X
 09.11.2021 Живот

Поранешниот лидер на Северна Кореја киднапирал јужнокорејска актерка и режисер: За 2 години снимиле 17 филма

Јавноста многу малку знае за поранешниот севернокорејски лидер Ким Џонг-ил. Ретко се појавувал, уште поретко зборувал во јавноста, а имал огромна љубов кон филмската уметност.

Неговата опседнатост со филмови отишла дотаму што решил да ги киднапира најпознатата јужнокорејска актерка од тоа време, Чои Ју Хи, и нејзиниот сопруг, режисерот Шин Санг Ока, принудувајќи ги да снимат дури 17 филма.

Овој уметнички пар се сметал за еден од најмоќните во златната доба на корејската кинематографија, во 60-тите години на минатиот век. Нивната слава веќе била разнишана во доцните 70-ти. Нивниот брак се распаднал бидејќи Шин почнал афера со помлада актерка, а Чои сериозно се борела да најде ангажман во текот на тие години.

Во 1968 година таа добила понуда за работа во Хонгконг и одлучила да отпатува, но не ни можела да претпостави што се крие зад оваа примамлива понуда.

Пристигнување во Северна Кореја



Понудата ѝ ја испратиле агенти од Северна Кореја. Кога пристигнала во Хонгконг, била киднапирана и со брод била однесена во Северна Кореја. По пристигнувањето во оваа земја, на пристаништето била пречекана како голема ѕвезда, а добредојде ѝ посакал и Ким Џонг-ил.

- Ми ја стегна раката и ми рече: „Благодарам што дојдовте“ - раскажа во еден документарец.

Во тоа време Ким Џонг-ил бил главниот човек задолжен за пропагандата во Северна Кореја, а неговиот татко Ким Ил-сунг сè уште бил на чело на државата.

Бил голем филмофил, а љубовта кон оваа уметност ја трансформирал во книгата „За филмската уметност“, која ја објавил во 1973 година. Тој наводно имал повеќе од 30.000 филма во неговата колекција, од кои многу биле со порнографска содржина.

Во тајните снимки што ги снимила Чои за време на нејзиниот престој во Северна Кореја се открива дека лидерот бил разочаран од филмовите во Северна Кореја и љубоморен на оние што се снимаат во соседната земја.

- Затоа што сите наши филмови немаат никаква врска со идеолошка основа. Во нив нема ништо иновативно. Зошто имаме толку многу сцени во кои се плаче, секој наш филм има вакви сцени. Овие не се сцени со погреб. Ниеден наш филм не бил на фестивал - биле коментарите на Ким во едно од тајните видеа што ги снимила актерката.

Овие снимки се едни од ретките на кои се слуша гласот на Ким, со оглед на тоа што за разлика од неговиот татко, ретко зборувал во јавноста.

Ким очајно сакал неговата земја да освои филмска награда, а како идеален кандидат за режисер бил токму поранешниот сопруг на Чои, Шин. Севернокорејските агенти го однеле по само неколку месеци од пристигнувањето на Чои.

Состанок на поранешните сопружници

Никогаш не било откриено дали и тој бил киднапиран или дошол доброволно. Еднаш се обидел да избега од Северна Кореја, но бил фатен и испратен во работен логор каде што поминал извесно време.

Чои и Шин биле држени пет години во заробеништво без да знаат еден за друг дека се во иста земја. Шин поминал време во логорот, а актерката била во изолација. Конечно, во 1983 година, Ким ги поканил поранешните сопружници на неговата роденденска прослава за повторно да ги спои. Таа во својата исповед ја опиша оваа средба како многу емотивна и шокантна. Парот немал многу време за сумирање на впечатоците бидејќи Ким ги принудувал да снимаат филмови во земјата со забрзано темпо.

- За две години и три месеци снимивме 17 филма. Спиевме неколку часа навечер, работевме по цел ден и цела ноќ - изјави Чои.

Кин не ги принудувал актерката и режисерот да снимаат пропагандни филмови во кои се промовираат земјата и лидерот. Наместо тоа, сакал филмови што би можеле да се прикажуваат на филмските фестивали низ светот. Некои од нив учествувале на фестивали во земјите од источниот блок.



- Ги гледав повеќето од тие филмови и можам да кажам дека се забавни. Не се тешки за гледање. Има многу романтични сцени, нема пропаганда, ликовите се хуманизирани, подобро ја разбираме нивната психа - вели Сук Јанг Ким, професор на Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес.

Бегство и азил

Чои и Шин отпатувале на Европскиот филмски фестивал заедно со севернокорејски агенти. Тие престојувале во хотел во Виена, по Берлинскиот филмски фестивал на кој учествувале. Го искористиле моментот на невнимание на агентите, влегле во такси и отишле во американската амбасада, каде што побарале азил. Таму живееле до 1999 година, кога се вратиле во Јужна Кореја.

- Ким беше многу бесен, беше огорчен бидејќи го изневерија. Сите нивни филмови беа повлечени од телевизија, нивниот лик не можеше да се види никаде на друго место - раскажува професорот Сук Јанг Ким.

Шин починал во 2016 година во Јужна Кореја, а Чои починала две години подоцна.

Извор: Telegraf.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот