Небото над Стимбоут Спрингс, Колорадо, САД, беше целото обоено во црвено завчеравечер во рамките на градскиот годишен зимски фестивал, откако беше истрелан најголемиот огномет на светот.
За спектаклот биле употребени 1.270 килограми пиротехнички средства. Со брзина од речиси 500 километри на час биле исфрлени до висина од 671 метар во воздух, по што се случила експлозијата. Проектот е на компанијата „Стимбоут фајрворкс“.
- Вложивме стотици часови во овој проект и сметаме дека месеците што следуваат ќе уживаме во плодовите на овој успех - рече Тим Борден, раководител на проектот и финансиер.
Претставник на телото што ја уредува Гинисовата книга на рекорди присуствуваше на настанот и им врачи сертификат на Борден и тимот за постигнат рекорд. Тие истакнаа дека веќе седум години се обидуваат да го соборат рекордот, па сега конечно успеале.
- Кога размислувате за физичките пропорции, за испраќање тон од што било во воздух со цел експлозија, потребно е добро осмислување - додава Борден.
Претходниот светски рекорд е поставен во Обединетите Арапски Емирати во 2018 година, при што беа употребени 1.087 килограми огномет.
Извор: МИА