X
 09.12.2024 Живот

Оваа земја бара над 40 лични податоци од туристите при резервирање сместување

Од 2 декември хотелите и туристичките компании во Шпанија почнаа да собираат подетални информации од своите гости кога резервираат сместување или изнајмуваат автомобили.

Ова е дел од новата регулатива претставена од шпанските власти во борбата против организираниот криминал, која предизвика бура од реакции во туристичката индустрија.

Според новите правила, туристите ќе треба да дадат повеќе од 40 лични податоци при резервирање сместување, додека оние што изнајмуваат возила ќе треба да остават повеќе од 60 информации. Покрај веќе задолжителните информации како име, пасош или лична карта и е-пошта, туристите сега ќе треба да дадат информации за нивната домашна адреса, телефонски број, информации за начинот на плаќање, како и информации за семејните односи со лицата со кои патуваат.

Овие податоци ќе се чуваат на платформата под надзор на шпанските безбедносни служби. Казните за туристичките субјекти кои нема да ги почитуваат новите мерки ќе изнесуваат до 30.000 евра, што дополнително ја зголемува загриженоста кај хотелиерите и сопствениците на туристички агенции.

Претставниците на туристичкиот сектор изразија незадоволство од новите правила, посочувајќи дека ваквиот начин на собирање податоци може негативно да влијае врз искуството на гостите, па и да ги обесхрабри да ја посетат Шпанија.

Но властите тврдат дека овие мерки се неопходни за да се зголеми безбедноста и да се намалат криминалните активности во земјата, вклучително и островските дестинации како Балеарските и Канарските Острови.

Како оваа одлука ќе влијае врз туристите?

ЦЕХАТ, водечка шпанска хотелска асоцијација, успеа да го одложи воведувањето на законот, кое првично беше закажано за јануари 2023 година.

Од ЦЕХАТ нагласуваат дека новите регулативи ќе значат покомплексни административни процедури, со што ќе се загрози искуството на посетителите. Туристичките агенции сметаат дека овие процедури ќе ја загрозат приватноста на луѓето и ќе додадат бирократски товар.

Тоа може да доведе до зголемување на работното време поради сложеноста на работата, а како последица на тоа, зголемување на цените на аранжманите за патниците.

Европската асоцијација на туристички агенции и туроператори (ECTAA) и шпанската групација на туристички агенции АКАВЕ предупредија на сериозни последици врз европскиот туристички пазар и заштитата на личните податоци на патниците.

Како ова се разликува од другите земји на ЕУ?

Во другите земји на ЕУ хотелите и другите форми на сместување имаат обврска да ги проверат пасошите или личните карти на гостите.

Во неколку земји, вклучително Хрватска, Италија и Германија, информациите што вклучуваат имиња, податоци за контакт и идентификациски броеви мора да се пријават кај властите.

Извор: Euronews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот