станува збор за етнолошки и антрополошки музеј, преполн со необични експонати.
Бели ноќи
Доколку патувате во месец јуни, не го пропуштајте Фестивалот на белите ноќи. Заради географската локација, во јуни во градот речиси и да нема мрак, а од мај до јули се одржува фестивал преполн концерти, огномети, богати содржини...
Релаксација во Марсовиот парк
Паркот што е наречен по името на познатиот римски бог на војната се наоѓа во срцето на градот. Станува збор за зелена оаза со магична привлечност, па многу е веројатно дека штом еднаш влезете, нема да ви се излегува оттаму.
Крстосувачот Аурора
Во бродот-музеј Аурора, можете да научите сè за руската воена историја. Бродот е закотвен во реката Нева.
Ермитаж
Еден од најславните и најголемите музеи во светот. Едноставно, неодминлив дел од градот. Ако дојдете во Санкт Петербург и го одминете Ермитаж е исто како да отидете во Рим и да не го посетите Ватикан.